Дисциплински постапки добија 11 полициски службеници од СВР Велес, откако кај нив беше утврдено дека не постапиле целосно и согласно процедурите по дел од пријавите што Росица Коцева од Велес претходно ги поднесувала против својот поранешен партнер Илија Стефановски. Но и покрај бројните претходни пријави, наместо институциите да ја заштитат, Росица беше убиена на крајно трагичен начин, заедно со нејзиниот татко, Киро Коцев. Основното јавно обвинителство Велес потврди дека против Стефановски уште од почетокот на годината биле поведени повеќе постапки за закани и насилство, иако веќе постоела изречена судска мерка за забрана за приближување.
Овој случај повторно го отвори прашањето за ефикасноста и одговорноста на институциите во справувањето со родово базираното насилство во Македонија.
Државните инситуции не ги штитат жртвите од семејно и родово базирано насилство
Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа за крај на насилството врз жените вели дека овој случај уште еднаш покажува дека институциите реагираат доцна и половично, со што директно се доведува во прашање животот на жртвите.

„Колку и да постојат закони и механизми на хартија, тие не ја исполнуваат својата смисла ако не се применат веднаш и ако нема вистинска процена на ризик“, предупредува Аврамоска Нушкова.
Според неа, самиот факт што МВР мораше да спроведе внатрешна контрола и да отвори дисциплински постапки против свои вработени зборува дека постоеле сериозни пропусти во постапувањето.
„Ние веруваме дека имало јасни сигнали на насилство и опасност кои не биле сфатени сериозно. Трагедијата е последица на еден систем во кој одговорноста се губи меѓу институциите, а жртвата останува сама“ посочува Аврамоска Нушкова.
Како што вели, она што треба итно да се промени е пристапот: жената мора да биде заштитена во моментот кога бара помош, а сторителот веднаш ставен под контрола.
„Секое одложување, секое препраќање од врата на врата ја зголемува опасноста. Потребно е постапување со должно внимание на секој професионалец кој е надлежен во овие случаи, а институциите да ја преземат одговорноста како би можело да се обезбеди сигурност и доверба за жртвата. Само така ќе спречиме нови фемициди што, како и овој, можеле да бидат избегнати“ додава таа.
Правничката Сузана Јошевка Анастасовска, пак, укажува на сериозни пропусти во координацијата меѓу институциите: суд, обвинителство, Центар за социјална работа и полиција.

„Ако судот имал информации дека ескалацијата на насилството се случила по поднесувањето на обвинението, зошто е изречена условна казна, а не ефективен затвор?“ прашува Јошевка Анастасовска.
„Кој и што му прикажал на судот? Што знаел судот, што му било доставено и од кого?“ додава таа.
Според неа, тешко е да се утврди точната одговорност со ограничените информации достапни во јавноста, но очигледно е дека постоеле системски пропусти, особено кога станува збор за недоследното постапување по забраната за приближување и претходните пријави за насилство.
„Зошто обвинителот предложил укинување на мерката забрана за напуштање на живеалиштето, се мисли напуштање на градот Скопје, ако му било познато дека тој веќе ја прекршил таа судска забрана? Дали обвинителството било свесно за сите пријави, а особено за пријавата во ОЈО Скопје? Дали сите знаеле сѐ? Од одговорите на овие прашања може да се утврди дали во сите овие институции затаила заштитата на жртвата или само во некои од нив, па следствено на тоа и да се бара одговорност и промени. Зошто судот дозволил сторителот цели 12 години да врши малтретирање без да биде ставен во притвор, и како е можно да му биде укината мерката за забрана за приближување, и покрај пријавите за закани и насилство? Судот одлучува единствено врз основа на предлог од обвинителот и докази кои ќе му бидат обезбедени од страна на обвинителот. Така што не е прашање што судот дозволил, туку првичното прашање е што судот знаел, што му било познато, што му било обезбедено?“ прашува Јошевска Анастасовска и додава дека ова особено е важно откако стана познато дека жртвата имала полномошник – адвокат во постапката кој даде изјава за медиум дека направил сѐ што можел.
Адвокатката појаснува дека ако станува збор за кривична одговорност, не одговараат институциите, туку одговараат личности кои или ја злоупотребиле својата положба или се однесувале непрофесионално, односно не ги презеле сите механизми кои им стоеле на располагање, а имале сознанија за ризикот и можноста за спречување на последицата.
Росица – хроника на предупредувања што биле игнорирани
Росица неколку пати го пријавувала Стефановски за семејно насилство и закани, вклучувајќи и за непочитување на забраната за приближување. Во мај годинава, тој го запалил автомобилот на нејзиниот татко. На 10 септември бил условно осуден, и покрај сериозноста на делата.
Одделот за внатрешна контрола на МВР утврди дека полицијата не постапила соодветно по дел од пријавите. Во најголем дел случаите биле процесуирани, но внатрешната контрола открила и непочитување на законските обврски во неколку ситуации, што можело да доведе до поинаков исход.
„Системот ја изневери Росица“ – реагираат граѓанските организации
Граѓанските организации меѓу кои Националната мрежа против насилство врз жени, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираа на институционалната неодговорност, барајќи системски реформи и итна одговорност од надлежните.
„Жената мора да биде заштитена во моментот кога бара помош, а сторителот веднаш ставен под контрола. Секое одложување ја зголемува опасноста“, велат од невладините.
Случајот на Росица е трагичен симбол на тоа што се случува кога институциите не ја исполнуваат својата примарна улога – да заштитат живот.
Стотици граѓани претходно под слоганот „Ниту една повеќе“ се собраа пред Министерството за внатрешни работи и пред Собранието на протест поради убиството на младата Росица во Велес, барајќи да не се повтори уште еден ваков случај.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





