Каква е состојбата на терен, колку се почитуваат работничките и професионалните права за оние кои постојано известуваат за правата на луѓето во општеството, колку новинарите и медиумските работници ги уживаат своите работнички права? Истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) покажа дека повеќе од половина новинари земаат плата под просечната во земјава, односно помалку од 37.065 денари, дека новинарите не се чувствуваат безбедни ниту социо-економско сигурни.
Една петтина од вкупно 3.146 анкетирани медиумски работници работат во онлајн-медиуми каде што, според наодите, е и најголем процентот повеќе од 70 проценти на медиумски работници што имаат плати под државниот просек. Од вкупно 1.039 редовно вработени новинари 56% се жени, а од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници 70% се мажи.
„Во онлајн-медиумите 39,1 проценти ги уживаат правата од Законот за работни односи, односно се вработени со полно работно време. Она што стравувавме и имавме првични наоди се покажа како сурова реалност – вработените медиумски работници во интернет-изданијата се само една петина од вкупниот број работни позиции односно над 600 вработени. За жал, само еден од тројца вработени е редовно пријавен на полно работно време, а платите се под државниот просек,“ рече претседателот на ССНМ Павле Беловски соопштувајќи ги резултатите од истражувањето што Синдикатот го спроведува во партнерство со Институтот РЕСИС и со поддршка на Европската Унија.
На конференцијата „Социоекономската сигурност – услов за професионално новинарство“, евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека за новинарите да ја работат својата работа треба да има соодветни политички, економски и општествени услови.
„Круцијално е да имате социоекономски услови кои ќе ви овозможат да се вложите во работата што ја работите, што би значело дека нема секогаш да бидете само на привремени, парцијални договори и да не знаете дали ќе ја имате истата работа и следната недела. Безбедноста, праведните работни услови не се луксуз, тие се неопходни,“ истакна Гир.
Амбасадорот дополни дека во опкружувањето денес и промените што се случуваат, новинарството, за жал, не е привлечна професија за младите, а има и некои кои се привлечени можеби од погрешни причини, како што рече – „не за да ја откријат вистината, туку да извршат некакво влијание“.
Најмладите новинари се и најмалку застапени во медиумите, а малите примања се и главна причина за одлив на новинарски кадар.
„Најголемиот проблем во почитување на работничките права и во социо-економскиот статус кај новинарите се висината на платите односно 55 проценти од новинарите земаат плата под просечната, а кај медиумските работници тој е уште поголем над 70 проценти,“ истакна Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС.
Новинарската професија и тоа како е подложна на поголемо искористување на трудот.
„Кога станува збор за работничките права, Истражувањето покажа дека е доминантно вработувањето на неопределно полно работно време, помал е процентот со определено полно работно време, ангажман што е неповолен и несигурен за работникот и хонорарно ангажирање, како најнеповолен ангажман што не обезбедува речиси никаква заштита на правата од работен однос за кои не може да се даде точната бројка зошто има новинари кои се хонорарно ангажиарани за повеќе медиуми и затоа зборуваме за работни позиции седум проценти кај новинарите и девет проценти кај медиумските работници“, дополни Трпевска.
Повеќе од четвртина од новинарите работат над законски дозволениот лимит работни часови, кај медиумските работници овој процент е помал и изнесува 15 проценти. Околку петтина од сите анкетирани новинари и медиумски работници работат задачи надвор од утврдениот работен опис. Една петтина од новинарите одговориле дека правото на два слободни дена во неделата ретко или никогаш не се почитува.
Во однос на задоволството од работното опкружување 55 проценти од новинарите ја доживуваат работата како стресна, исто така често се жалат на дисбаланс меѓу работата и приватниот живот. Голем дел се незадоволни од висината на личните примања како и од можностите за едукација и усовршување, како и од генералното ниво на слобода на медиумите во земјава.
Маја Атанасова од Здружението на млади правници смета дека е потребна измена и дополнување на Законот за работни односи и Законот за медиуми заради опфат на новинарите и медиумските работници кои се ангажирани со други договори, како и заради опфат на новинарите кои работат во онлјан медиуми. Исто така и измена и дополнување на Законот за медиуми преку зајакнување на постоечките права поврзани со извршување на новинарската професија, но и користење на можноста за доуредување на правата на новинарите и медиумските работници преку користење на правото на здружување во синдикати, колективни преговори и склучување на колективни договори.
„Новинарите ја работат работата од што ја сакаат, за да придонесат за добро на општеството, а не за егзистенција. Доколку не се променат работите и условите во новинарството и останат вакви како што се, ова ќе стане професија во исчезнување за неколку години“, истакна новинарот Мефаил Исмаили.
За 85 проценти од испитаниците редовноста на платите не е проблем, додека на 12% платата им доцнела најмногу до еден месец. Надоместок за прекувремена работа често не им се исплаќа на 38% од новинарите и на 36% од медиумските работници. На 46% од вкупниот број испитаници никогаш или ретко им се исплаќал надоместок за работа во празници.
Ивана Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА