Од 2 до 11 јуни и од 15 до 17 септември во Скопје ќе се одржи десеттото издание на Скопје Прајд Викенд, насловено како „Ecstatic Bodies“. За програмата, идните планови и досегашните изданија на фестивалот, ПИНА разговараше со кураторот Славчо Димитров.
Оваа година Скопје Прајд Викенд ќе го има своето јубилејно 10.издание. Што ќе биде тематскиот фокус?
Тематскиот кураторски избор за годинава е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА, тема со којашто на некој начин ги заокружуваме изданијата на фестивалот од изминатите години и проблемите и прашањата кои тие ги отвараа, а од друга страна тема со која одаваме признание, и ја изнесуваме релевантноста, на феминистичките и квир уметнички и културни практики, како и теориски дискусии, коишто во преден план на истражувањата, критиката, политичката мобилизација и културна продукција го ставаат отелотворениот субјект, афективната динамика, релационоста и телесната отвореност кон другите, и критиката на поседничкиот индивидуализам.
Истражувањата на отелотворениот живот, субјективитетот и моќта во рамки на феминистичките и квир уметнички, теориски и политички практики претставуваат недвосмислена критика на историското, маскулинистичко и хетеронормативно обезвреднување на корпореалниот и афективниот живот, а којшто во историјата на уметноста, политиката и филозофијата е отфрлен како пречка и ограничување на Разумниот човек (маж).
Истовремено, феминистичките и квир дискурси и практики имплицираат онтолошка дарежливост карактеристична за телесноста, а која произлегува од конститутивната екстатичност, отвореност, и излегувањето надвор од сопствените граници на отелотворениот субјективитет.
На кратко, ова се прашањата кои сакаме да ги отвориме со овогодишнаа тема на фестивалот. Како илустрација за истата, а до дослух со нашата досегашна пракса, во фестивалскиот каталог ќе објавиме, за првпат на македонски, текст од еден од најзначајните современи филозофи, Жан Лик Нанси, текст кој суштински задира во темата на фестивалот, и со кој одаваме почит на творештвото на овој филозоф на телето, релацијата, плуралноста и сексуалноста, а кој за жал почина минатата година.
Што ќе имаме можност да видиме годинава?
Јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста Скопје, оваа година ќе се одржува во два месеци, од 2-11 јуни, и 15-17 септември. Фестивал го отвораме на 2 јуни, во 20:30 часот во МСУ, со изложба „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“,курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски, а во рамки на која ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Викторија Илиоска, и многу други.
За време на отворањето на изложбата ќе биде изведен во живо и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев.
Публиката ќе може да проследи и перформанси на Џули Толентино и Стош Фила (САД) на 3 јуни во МСУ.
Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот.
На 4 јуни, исто така во МСУ, со гордост го претставуваме легендарниот Дејвид Хојл (ВБ), познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид.
Во рамки на јунската програма најавуваме и: јавно предавање и Јасмина Тумбас (САД), која на 7 јуни во МСУ ќе ја претстави својата последна книга објавена од Manchester University Press – „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“, перформативни презентации на Џесмин Херн, Заве Мартоарџоно, Џеј Бoj и Сара А.О. Роснер (САД) во Мала станица, а во соработка со Локомотива, и, после две години, јунското издание на фестивалот го затвораме со нашите омилени ПичПрич, и СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир приказни.
Во септемвриската програма публиката ќе проследи танцова претстава на францускиот кореограф Матје Окемије, перформанс на Јулишка Стенгеле од Австрија, и вечер на воугинг и дрег забава.
Што покажуваат анализите на досегашните изданија на Фестивалот. Дали е остварена целта на неговото постоење и каков е трендот на посетеност.
Низ текот на годините Фестивалот успеа да се етаблира како еден од најзначајните фестивали на локално нивно, и воопшто како еден од најважните квир фестивали за уметност, култура и перформанс и меѓународно.
Од друга страна, истиот успеа да изгради, не само постојана, туку и растечка публика, чијшто број расте секоја година, па можеме да кажеме, да се пофалиме, дека во просек имаме под 150-200 луѓе на секој од перформансите, изложбите ги гледаат повеќе од 600 луѓе, а медиумите покажуваат интерес за програмата.
Мислам дека со фестивалов успеавме да покажеме дека локалната, како квир, така и генерална публика, е жедна за перформанс уметност, и за квир уметност, дека знае да препознае и ужива во висококвалитетна програма и уметничка продукција, и не се задоволува со едноставни и еднозначни квазиуметнички дела, туку ужива во комплексноста, многуслојноста и интерсекционалноста на уметноста.
Од друга страна, во контекст на тотален молк и мрак за квир и родовите теориски дискурси, успеавме да создадеме пракса на преводи и читања на теорија, на што сме посебно горди. Изградивме соработки со различни институции, групи, организации, нешто кон што целевме од самиот почеток на фестивалот.
Конечно, лично како куратор сум особено горд што во текот на овие години успеавме да ги донесеме и претставиме во Скопје некои од најзначајните, култни, легендарни современи (квир) уметници и перформанс артисти. Тоа го гледам/е како свој историски и архивски влог во конкретниот контекст, којшто е хомофобичен и населен со прилично стерилни културни институции (со чест на исклучоците).
Колку Вие сте задоволни од ефектот на досегашните изданија на Фестивалот?
Одговорот на претходното прашање мислам дека го сумира и нашето задоволство 🙂
Која е иднината на Фестивалот? Каде го гледате истиот после 10 години?
Искрено, фестивалот не го гледам во овој формат за 10 години. Не знам дали воопшто и го гледам фестивалот за 10 години од сега. Она што мислам дека е поважно е за 10 години да имаме редовна, дисперзирана квир ументичка, културна и теориска програма низ сите институции и музеи, коишто ќе се случуваат во текот на целата година, и не нужно по наша иницијатива.
Конечно, се надевам дека до тогаш ќе можеме задоволно да погледнеме и да речеме дека имаме сериозен корпус на ументичка и културна продукција којашто е квир, критична, радикална, политички ангажирана и експериментална, и дека академијата конечно посветува доволно внимание, како во курикулуми, така и во истражувања и издаваштво, на родовите и квир прашањата, и на продукција на релевантни дискурси и знаења.
Автор: Петре Димитров