Корупцијата ги тера младите да си заминуваат од државата и излезот од економската криза го гледаат во иселувањето, на многу општини им се заканува исчезнување, бидејќи малите средини се неатрактивни за живеење, велат од Младински сојуз при презентазијата на резултатите од годишните активности во рамки на настанот „Младите во 2022 година – факти и заклучоци“.
Анелија Митрова, оперативен координатор на Младински сојуз за ПИНА вели дека секој четврти млад човек е во ризик од сиромаштија, а 28 отсто од млади луѓе се корисници на социјална помош.
Општините треба да ги вклучат младите во носењето на одлуки и креирањето на политики за нив, а државата пак, акцентот да го стави на соодветни мерки за вработување.
Анализите на Младинскиот сојуз покажуваат дека немаме млади министри, имаме само двајца пратеници на 29-годишна возраст, а само 30 отсто од општините имаат локален младински совет, нема стимул за вклучување на младите луѓе во носењето на политики и одлучување на локално ниво,
Кои се причините поради кои општините не ги вклучуваат младите во донесувањето одлуки?
-Ова е двонасочен проблем, од една страна е проблем на општините кои сметаат дека ако асфалтираат пат или направат нешто видливо, тоа е и за младите, но не работат конкретно на младински политики и програми. Луѓето кои работат во општините, не знаат како да работат со младите и што е важно за нив. Во секоја општина има служебник за младите, односно според Законот за младинско учество и младински политики во секоја институција, меѓутоа и самите службеници за млади се изгубени во процесот и не знаат кои се нивните обврски и надлежности. Тие не знаат како да го решат овој проблем или како да создадат локални младински совети, па многу често има некои кои сакаат да соработуваат со организации за млади за ние да помогнеме во целиот тој процес на креирање на локален младински совет кој што е пропишан според закон.
Од друга страна во помалите средини, помладите луѓе не се гледаат во таа средина, чекаат да завршат средно училиште и потоа да заминат. Едноставно не сакаат да инвестираат во својата општина, бидејќи сметаат дека во последните години, општината и властите не инвестирале во нив. Иднината си ја гледаат во Скопје или во друга држава. Младите во помалите градови гледат како најбрзо и најлесно да си заминат. Така што мора да има соработка помеѓу организациите за млади, носителите на одлуки и помеѓу младите за да има интерес да направат нешто во својата заедница.
Она што најчесто го забораваме е приватниот сектор кој што го гледа само својат бизнис интерес. Но и во нивен интерес е да се инвестира пред се во младите и понатаму во градење на механизми и политики за младинско вклучување. Младите треба да имаат чувство на припадност кон заедницата, која ја гледаат далечна од себе и не се гледаат дека припаѓаат таму.
Кои се пречките со кои се соочуваат при вработување?
-Најчесто се прават мерки за вработување без да се направи анализа и да се имаат податоци. Не се знае со колкава стапка на младинска невработеност располагаме. До лани, заради пописот не знаевме колку од популацијата ни се млади. Нема никакво работење според докази, заклучоци и бројки. Она што ние како организација се стремиме во последните две години е да кажеме дека мора поголема и подобра статистика, за да дојдеме до мерките. Има и добри мерки за самовработување кои ги користат младите преку Агенцијата за вработување, но никој не го мери импактот. Од една страна не се стимулира едукација на младите за вработување и самовработување, и од друга страна целосно е несинхронизиран образовниот систем со пазарот на труд.
Корупцијата е една од главните причини поради кои се иселуваат, каков е нивниот став во однос на ова прашање?
– Потребна е поголема информираност и едукација на младите на тема корупција. Она што треба да се стремиме е да им објасниме што е корупција и кога тие се подложни на коруптивни влијанија. Тие сметаат дека, неопходно е во оваа држава да најдеш врска за да завршиш некоја работа, заради тоа што системот не ни функционира, а тоа се гледа и од извештаите на меѓународаната заедница. Тоа најмногу влијае врз квалитетот на животот на младите, мора да се стремиме кон негово подобрување и кон градење на функционални системи и институции. Младите луѓе не си одат само од економски причини, туку и заради квалитетот на образование. Доколку немаш „име и презиме“ си заминуваат, за да си ја побараат среќата на друго место каде што не мораат да фаќаат врски за да завршат основна работа во некоја институција.
Во кои сектори перцепираат дека има најмногу корупција?
-Образованието, здравството и судството.
Имаат ли некакви идеи за решение на овој проблем?
-Кога немате доволно информации, многу е тешко да се дадат решенија и предлози. Направивме исчекор и се обидовме темата да им ја доближиме на разбирлив начин за нив. Јазикот на институциите, на меѓународните извештаи за корупција е многу далечен и неразбирлив за младите луѓе, а тоа директно влијае на квалитетот на нивниот живот. Затоа ја допревме темата од една друга перспектива, бидејќи и ние како младински организации бегаме од темата корупција.
Како младинска организација имате соработка со регионот, дали младите од околните земји ги делат истите проблеми?
-Генерално да, посебно во Западен Балкан, младите луѓе се соочуваат со истите проблеми, дали билатерални дали регионални кои дополнително влијаат. За нас како организација која работи на регионално ниво, сметаме дека само со регионален пристап и механизам, може оваа ситуација да се подобри. За поздрав се обидите, младите од Македонија да можат да работат во Србија и Регионалната канцеларија за младинска соработка и со Отворен Балкан, се стремат кон потпишување на регионални договори кои што ќе ја подобрат ситуацијата на мобилност на работната сила. Од друга страна работиме и со Грција и Бугарија кои се ЕУ земји и таму младите луѓе се соочуваат со слични предизвици и проблеми, посебно оние кои живеат во пограничните региони кои не се така добро развиени, но ја имаат предноста бидејќи се дел од ЕУ.
Може ли да ми наведете некое позитивно искуство, политика за млади од земјите од регионот, нешто што и кај нас би можело да се примени?
-Имаме наша иницијатива која се вика Соработка за заедничка иднина, каде што работиме со млади од Грција и од Македонија и може да кажам дека од 2019 година по потпишувањето на Преспанскиот договор, покрај предизвиците со ковид-пандемијата, успеавме да вклучиме повеќе од 3.000 млади луѓе, да ги седнеме заедно со носителите на одлуки и да ја промовираме билатералната соработка како клучна за решавање на социјалните проблеми на младите, особено од аспект на образование и соработка. Сега се стремиме кон отворање на пракси за регионот да стане интересен за младите, за да не одат во западно-европските.Работиме со Грција и Бугарија и соработката на граѓанскиот сектор во овие две земји е на високо ниво и кон тоа треба да се стремиме за да ги задржиме младите.
Авторка: Силвана Жежова