Текстилки се жалат на нехумани работни услови – секој трет во секторот има здравствен проблем

0
561

Невралгија и дискусхернија, овие здравствени проблеми ѝ биле дијагностицирани на текстилна работничка од истокот на земјата, по само две години работа во секторот. Работничката, која сведочеше за ПИНА, вели дека проблемите се поради осумчасовната работа во седечка позиција, со 15-тина минути пауза за оброк.

„Ми беше овозможено еднонеделно боледување кое го искористив за физикална терапија. Ефект скоро и да немаше бидејќи веднаш потоа се вратив во истата седечка позиција. Од тогаш не ми е дозволено повторно боледување“, објаснува таа за ПИНА.

Истовремено, таа дополнува дека ова е чест проблем во секторот.

„Фирмата не презема ниту одговорност, ниту иницијатива за подобрување на нашата здравствена состојба“, децидна е работничката.

Заклучена во една просторија со работно време од дури 12 часа, без дозвола ниту за тоалет. Ова пак, е само дел од секојдневието на друга текстилна работничка од Штип, која во текстот е исто така со скриен идентитет, стравувајќи за работното место.

Таа тврди дека во текстилните фабрики се врши мобинг, а за една грешка, вели дека работодавачите казнуваат и до 10% од нивната плата.

„Од 6 до 18 часот сме на работа, тоа се дванаесет часа и никој не ни ја плаќа прекувремената работа. Се врши мобинг, а се завртиш на некоја страна веднаш знаат да ни свикаат , ако отидеш до тоалет два-три пати, знаат да речат ‘А ти каде се шеташ?’, ако најдат грешка нè казнуваат“, објаснува текстилната работничка.

За време на пандемијата со коронавирусот, таа вели дека имало и многу отпуштања во фабриките, но и дека на заболените не им биле платени деновите кои ги поминале дома. Истовремено, во екот на кризата, објаснува дека имало и прекини на договорите за работа и намалување на плати.

Дополнително, соговорничката за ПИНА објаснува дека работничките често добиваат плата која не е многу повисока од минималната плата.

„Платата не е доволна, но нив не ги интересира тоа. Се извезуваат по 10.000 парчиња, а една брендирана кошула чини и до 300 евра. Дури немаме ни класични слободни денови, обично ни ги спојуваат со празници, па четири или пет дена ни ги сметаат како дел од одмор, пример за Нова година или Божиќ“, вели таа.

Секој трет текстилен работник има здравствен проблем

Преку истражување на 6.000 резултати од систематски прегледи на текстилни работници, беше откриено дека една третина од нив имаат отстапувања во здравствената состојба.

Најчести здравствени проблеми со кои тие се соочуваат се крвниот притисок, кардиоваскуларните заболувања и проблеми со видот.

Овие податоци се наведуваат во истражувањето насловено „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“, кое го спроведе здружението „Гласен Текстилец“ од Штип и тим експерти, а кое беше објавено во март, годинава.

Истражувањето покажува дека текстилната индустрија е трудоинтензивна, во која над 70% од вработените се жени, на кои им се „кинат“ многу од правата кои важат во другите индустрии, објаснува за ПИНА, Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

„Неспроведување на јавно декларираното фиксно работно време од 8 часа на ден или 40 часа на неделно ниво, нерегистрирањето на прекувремената работа следбено на закон, ненадоместувањето на прекувремените работни часови и неможноста за користење на деновите за одмор директно преставуваат прекршување на македонскиот Устав“, вели Петковски.

Милан Петковски

Како што дополнува Петковски, нема социјален дијалог на ниво на индустриска гранка, кој се пренесува на ниво на компанија, а не се спроведува ни правото на слобода на здружување и колективно преговарање.

„Не сметам дека оваа состојба би се променила доколку нешто навистина коренито не се промени во Македонија, доколку македонскиот менаџер не созрее и не научи да седне и си ја одработи домашната задача, да ги пресмета сите влезни трошоци и истото да го презентира на купувачот“, вели Петковски.

Според претседателот МЗЗПР, потребно е да се направи кампања во која купувачите би станале свесни дека за цена на една брендирана купена кошула, македонскиот текстилен работник поминува 22 работни дена во фабрика.

„Доколку ги прашате работодавачите, веројатно одговорот би бил дека цените кои се плаќаат по единица производ не се доволни да го надмират ниту голото функционирање на фабриката, а камо ли да има доволно средства исплата на плата за живот“, вели Петковски.

„Доколку ги прашате вработените, веројатно одговорот нема и да го добиете бидејќи македонскиот текстилен работник е доведен во ситуација ‘традиционално’ да работи во вакви услови за кои и не се разговара на ниво на колектив, туку многу повеќе на лична основа“, додава тој.

Според него, купувачите кои преговараат со сопствениците на фабриките се помпезни до мера што секое прашање кое би задирало во нивната заработувачка, како што вели, го сосекуваат во корен со одговорот дека утре би можеле „да почнат да работат со Кина, Бангладеш, Виетнам…“.

„И така, ‘наведната глава сабја не сече’, притисокот се пренесува кон безличниот и безгласен македонски текстилен работник кој заради својата неукост околу правата и слободите кои му следуваат, одлучува да молчи“, вели Петковски.

Во меѓувреме, вели дека е штета што во Македонија, умешноста на колективно договарање и правото на социјална грижа се, како што вели, резервирани само за ловориките на политикантите.

„А, не за онаа армија на замолкнати вработени кои прехрануваат семејства и се чувствуваат заробени во безнадежноста на вечната транзиција и облачињата за светла иднина со станувањето ‘членка’“, потенцира Петковски.

Авторка: Маја Терзиова