Бројот на запишани студенти на УКИМ опаѓа во последните години

0
153
Плато УКИМ

Статистичките податоци за последните десет години покажуваат намалување на бројот на запишани студенти на УКИМ. Податоците од УКИМ за ПИНА.мк покажуваат дека во учебната 2014/15 биле запишани 7.070 студенти, во 2015/16 (7.215 студенти), во 2016/17 (6.720 студенти), во 2017/18 (6.582), во 2018/19 (5.774), во 2019/20 (5.614), во 2020/21 (4.662), во 2021/22 (5.523), во 2022/23 (5.092), и во последната учебна година 2023/24 бројот на запишани студенти достигнува 4.738 запишани студенти.

Системски проблеми и иселувањето, едни од причините за намалување на бројот

Во разговор за ПИНА.мк од Универзитетското студентско собрание (УСС) велат дека бројот на запишани студенти опаѓа поради генералното иселување на населението, вклучително и на младите, но и поради можностите кои што се нудат на странските универзитети, а она што недостасува на нашите универзитети се унапредени, модернизирани студиски програми со вклучена интердисциплинарност, дигитализација, интернационализација како и поголема соработка на универзитетите со бизнис заедницата.

„Во високото образование потребни се промени во полето на интердисциплинарност, како и во делот на вклученост на практичната настава во рамки на студиската програма, заради подобрена поврзаност помеѓу студентите, универзитетот и бизнис заедницата, за кога студентот ќе заврши со студиите полесно да се прилагоди на барањата на пазарот на трудот,“ изјави Александар Николовски, претседател на УСС.

Во таа насока, УСС-УКИМ се залага за активна работа на Центарот за кариера, и заедно со нив организираат неформални работилници за подобрени вештини кај студентите, се со цел полесно да се прилагодат на барањата на пазарот.

„Првично системските проблеми се причина за намалување на бројот на студентите но и, можностите кои што се нудат надвор затоа што западноевропските земји се подбро познати по квалитетот на студиите и по добро платените работни места по завршувањето на студиите, а тоа е голем и важен факторво текот на развојот на една индивидуа,“ вели Николовски.

Во однос на промоцијата на УКИМ, од УСС посочуваат дека единиците на УКИМ активно работат на нивна промоција, посебно за упис на средношколци, преку отворени денови на самите факултети, но и дополнителни промоции низ средните училишта во државата.

Од УКИМ велат – прават сé што е во нивна можност за квалитетно образование

Според УКИМ постојат неколку причини за намалување на бројот на запишани студенти од година в година, а една од најголемите e тоа што бројот на матурантите секоја година се намалува и тоа директно влијае и врз намалувањето на бројот на студенти кои се запишуваат во прва година.

„На одредени студиски програми има и поголем интерес бидејќи на пазарот на трудот има поголеми можности за вработување велат оттаму.Во земјава има повеќе универзитети, па не сме во состојба да го пополниме големиот број на празни места, со оглед на тоа што студенти се пријавуваат и на останатите универзитети,“ вели Марија Маневска генерален секретар на УКИМ.

Таа смета дека странските факултети се попривлечни за студентите, бидејќи се сметаат за влез на странскиот пазар на трудот, каде се нудат подобри услови за работа.

„Сепак УКИМ прави напори за привлекување на идните студенти, преку кариерни центри и има склучено повеќе меморандуми за соработка со единствена цел, студентите да може да обавуваат пракса, а со тоа најдобрите од нив да останат тука. За талентираните студенти треба субвенции при вработувања да дава и државата, бидејќи компаниите не се во состојба да исплаќаат толкави плати, како што е тоа случај со компаниите во западноевропските развиени земји.Мораме постојано да се стремиме кон тоа да развиваме нови работни места, со добри услови за работа, со цел да дадеме свој удел во развојот на економијата и воедно, да направиме младите кога ќе размислуваат за својата иднина, секогаш да се гледаат себеси како остануваат тука, во нашата држава. Универзитетот дава свој придонес во развојот на економијата, се стреми да ги издигне младите на повисоко културолошко ниво, но секако, државата треба да креира политики кои ќе ги задржат младите тука и ќе ги привлечат со подобри услови за работа и подобра животна егзистенција,“ вели Маневска.

Нашата соговорничка додава дека Универзитетот прави сé што е во негова можност за квалитетно образование.

„Студиските програми се компатибилни со европските, нашите дипломирани студенти се примени без никакви проблеми на западно-европскиот пазар и пошироко, па затоа не гледам дека високото образование на УКИМ е причина за намалување на бројката, туку причината ја гледам во фактот што по завршувањето на високото образование не се нудат доволно можности на младите за вработување,“ потенцира Маневска.

Интерес од странски студенти

Според статистиките, во учебната 2014/15 има 72 странски студенти и 67 странски студенти – стипендисти на Владата на РМ. За учебната 2015/16 нема податоци за запишани странски студенти, во 2016/17 има 60 странски студенти и 22 странски студенти – стипендисти на Владата на РМ. Во учебната 2017/18 има 21 странски студент. Од учебната 2018/19 до 2023/24 нема податоци за запишани странски студенти.

Од УКИМ велат дека има задоволителен интерес за запишување на странски студенти.

„УКИМ е единствениот универзитет во државата, кој во своите рамки ги обединува сите подрачја: природно-математички, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, биотехнички, општествени, хуманистички науки и уметности,“ велат од таму.

Сметаат дека зголемувањето на мобилноста и привлекувањето странски студенти се поттикнува со развивање студиски програми на англиски јазик со овозможување на одделни студиски програми наставата да се одвива на англиски јазик.

Според податоците на Центарот за рангирање на светски универзитети (ЦРСУ), од неодамна УКИМ е рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година. ЦРСУ ги оценува универзитетите и колеџите според квалитет на образование, можност за вработување, настава и истражување. Рангирањата покажуваат дека постепено низ годините квалитетот на УКИМ опаѓа, со оглед на тоа што од пред пет години има пад за повеќе од 170 места на листата.

Авторка: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА