Справувањето со булинг бара соодветна поддршка

0
440

Насилството помеѓу учениците (булинг) е честа појава помеѓу младите, која ретко е препознаена како проблем од страна на родителите и наставниците, и оттука отсуствува навремената реакција.

Дури 63% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина, а 67,5% од учениците биле жртва на некаков вид на насилство.

Ова го покажува истражувањето на невладината организација Аналитика која неодамна спроведе истражување во три средни училишта на територијата на Град Скопје (СУГС „Здравко Цветковски”, СУГС „Зефљуш Марку“ и СУГС „Шаип Јусуф”), на репрезентативен примерок од 305 ученици во училишта со мешан етнички состав.

Истражувањето исто така покажува дека со физичко насилство се соочиле 60% од испитаниците, родово базирано насилство 34,4%, психичко насилство 42,6%, социјално насилство 18,7%, електронско насилство 37,4 %, а 25,2% се со соочиле со сите наведени облици на насилство.

Булингот се случува и заради изгледот, потеклото, расата, етничката припадност, сексуалната ориентација.

Она што е исто така алармантно е дека дури 65% од учениците кажуваат дека родителите не се вклучени во решавање на насилно однесување, 59% од учениците сметаат дека постои ниска соработка помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата во кои е спроведено истражувањето.

„За да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата. Потребно е активна влученост на училишните педагози и психолози за подигање на свеста за постоење на насилството. Потребна е едукација на учениците за превенција од насилство.

Клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат поголеми вештини кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.

Работилници и имплементирање на едукативни програми на теми инклузија, толеранција и почитување потребно е да бидат организирани од страна на образовниот систем и училиштата се со цел да придонесат во создавање на пријатна клима без насилно однесување,“ велат од Аналитика како заклучок од истражувањето.

Родителите да обрнат на внимание на децата, за да препознаат булинг

Софија Стојановска, координатор за членство во здружението на граѓани формирано од млади „Младите можат“ за ПИНА, вели дека една од главните теми на кои што работат е менталното здравје и грижата за истото, а булингот има голем удел на менталното здравје кај младите.

„До сега сме имале прилика индиректно да разговараме на тема булинг со младите преку врсничките едукации за ментално здравје. Креиравме дополнителна програма која опфаќа девет различни модули, преку која наставниците ќе имаат можност директно да им помогнат на младите, меѓу кои и за булингот,“ вели Стојановска.

Акцентот, како што вели таа е ставен на превенција и охрабрување на учениците да зборуваат на темата со нивните врсници, родители, наставници и стручни лица, а потоа секако и да препознаат и навремено да реагираат.

„Пред креирање на било која програма, во „Младите можат“ се фокусираме да добиеме што е можно повеќе информации од околината за да имаме можност подобро да ги разбереме младите и нивните предизвици. Преку последната анализа добивме информации дека грижата за менталното здравје на учениците во средните училишта е на незавидно ниво, а со тоа и грижата за превенцијата на булингот,“ додава Стојановска.

Мими Стојановска е мајка на дете кое било жртва на булинг и за ПИНА вели дека веднаш од нејзиниот син била известена за тоа, но откако таа изреагирала кај децата и кај родителите, тој престанал да ѝ кажува, оттука претпоставува дека веројатно имал и дополнителни закани.

„Тогаш почна да се срами, па почна да кажува на баба му, на други повозрасни но потоа повторно се опушти со мене. Тој не знаеше што сум направила, за тие деца да го сменат односот кон него, а јас само разговарав со нив.

Разговорот многу често знае да помогне, со некои деца е потребно еднаш да се зборува, со други повеќе пати, тоа е индивидуално, но е одговорност на нас родителите,“ вели Стојановска

Таа смета дека пристапот е тој, првично разговор родител-дете, а доколку не се успее, тогаш се бара стручна помош.

„Побарав стручна помош првенствено од училиштето, иако закачките во училиште, префрлањата, навредите, се бутнале на физичко и слично, во училиштето на моето дете стручната служба не ги регистрира како булинг, туку едноставно сметаат дека тоа се деца и се закачаат, и оттука, не е разговарано со ниту едно од децата.

Она што пак се случуваше надвор од училиште беше тотално игнорирано, ниту насочуваат каде да се упатиш и во која служба. Државно не сме побарале стручна помош затоа што тоа е нефункционално. Тие служби треба подобро да функционираат и да има полесен пристап до нив,“ вели Стојановска и додава дека не секој родител има можност детето да го носи на психолог приватно, секоја недела.

„Сметам дека децата растат во такво време и модерно општество каде што им е потребна постојана стручна помош. Разговорот со психолог треба да биде достапен за децата во развој минимум еднаш неделно,“ додава Стојановска.

Оваа мајка посочува на честиот проблем, а тоа е неможноста родителите да препознаат булинг, а ниту децата со нив разговараат и кажуваат со што се соочуваат.

„Тука настанува најголемиот проблем, кога нешто се потиснува долго време. Мораме малку да се вратиме на своите деца, не може да ја користиме таа линија на помал отпор и изговори дека сме премногу зафатени, дека постојано работиме за да обезбедиме гола егзистенција за нашите деца, иако тоа не е далеку од вистината, но крајно што ни вреди тоа, доколку децата завршат трагично еден ден, како што сведочиме периодов,“ потенцира Стојановска.

Булингот доведува до низа психолошки нарушувања

Славица Наумовска која 30 години работи како психолог и психотерапевт за ПИНА вели дека функциналноста на двата фактори семејство и училиште треба да е во спрега и е од големо значење за превенција и анулирање на појавата на насилство, особено на врсничкото насилство.

„Навремената и блиската соработка за превенција на родител-училиште-стручна слижба е од особен интерес на ученикот (насилната личност или личноста која доживеала насилство од било која форма). Стручната служба треба да се доживува како безбедно место, односно зона на доверливост, сигурност и безбедност, служба која со својата професионална екипираност реагира и нуди помош,“ вели Наумовска.

Таа додава дека последиците од булингот може да доведат до психолошки нарушувања и зголемен ризик за нарушување на менталното здравје и тоа анксиозност, немир, напнатост, тага, апатија, депресија, бес, раздразливост, хиперсензитивност, чувство на беспомошност, ниска самодоверба, несигурност, безволевост, несоница, губење на апетитот, чувство на вина, интроверзија, губење на интерес за досегашните активности, проблеми при прилагодувањето на училиште, намалување на училишната/работната ефикасност, промени со помнењето и со концетрацијта, нејаснотии и конфузност во мисловниот процес, променливост во расположението, кои можат да бидат краткотрајни или долгорочни.

„Со навремено детектирање на причините за aгресивните реакции и навремено превенирање кај жртвите на булунг, би дошло до надминување на психолошките потешкотии кај адолесцентите. Ученикот кој е жртва на булинг за помош се обраќа до сручната служба на училиштето за психолошка поддршка и советување, се реализира соработка во континуитет со родителите и други членови на семејството, класен раководител, наставници, соученици. Понатамошна соработка може да продолжи да се реализира во релевантни установи кои стручно делуваат врз закрепнувањето на жртвата на булинг,“ додава Наумовска.

Таа додава дека семејството игра голема улога во подигнување на свеста за сериозноста и опасноста од насилното однесување.

Навременото препознавање, независно дали станува збор за врсничко насилство или за некој друг проблем ќе доведе до превенирање, започнувајќи со активно слушање, разговори, барање на стручна помош и соработка со училиштето за советување и психолошка поддршка.

Авторка: Силвана Жежова