Сексуалната ориентација и родовиот идентитет најчести основи за дискриминација изминатиов период

0
72

Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се најчестите основи за дискриминација во периодот од јули до септември годинава. Покрај нив, податоците покажуваат дека исто така чести основи за дискриминација се и здравствената состојба, родот и расата.

Ова се податоците од најновиот тримесечен информатор на Мрежата за заштита од дискриминација.

Таму се посочува дека најголем број од случаите на дискриминација се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар.

„Нееднаквиот третман кон определено лице или група на лица поради нивните лични карактеристики претставува дискриминација. Основите, видот и областите во кои дискриминацијата се забранува најдетално се опфатени со Законот за спречување и заштита од дискриминација, информираат од оваа мрежа“, велат од Мрежата.

Од вкупно 35 случаи на дискриминација во овој период, дури 17 од нив се преку социјални медиуми. Во областа на здравството биле пријавени 4 од случаите, по 2 во областа на работните односи и пристапот до добра и услуги, додека 3 случаи на дискриминација биле пријавени во други области.

Од Мрежата против дискриминација се децидни дека прифаќањето на различностите и заштитата од дискриминација се многу важни за напредокот на секое општество.

„Од овие причини, Мрежата за заштита од дискриминација ги набљудува случаите на дискриминација, активностите на државата и останатите здруженија на граѓани во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација. Информаторот ги прикажува податоците од набљудувањето во текот на едно тримесечје“, велат оттаму.

Меѓудругото, Мрежата одделно известува за еден од случаите, каде Основниот граѓански суд Скопје утврдил дека одредена приватна компанија не му го продолжила договорот на вработено лице.

Причината за тоа бил неговиот здравствен статус, односно станувало збор за лице кое подолго време се лекувало од зависност од дрога.

„Дискриминацијата е извршена со непродолжување на договор за вработување на лицето откако работодавачот дознал за здравствениот статус на вработениот. Состојбата на опијатна зависност е долгорочна хронична болест која слично како и другите хронични болести бараат долготрајно лекување“, велат од Мрежата.

Тие во меѓувреме посочуваат дека вработениот совесно, професионално и навремено ги извршувал своите работни задачи и неговата здравствена состојбата воопшто не го попречувала во извршувањето на работата.

Дополнително, тие велат дека предрасудите на работодавецот кон луѓето кои употребуваат дроги биле пресудни за непродолжување на договорот за вработување.

Информаторот на Мрежата се објавува на секои три месеци, но и на годишно ниво каде подетално се информира јавноста во однос на пријавените случаи на дискриминација.

Автор: Маја Терзиова