Дискриминаторските содржини тешко ги напуштаат учебниците

0
648

Ревизијата на учебниците за содржините кои имаат дискриминација е во застој, бидејќи не е ниту започната, велат организациите кои работат на ова поле за ПИНА. , ,,Јавноста се манипулира и залажува дека работите се менуваат, се ветува дека препораките се прифатени и учебниците ќе се сменат, а тоа фактички не се случува”, велат тие.

,,Наркоманот е апсолутно саможив, нему никој не му е потребен, освен дрогата и самиот акт на дрогирање, при што ги напушта сите форми на човечки релации…“

,,Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела”

Ова се само дел од содржините кои учениците ги читаат во учебниците во основното и средното образование. Содржини кои омаловажуваат одредени маргинализирани групи или пак ја стереотипизираат улогата на жената во општеството, се уште се дел од образовниот систем во нашата држава.  Министерството за образование и наука со години наназад ,,прави“ сеопфатна ревизија на учебниците, но тоа прашање според оние кои работат во проблематиката, засега не се прави квалитетно.

Создавањето квалитетни и современи учебници за основното и средното образование е далеку од реалност, велат познавачите. Од Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација сметаат дека ревизијата на учебниците во делот на содржини кои имаат дискриминаторски елементи е во застој, бидејќи според нив таа не е ниту започната.

„А зошто не е започната треба прецизни одговори да добиеме од Министерството за образование и наука и Педагошката служба. Овие институции и со закон и со повеќе стратешки документи се обврзаа дека ќе започнат ревизија. Но, досега не постои нити еден учебник кој е целосно ревидиран, модернизиран, објавен и дистрибуиран во образованието. МОН отвора процеси за ревизија на учебници, но истите не резултираат со современи учебници без дискриминација, нити се почитуваат препораките на здруженијата, Народниот правобранител и други домашни и меѓународни тела.

Фото: Жарко Чулиќ

Она што го имаме забележано во постапката за измена на учебници по наша претставка до Народниот правобранител е дека МОН го известува Народниот правобранител дека ја прифаќа препораката и формира комисии кои треба да ги изменат учебниците. Потоа Министертвото бара од авторите да се произнесат по учебникот и да ги променат деловите кои они сметаат дека се спорни. Во овој момент се негира препораката на Народниот правобранител, а авторите, истите оние кои ги напишале тие дискриминаторски, шовинистички, расистички и хомофобични содржини, предлагаат измени кои немаат врска со препораката“, вели Елена Петровска од Мрежата за заштита од дискриминација за ПИНА.

Таа потенцира дека не може да се очекува од автори кои сѐ уште ги имаат истите ставови, наеднаш да станат сензитивни, добро информирани па сами да ги повлечат содржините. Крајниот резултат вели, се измени во учебници кои немаат врска со примарните дискриминаторски текстови, а многу често нити овие измени не се дисктрибуираат или препечатуваат, за што како пример го посочува учебникот по Етика за трета година средно образование.

„Доколку постапката за ревизија не завршува со издавање на современ учебник без дискриминација, ова значи дека постапката е нецелисходна, во која само се губат ресурси и време. Во анти-дискриминационото право не постојат оправдувања за директна дискриминација и вознемирување, оттука, несоодветните законски решенија не можат да бидат прифатлива причина. Ако законот не е добар треба да се смени, ако авторите не се стручни и имаат дискриминторски ставови и тие треба да се сменат. Начин мора да се најде, а и не е толку тешко да се најде ако навистина се има волја да се модернизира образованието“, додава Петровска.

Таа додава дека Законот за учебници е неопходно да се промени, па обврските за недискриминација да се внесат и во овој закон и да се предвиди задолжителна ревизија од стручни лица од аспект на еднаквост и недискриминација. „Но, иако неколку години по ред во програмата на Владата е предвидено да се промени овој закон, МОН сѐ уште го одолговлекува процесот“, вели Петровска.

МОН: Ревизијата е континуиран процес

Дека ревизијата на учебниците и создавањето квалитетни образовни не е некоj врвен приоритет покажува и инертноста во одговорите на нашите прашања на темата од страна на надлежното министерство. Одговорите едвај ги добивме по бројни повици и чекање од повеќе од 20 дена, но истите повеќе се фокусирани на бирократските процедури отколку на суштината. Ревизијата на учебниците и наставните планови од аспект на недискриминација, според Министерството за образование и наука е континуиран процес и се спроведува и од страна на Бирото за развој на образованието и од страна на Центарот за средно стручно образование и обука, како надлежни институции за носење на новите планови и програми. „Педагошката служба, согласно надлежностите според Законот за учебници за основно и средно образование, се вклучува во процесот за одобрување, превод и печатење на учебниците’’, велат оттаму.

Оттаму велат дека засега само кај два учебника се утврдени дискриминаторски содржини и истите се повлечени од употреба. Тие анализирале уште 14 учебници и кај истите не констатирале дискриминаторски содржини во текстот. Но дали анализите се правилни и дали учебниците кои имаат проблематични содржини, се целосно извадени од наставата или пак се присутни преку наставниот план? Во МОН прашавме за два учебника за кои досега имало силни реакции за содржините во јавноста. Едниот – Општество за четврто одделение е повлечен од употреба, но на негово место се уште нема нов учебник. Вториот, Етика за 3-та година во средното образование, се уште се користи во наставата, велат оттаму.

Организациите кои со години работат на оваа проблематика велат дека досега тие имаат забележано дискриминација во повеќе од 30 учебници. Од Коалицијата Маргини почнале со учебниците од високо образование, каде има најмногу дискриминација кон ЛГБТИ, луѓе што употребуваат дроги, луѓе што живеат со ХИВ и сексуални работници.

Фото: Fabian_Thüroff

„Потоа утврдивме и дека учебниците по основно и средно образование, дополнително содржат стигма и дискриминација кон жените, Ромите, помалите етнички малцинства, еднородителските семејства и другите форми на неконвенционално семејство. До сега ние имаме забележано дискриминација во повеќе од 30 учебници. Но, сметаме дека не се само овие, туку ова се учебниците кои здруженијата ги пронашле и кои содржат најзастрашувачки содржини. Не постои учебник во Северна Македонија кој има современа содржина, соодветна репрезентација на сите општествени групи и не содржи родова дискриминација“, вели Стефан Богески од Маргини за ПИНА.

Авторите кои напишале дискриминаторски содржини, сами треба да ги подобрат?

Според сегашната постапка за измени на проблематичните содржини во учебниците, ако се констатира дека во одобрените учебници се потребни одредени исправки од стручен, методолошки или технички аспект, а истите не претставуваат повеќе од 30% од содржината на учебникот, Педагошката служба доставува барање до издавачите, односно авторите да предложат исправки и/или дополнувања во текстот на учебникот во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето.

,,Директорот на Педагошката служба формира комисија за давање на мислење по доставените предлози за исправки и/или дополнувања. Комисијата мислењето го доставува најдоцна во рок од 15 дена, од денот на нејзиното формирање, до директорот на Педагошката служба. Ако комисијата даде позитивно мислење, министерот донесува решение со кое потврдува дека продолжува да важи одлуката за употреба на учебникот. Врз основа на решението од издавачот е должен да го издаде учебникот со исправките или дополнувањата или да испечати додаток на учебникот во кој се содржани исправките односно дополнувањата на сите јазици на кои е издаден учебникот,” велат од МОН за ПИНА. Ако пак издавачот, односно авторот не постапи согласно насоките, одобрението за употреба на учебникот се одзема.

Организациите пак токму ова го гледаат како проблематично, бидејќи се сомневаат дека може да произлезат квалитетни учебници од автори кои веќе внеле такви проблематични содржини во образованието.

Елена Петровска од Мрежата за заштита од дискриминација за ПИНА вели дека забележале дека по нивна претставка до Народниот правобранител, МОН го известиле Народниот правобранител дека ја прифаќа препораката и формира комисии кои треба да ги изменат учебниците.

Тие бараат ревизијата на учебниците, особено во делот на дискриминација да започне веднаш, но овој пат без да се крие недостатокот на волја и знаења зад законските решенија. Сметаат дека МОН треба да започне да соработува со здруженијата и со просветните работници, како и да работи потранспарентно и поотчетно.

„Прво, бараме да се постави компетентен министер кој ќе остане еден цел мандат. Потоа бараме да се обезбеди соодветен буџет за модернизирање на образованието. Неопходно е стратешки и далекусежно да се планира доколку сакаме позитивни резултати. Компетентни кадри во МОН и останатите образовни институции треба да ја одржуваат институционалната меморија и континуирано да работат кон поставените цели. Во образованието не се можни моментални резултати од преземени мерки, мора да се размислува сеопфатно и континуирано да се инвестира. Исто така, бараме да се изменат Законот за средно образование, Законот за учебници и Законот за високо образование, во однос на еднаквоста и недискриминацијата“, додава Богески.