Новинарките секојдневно ги ,,бијат“ туѓите битки, но тивки се и инертни во своите битки. Има случаи на избркани новинарки додека биле бремени, но и такви кои потешко ја добиваат работата од мажите новинари, оти може да планираат дете. Ваквите примери се чести, но новинарките ретко ги пријавуваат и гласно зборуваат. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Синдикатот на новинари и медиумски работници се децидни дека не може да помогнат ако не се пријавува и ако не се зборува гласно.
Ако се подобри квалитетот на животот на жените, ќе се подобри квалитетот на животот на сите. Оваа порака на обвинителката, Ленче Ристоска е многу едноставна, но во својата суштината го крие решението на сите пречки и проблеми кои општеството и системот и ги наметнува на жената во Македонија која „ѓаволски“ тешко се бори да биде и мајка и професионалец кој ќе напредува во кариерата.
Сепак Ристоска тргна во битка со системот и извојува две победи, пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а потоа и пред Управниот суд, откако Советот на јавни обвинители одлучи да не ја унапреди во Вишото јавно обвинителство. Прво, затоа што била многу млада, а потоа затоа што била на породилно отсуство.
За овие победи на обвинителката пишуваа и известуваа медиумите, новинарките. Земаа изјави од обвинителката колку е битна нејзината борба против системот.Но, додека им земаат изјави на другите и ја водат со нив битката, за себе, во своите редакции и во јавноста се тивки и покорни.
Суровоста на системот кон новинарките кои одлучиле да станат мајки, на своја кожа ја почувствувала новинарката Елизабета Дамјаноска Спасеновска. Вели дека во еден медиум каде работела три и пол години, цело време била пријавувана на определено време, односно работела со постојано продолжување на договорите. Но, во шестиот месец од бременоста без никакво предупредување работодавачот на ден пред истекот, одлучил да не и го продолжи договорот.
„Образложението беше дека кратат на кадри, но за да биде иронијата поголема, тие на моето место вработија машко-колега новинар“, вели Спасеновска за ПИНА.мк.
Комисијата за заштита од дискриминација во нејзиниот случај препознала дискриминација како по учебник и по нивна препорака таа била вратена на работното место. Таму останала уште два и пол месеци, се до отворањето на породилното боледување.
„Веднаш штом се породив повторно бев одјавена од фирмата, иако е познато дека трошоците во текот на породилното отсуство се на товар на Фондот за здравствено осигурување, односно Министерството за труд и социјална политика“, вели таа за ПИНА.мк.
Во јавноста и претходно се има појавено случај кога на новинарка не и бил продолжен договорот поради бременоста од еден медиум пред неколку години.
Непријатни прашања уште на интервју
Овие две новинарки кои биле избркани од работа со труднички стомак се најеклатантните примери на дискриминација на новинарки. Но, дел од новинарките уште на интервју за работа се соочуваат со непријатни прашања кои работодавачите не би требало ниту да се да се осмелат да им ги постават.
„Пред околу две години бев на интервју за работа во една новинска агенција, каде ми поставија неколку прашања од типот „дали сум мажена, дали сум верена или дали планирам во скоро време да се мажам“, вели за „ПИНА“, новинарката Теута Бучи.
Новинарката делувала збунета од ваквите прашања, па претставникот на медиумот кој го водел интервјуто и објаснувал дека овие прашања ги поставувале бидејќи жените кои се мажени или имаат деца, биле потешко достапни по работно време.
„Или на пример ако останат бремени ќе треба да отсуствуваат. Затоа обично преферирале да вработуваат мажи новинари“, додава Бучи.
Голем број новинарки во неврзан разговор ќе ви раскажат многу вакви примери со кои се соочиле, но јавно скоро и да не зборуваат за ова, а уште помалку пријавуваат. Го прифатиле како дел од новинарската професија која практично нема работно време, за нив информирањето никогаш не престанува.
Пожарите, несреќите кои ги следат немаат работно време, па за да се изборат за својот напредок мораат да жртвуваат многу, во услови кога не им се почитуваат работничките права и во услови кога на работодавачот не му е важно дали има кој да им ги згрижи децата кога се втора смена или кога работат за викенд.
Ниту една претставка од новинарките
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација досега не добила ниту една претставка од новинарки, односно ниту една новинарка не пријавила дека била дискриминирана на работното место. Единствено Комисијата и дала усни совети и препорака на новинарката Дамјаноска Спасеновска, но нема писмена трага од ова во Комисијата, бидејќи комуникацијата се водела меѓу новинарката и поранешниот претседател на КСЗД, кој потоа си дал оставка.
„Досега немаме добиено претставка за дискриминација на новинарки. Комисијата има постапувано во случаи на дискриминација на бремени работнички на кои не им биле продолжувани договорите за вработување, склучени на определено време, заради нивната бременост. Во неколку вакви случаи Комисијата има утврдено директна дискриминација“, велат од Комисијата за ПИНА.мк.
Пријави и поплаки од новинарките не стигнуваат ниту до Синдикатот на новинари и медиумски работници, организација којаги штити работничките права на новинарите, иако таму неофицијално знаат каква е реалноста.
„Во ССНМ досега не сме добиле преголем број на поплаки поврзани со породилното отсуство без разлика дали се работи за тоа дали се почитува ова право или дали на пример новинарките се дискриминирани по оваа основа уште при вработувањето или во текот на работата. Сепак, анегдотални податоци има, а тие се однесуваат пред се на тоа дека некои од работодавачите ги прашуваат новинарките за тоа дали планираат да формираат семејство и слично“, велат од Синдикатот.
Дури и во едно од поголемите истражувања кое го спровело Синдикатот во 2023 година, 14 проценти од инспитаничките рекле дека секогаш се почитува ова право, односно правото на породилно отсуство, 80 проценти рекле дека ова право се почитува често, додека само два процента се определиле за одговорот ретко.
„Во последните неколку години освен споменатиот случај (со новинарката Дамјаноска Спасеновска) нема некои позначајни случаи кои биле пријавени во ССНМ во однос на ова прашање. За жал, се уште постои некаква апатија и страв од пријавување и борба за правата кои им следуваат на работниците генерално, а во случајов истото важи и за новинарките и медиумските работнички“, тврдат од Синдикатот.
Новинарката Спасеновска,пак, смета дека пријавувањето на овие случаи зависи од познавањето на новинарките на Законот за работни односи, но и од истрајноста и решителноста на мајката која изгубила работа оти била бремена.
Најголемиот проблем таа го гледа во договорите на определено време кои се од голема корист за работодавачите, а на штета на вработените.
„По истекот на договорот, работодавачот не трпи последици доколку одлучи да не го продолжи договорот на вработената, откако ќе дознае дека таа очекува бебе. Тоа е тоа што ги обесхрабрува бремените жени да продолжат да се борат за работното место“, вели таа.
Договори на определено време
Прво нешто што треба да се промени, според неа е Законот за работни односи којшто им дава можност на работодавачите да го продолжуваат договорот за работа цели пет години.
„Тоа е првото нешто што мора да се промени за да нема злоупотреба со положбата на вработените. И секако, поголема ажурност на трудовиот инспекторат“, вели новинарката.
Од Синдикатот велат дека кога се работи за договори на определено многу е мал правниот маневар кој може да се преземе и новинарките кои се бремени при истек на договорот се наоѓаат во многу неповолна ситуација.
„Зачудува желбата на работодавачите да не ги продолжуваат договорите пред самото заминување на жената на породилно отсуство, бидејќи со тоа тие не губат ништо земајќи предвид дека породилното отсуство го плаќа државата“, констатираат од таму.
Оваа одредба од Законот за работни односи не е сменета уште од 2006 година, иако од тогаш се сменија неколку влади. Недовербата во медиумските организации е друга причина која новинарките ја наведуваат зошто не ги пријавуваат ваквите случаи.
Новинарката Бучи не пријавила какви прашања и поставувале на интервјуто, ниту во Здружението на новинари на Македонија, ниту во Синдикатот бидејќи не верува дека тоа ќе смени нешто или дека тие ќе влијаат на промена на оваа ситуација.
„Ова се проблеми со коишто жените новинарки се соочуваат секојдневно и досега не е преземено ништо од страна на медиумските организации за да им излезат во пресрет на правата на жените новинарки. Јас мислам дека нивната улога би требало да биде клучна во подобрувањето на работничките права на медиумските работници воопшто“, објаснува Бучи.
Таа има впечаток дека новинарските здруженија испраќаат само писмена реакција за проблемите со кои се соочуваат новинарите и после неколку часа се забораваат. Сепак и Комисијата и Синдикатот се децидни дека не може ништо да направат ако новинарките не пријавуваат ако ги избркаат бремени од работа и ако не пријават дека на работодавачот му е битно дали таа ќе се мажи или ќе раѓа.
Податоците од Комисијата за заштита од дискриминација од последните годишни извештаи за 2022 и 2023 година покажуваат дека работата и работните односи се најчестата област во која се пријавува дискриминација. Но, во Комисијата се свесни, иако можеби тоа не се рефлектира или нецелосно се рефлектира во официјалните податоци, дека одредени случаи на дискримианција недоволно се пријавуваат. А тоа се родовобазираната дискриминација на работните места или пристапот до вработување и дискриминацијата врз основа на политичко уверување.
Не може ништо да се направи ако не се пријави
Комисијата ги следи процесните чекори од Законот за спречување и заштита од дискриминација, но она што е специфично за неа е тоашто претставките за родовобазирана дискриминација во областа на работата, Комисијата ги гледа низ призмата на човекови права и доста широко ја толкува забраната за дискриминација, која всушност е содржана и во генералниот закон – Законот за работните односи.
Од Синдикатот пак велат дека на своите членови им дава на располагање бесплатна правна помош.
„Пораката која ССНМ секогаш ја повторува е дека прво мора да се внимава што се потпишува, да се инсистира на договори на неопределено време кои сепак даваат поголема заштита, и најважно од се да пријавуваат. Свеста на работодавачите не може да се промени сама од себе, мора постојано да се прави притисок, да се реагира, да се обелоденува, затоа што преку таквите активности и другите новинарки и медиумски работнички ќе се запознаат со своите права, но и со механизмите на заштита“, апелираат од Синдикатот.
Во случаите на дискриминација како специфична повреда на овие права, потесни надлежности има и Државниот трудов инспекторат, кој врши надзор над применувањето на Законот за работни односи.
Од Комисијата велат дека во оваа област потребна е поголема соработка помеѓу Комисијата и овој инспекторат, но и зајакнување на неговите капацитети за препознавање и постапување во случаи на дискриминација.
Обвинителката Ристоска одлучи својата битка да ја води институционално бидејќи смета дека работодавачите ќе се сменат само ако има институционална реакција.
„Моја порака е секоја жена која се соочува со дискриминација, да ја пријави дискриминацијата и да ја води битката за своите права, бидејќи освен реализација на сопствените права, како поединци сите имаме одговорност и за подигнување на стандардите во општеството во кое живееме“, порачува Ристоска.
Со овие победи таа доби само лична сатисфакција, но им стави прст на чело и на новинарките кои може да го следат овој пример којшто докажа дека битката сепак може да се добие пред институциите.
Авторка: Фросина Факова-Серафиновиќ
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА