Алармирачки број на инциденти по основ на етничка припадност се регистрирани во Годишниот извештај за криминал од омраза подготвен од Хелсиншки комитет за минатата година. Од вкупниот број на регистрирани инциденти на ниво на целата држава дури 86 проценти се однесуваат на етничка припадност.
„Скоро инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци. Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција (освета) поради претходен инцидент, Најчесто, еден инцидент ги исполнува битијата на две или повеќе кривични дела, па од тие причини бројот на кривични дела не соодветствува со бројот на инциденти“, се вели во извептајот.
Хелсиншки комитет го објавува Годишниот извештај како единствена граѓанска организација која редовно го информира ОБСЕ/ОДИХР за ситуацијата со делата од омраза во земјата и тоа на Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, 22 јули.
Тие, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година регистрирале вкупно 159 инциденти и дела од омраза. Инцидентите се регистрирани веднаш откако биле пријавени од страна на медиумите или Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број регистрирани инциденти, потврдени се 33 инциденти (20%), додека 126 инциденти (80%) остануваат непотврдени.
„Како непотврдени дела од омраза, во најголем дел остануваат оние инциденти кај кои во согласност со другите индикатори постои разумно верување дека се сторени поради етничката припадност на жртвата односно сторителот. И покрај нашите барања упатени до МВР за потврда дали етничката припадност како индикатор е присутна кај овие инциденти и дела, таква потврда од таму не добивме“, велат од Хелсиншки комитет.
Во 2019 година, дела од омраза се сторени поради етничка припадност (84,9%), политичка припадност (9,4%), статус на мигрант/бегалец (1.2%), религија и верско уверување (1.2%), националност (1.2%), сексуална ориентација/родов идентитет (1.2%), и раса (0.9%).
Најголем број од инцидентите или 136 (85,5%) се регистрирани во Скопје и околните општини. Во Тетово се регистрирани 6 инциденти, 7 инциденти во Куманово, 4 инциденти во Гостивар, 2 инциденти во Битола и Струга и 1 инцидент во Велес, Гевгелија, Охрид, Вевчани, Штип, Виница, Ресен и Македонска Каменица.
„И оваа година, инцидентите во Скопје и околината вклучуваат напади помеѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница, како и оштетување на имотот на политичките партии. Процентуално овие инциденти најмногу се застапени на ниво на полициските станици во општина Центар со 22% и општина Аеродром 18%, понатаму вакви инциденти се регистрирани и во подрачјето на полициските станици на Бит Пазар 17%, Гази Баба 14%, Чаир 10%, Карпош и Ѓорче со 6,5%, Кисела Вода 4% и Сарај 2%“, се вели во извештајот.
Мнозинството од наведените кривични дела вклучуваат: Насилство (115), Оштетување на туѓ имот (16), Телесна и Тешка телесна повреда (16), Предизвикување национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост (12), Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (2), Разбојништво (2) и Загрозување на сигурноста (2).