Спас од заборав на важни женски приказни – идејата зад „Нашиот пат“

0
160

Водич во локалната историја на жените од македонското минато во кој се опфатени 25 женски портрети, вака може да се сублимира концептот позади книгата „Нашиот пат“ која неодамна им беше претставена на македонската публика.

Портретите во книгата која е креација на Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска и Ивана Драгшиќ се географски мапирани во големите и малите градови во Македонија, но и на места кои се заборавени, а сепак содржат траги значајни за колективното минато.

Во издание на женската организација „Тиииит!Инк.“, „Нашиот пат“ се работела во услови на пандемија во 2020 и 2021 година. Но, подетално за тоа како се работела, што опфаќа, од каде е инспирацијата, и колку се третираат родовите теми на домашната книжевна сцена, ПИНА разговараше со Ивана Хаџиевска, една од авторките на книгата.

Што претставува „Нашиот пат“ и за што се однесува книгата?

Секој портрет е поврзан со по една локација која претставува важна точка од животот на жените. Опфатени се седум македонски народни хероини од антифашистичката и народноослободителна борба, жени од областа на хуманитарната работа, првите индустриски работнички во Скопје, учеснички во важни настани од националната историја, жени од областа на науката и образованието, од областа на различните сфери на културниот и уметничкиот живот и архитектки и визионерки на модерно Скопје. Како авторки сметавме дека е важно да се пронајдат вистинските наративни модалитети и да се опфати историјата и современата реалност на сексуалните работнички и трансродовите лица.

Од каде произлезе инспирацијата за нејзино создавање?

Секоја од нас, авторките на книгата, поединечно би можела да издвои различна и лична инспиративна нишка, во зависност од своето истражувачко, активистичко или професионално поле на работа. Но, кога се обединивме да работиме заеднички на „Нашиот пат“, епистемолошки бевме поттикнати од родовите карактеристики на политиките на сеќавање и начините на кои функционира заборавот кон жените во историјата. Сакавме проблемот да го испитаме во локалниот контекст.

Колку долго се работеше на книгата и на кој начин?

Оваа публикација е иницирана во 2020 година и е издание на женската организација Тиииит!Инк. од Скопје, во склоп на партнерскиот проект „Жени за жени“ (Women on women – WoW Project), спроведен со сестринските организации од Љубљана (Mesto Žensk) и од Загреб (VoxFeminae). Книгата се работеше во текот на 2020 и 2021 година, вклучително и под условите на светската пандемија, што влијаеше врз начините на работа и осмислувањето на методолошката рамка за составувањето на биографските портрети и соодветните географските локации.

Освен работа со извори и литература достапни на дигитални библиотечни или архивски бази, моравме да консултираме и живи сведоци (онаму каде што тоа беше можно), кои не збогатија со усни извори, а на одредени места беше потребно да се посетат самите локации и да се изврши теренско истражување. Еден аспект од истражувањето кој ми остави длабок впечаток е потребата на групите граѓани да ја чуваат и негуваат локалната историја на неформален начин – како контрапункт на инертноста, материјалната и ресурсна запуштеност или понекогаш флагрантната негрижа на институциите во оваа област.

Така, многу често моравме да стапуваме во контакт со овие „мнемонички воини“, кои понекогаш се единствен извор на податоци, на пример за авторството на одреден споменик, историјата на некое училиште или стара зграда, чувари и споделувачи на фотографски и стари семејни материјали или пак аматери-хроничари на градската историја. Нашиот истражувачки метод имаше за цел да ги стави овие извори во рамка на историјата на жените, но не како приказна само за половина од населението, туку како дел од официјалниот наратив за нашиот национален удел во човечката цивилизација.

Дали би можеле да издвоите една од 25-те приказни која можеби ви оставила најголем впечаток и зошто?

Секоја од 25-те приказни содржани во книгата е фасцинантната на свој начин и веројатно читателите/-ките ќе бидат привлечени кон некоја од приказните согласно субјективното чувство, затоа не би сакала ни малку да наметнам некој свој интерес. Точката што можеби ги поврзува жените од различни хронолошки, политички и географски контексти е токму елементот на новаторството: најчесто станува збор за жени кои биле пред времето, па со своите активности и работа, без разлика на обемот, правеле напредок во заедниците во коишто живееле.

Колку се третираат родовите теми на македонската книжевна сцена?

Сметам дека родовите теми може да ги пронајдеме и во самите почетоци на македонската книжевност, но доколку се мисли на присуство на аспекти кои родово го димензионираат наративот и неговите субјекти и објекти, тогаш последната генерација автори и авторки направи голем скок напред.

Како прва и актуелна асоцијација ми се јавуваат книгите на Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Калиа Димитрова… – секој/-а со различен пристап на опишување и соопштување на интимното, телесното, абјектното (и оп, – веќе по третата придавка не сме во епските или битовите сентиментални теми – типични за поголем дел од предходните етаблирани генерации автори).

Ако пак прашањето се однесува на родовите теми во пошироката книжевна сцена, тогаш значајно е да се спомени платформата медуза.мк околу која се берат современите критички и експлицитно феминистички гласови и „пера“, или пак акцијата „Сподели авторка“ предводена од Сара Миленковска и Влора Речица чија цел е зголемување на видливоста на авторките помеѓу читателската публика.

Колку е различна позицијата на жената од минатиот век и денес?

Во текот на 20 век во светот и кај нас под дејство на процесите во економијата како и руптурите настанати со Втората светска војна, настанале иреверзибилни модернизациски процеси во однос на семејството и позицијата на жената во домот и општеството. На нашето поднебје, по 1945 година и настапувањето на сцена на социјалистичкиот општествен поредок, жената, како учесничка во антифашистичката борба и учесничка во државотворните процеси, се стекнала со политички и работнички права, иако еманципацијата на населението генерално бавно напредувала и зависела од културните и образовните процеси спроведувани од државата „од горе“, која целела да го создаде „новиот социјалистички човек“.

По промената на уредувањето од социјалистичко во капиталистичко во 1990те години и настапувањето на современите културни и социјални појави во 21 век, кај нас настанаа интересни процеси, во теоријата познати како „репатријархализација“. Поимот го означува враќањето на парохијалните и конзервативните погледи на светот, но во ново руво, главно омеѓено со силен националистички набој и голем економски јаз помеѓу населението. Тоа значи дека правата на луѓето зависат од привилегиите кои ги имаат/немаат.

Позицијата на жените во општеството е многу променета споредено со поранешните историски периоди. Но, како историчарка морам да забележам дека со секој прогрес, следи и голема и жестока реакција која бара работите да се вратат „како порано“. Затоа, познавањето на историјата на жените, посебно во локалниот контекст, е од големо значење за препознавање на „реакцијата“, но и за емпатично разбирање на моменталните проблеми и предизвици на жените на колективно ниво, како и за да не се земаат здраво за готово скоро извојуваните борби за напредок.

Која е пораката која ја испраќа „Нашиот пат“?

Со чувањето од заборав на историските искуства на групи кои слабо биле вклучувани во официјалните наративи, се зголемуваат шансите за културен и цивилизациски напредок.

Автор: Кристијан Трајчов