На 25. јуни во Скопје ќе се одржи третата Парада на гордоста. ПИНА за концептот за овогодинешнава парада, како и за ефектите од претходните две, разговараше со Стефан Петровски, кој е дел од организацискиот тим.
Годинава на 25. јуни ќе се одржи третата Парада на гордоста. Како течат подготовките и што може да се открие моментално за концептот оваа година?
Оваа година е можеби највозбудлива досега. Иако нашиот Прајд е сѐ уште млад во споредба со другите од регионот, а не пак во светот, мислам дека имаме направено добри напори да оставиме впечаток дека во нашето општество има ЛГБТИ+ заедница, дека сме опипливи и постоиме како луѓе и не сме само медиумска тема или глас.
Скопје Прајд докажа дека ЛГБТИ+ заедницата има голем број на поддржувачи кои на овој ден излегуваат рамо до рамо со своите најблиски. Едно од нештата на коишто јас сакав да се фокусирам во развојот на Скопје Прајд како традиционален настан е Прајдот да расне и се развива, не само во години, туку и во поддржувачи, локација, активности вон месецот на гордоста, и слично.
Сѐ уште е рано да споделам нешто повеќе освен слоганот, но со годинешната порака „Излези за љубов“ сакаме да испратиме порака дека љубовта лесно се заборава.
Преживеавме една глобална здравствена криза која најмногу влијаеше врз маргинализираните и дополнително им ги скрати можностите да се реализираат себе си во овој свет. Слоганот за минатата година беше „Вон ѕидовите“, а со слоганот „Излези за љубов“ сакаме да ги потсетиме луѓето дека љубовта не треба да ја заборавиме, дури и кога мислите се преокупирани со вируси, војни, поскапувања на производи и сметки, но и стравот од влез од една во нова светска криза.
Ние сме тука да бидеме потсетник и пример дека ЛГБТИ+ луѓето и каузата за еднакви права и слободи нѐ обединува сите, можам да кажам дека за ЛГБТИ+ луѓето секој ден од животот е кризен и несигурен од различни аспекти. Пример: транс луѓето сѐ уште немаат пристап до правно признавање на родот и нашата држава одлучи да игнорира пресуда од меѓународен суд. Луѓето што живеат со ХИВ моментално се во криза, бидејќи Министерството за здравство го скрати буџетот за превенција на ХИВ и покрај апелите од граѓаните и граѓанските здруженија не ја промени одлуката.
Поради сѐ ова постои Прајдот, нашата порака е јасна и се надевам дека поширокото општество ќе застане на страна на љубовта, а не на омразата.
На првите две Паради декларативна подршка и со учество дадоа подршка бројни политичари. Колку реално нивната подршка се чувствува на терен и во делот на законската регулатива која се однесува на ЛГБТИ+ заедницата?
Мислам дека самото прашање го содржи во себе и одговорот. Имено, декларативната поддршка е само декларативна. Свесни сме дека и овој тип на поддршка многу значи за нас и за нашата заедница, но е далеку од доволен.
Присуството на политичарите на Прајдот е значајно, но уште повеќе е потребна нивната заложба за подобрување на животот на сите заедници вклучително и ЛГБТИ+ заедницата.
Во последните 10 години ние можеме да се пофалиме единствено со донесен закон за спречување и заштита од дискриминација кој вклучува сексуална ориентација и родов идентитет како заштитени основи. Вакви закони одамна постојат во државите во нашиот регион. Тој легислативен чекор е премал и токму затоа Македонија редовно е лошо оценета на мапата на ИЛГА-Европа.
Во последниот период сведочевме на повлекување од Собраниска процедура на законот за матична евиденција кој требаше да ја уреди постапката за правно признавање на родот. Овој потег нанесе силен удар на трансродовите луѓе и ја урна долго градената доверба помеѓу заедницата и институциите на системот.
Да одговорам поконкретно на прашањето, политичарите се добредојдени на Парадата, но нивното присуство на истата не ни го олеснува животот нам и на ЛГБТИ+ заедницата. Вистинска поддршка значи создавање на систем и општество во кое секој човек е вреден и безбеден, без разлика на сексуалната ориентација, родовиот идентитет или изразување.
На претходните Паради имаше бројно полициско обезбедување. Дали е дојдено време во Македонија за „полабава„ Парада?
Присуството на полицијата е задолжително за секој протест, а Парадата на гордоста е протест и тоа голем. Имајќи предвид дека нашето општество се уште е многу хомофобично и трансфобично, наша обврска е да обезбедиме сигурност за присутните кои се дел од задницата или се поддржувачи.
Зголемениот говор на омраза пред и по Парадата кој не се санкционира и осудува, е причина повеќе да бидеме внимателни и сериозно да ја сфатиме нашата задача да креираме безбеден простор за ЛГБТИ+ луѓето и поддржувачите за време на Парадата.
Да не заборавиме дека безбедни простори за заедницата речиси и не постојат кај нас, па така исклучително е важно да правиме реална проценка заедно со полицијата дали е време за „полабави” безбедносни мерки за време на Парадата. Како и секоја година така и оваа, согласно оваа проценка ќе се одреди какви безбедносни мерки ќе се преземат и во колкав број ќе биде присутна полицијата.
Колку ваквите настани придонесуваат да се подигне свеста во општеството за потребите на ЛГБТИ+ заедницата, што покажуваат вашите анализи?
Како што кажав, Парадите на гордоста се пред сѐ протест, на кој ЛГБТИ+ заедницата ги искажува своите барања за еднаквост и прифаќање во општеството. Прајдовите се важни за видливоста на ЛГБТИ+ луѓето, кои на тој ден се чувствуваат слободни да излезат на улица и да бидат тоа што се, без оглед на вкоренетата стигма и омразата со која се соочуваат во секојдневниот живот.
Од една страна, гледаме дека настани како Парадата редовно се повод за засилен говор на омраза, но од друга, бројот на присутни луѓе од ЛГБТИ+ заедницата, но и поддржувачи на борбата за еднаквост покажува дека состојбата сепак може да се смени на подобро и дека атмосферата на заедништво и љубов охрабрува многумина.
Во нашиот контекст, Скопје Прајд исто така беше и сѐ уште е еден вид тест за подготвеноста и волјата на институциите да создадат услови за одржување безбеден Прајд. Тоа што минатите две паради поминаа во најдобар ред го сметаме за успех на целото општество, а тука влегува и генерално позитивната оценка за професионалните медиуми во однос на покривањето на настанот.
За жал, промената на свеста е бавен процес во конзервативни средини и со бројни политички актери кои го одржуваат статус-квото, а опасноста од уназадување на состојбите е постојано присутна, особено со јакнењето на антиродовите движења кај нас и во светот. Токму затоа, парадите се потребни и важни, како порака, како протест и како славење на различноста и борбата на маргинализираните заедници.
Каква е моменталната состојба со правата на ЛГБТИ+ заедницата во Македонија?
Во однос на состојбата со правата на ЛГБТИ+ луѓето во Македонија, правно гледано, не бележиме никаков напредок. Она кое што го постигнавме во изминатите неколку години со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата и организирањето на Парадата на гордоста беше голем напредок и исчекор во зголемување на заштитата од дискриминација како и поголемата видливост за проблемите со кои се соочува заедницата.
Во последниот период бележиме и уназадување во креирањето и примената на различни политики во повеќе области коу ќе допринесат за зголемување на еднаквоста на ЛГБТИ+ луѓето во државата. Нема подобрувања во образованието, нема донесување на Националниот акциски план за унапредување на ЛГБТИ+ правата на мултисекторско ниво, комплетно нема правна заштита од говорот на омраза што претставува кривично дело.
Последниот Извештај од Европскиот Парламент кој стигна само пред неколку дена дава јасни клучни препораки. Истите се однесуваат токму на институционално решавање на проблемот со говорот на омраза ЛГБТИ+ луѓето, итно донесување на законот за правно признавање на родот, отпочнување на процесот за овозможување на граѓанско партнерство, промени во образовниот систем и отстранување на дискриминаторски и омаловажувачки содржини за маргинализираните заедници, како и усогласување на одреден број на закони со европското право со цел уживање на слободи и права во секоја област.
Она кое што овој извештај особено го нотира е порастот омразата кон ЛГБТИ+ заедницата преку ширење на целосно неточни податоци, дезинформирајќи ја јавноста и замајувајчи ја со манипулација и целосно деградирачка слика за животот на ЛГБТИ+ луѓето. Воедно, се става акцент и на нападите на активистите за човековите права од оваа заедница токму од овие групи.
Затоа, треба да напоменеме дека крајно време е проблемите сериозно да бидат земени во предвид, а не да останат на декларативно залагање и политичка волја која во моментот служи само за статус кво одржување. Има навистина многу области кои остануваат недопрени од работа заради тоа што се уште се занумаваме со најбазичните права кои мора да се обезбедат.
Автор: Петре Димитров