Гинеколошките услуги во државата не се достапни на сите жени подеднакво, а најдискриминирани се жените во руралните средини. Во најголем дел од селата нема амбуланти кои пружаат основни здравствени услуги, а оттука, и ограничен пристап на жените како до матичен лекар така и до гинеколог.
Податоците на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) кои на панел-дискусија беа презентирани во јавноста, покажуваат дека дури 40 отсто од жените во земјава не избрале матичен гинеколог, повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од 3 години, а на ниво на држава, само 33 отсто од жените практикуваат редовни гинеколошки прегледи.
Проф. д-р Глигор Тофоски за Пина.мк вели дека причината за ваквата состојба се недостапноста на услугите за грижа за репродуктивното здравје, но и финансиската немоќ.
„Најмногу се засегнати жените кои немаат здравствено осигурување, бидејќи за нив, одењето на гинеколог и наплаќањето на услуги претставува определен трошок кој што можат или не можат да го поднесат. Одбираат да не го направат прегледот, заради цената на чинење. Од друга страна гинеколозите за одредена група на жени се тешко достапни, и голем број од нив немаат свои матични гинеколози, па комплицирана е нивната посета, отсуство од работа итн. Исто така, траба да се работи на здравствената едукација, бидејќи голем број од жените, посебно во руралните средини не можат да ги следат програмите кои се достапни за да можат да се пријават за прегледи,“ вели Тофоски.
Тој истакна дека во Македонија има 153 матични гинеколози, но географски не се добро распределени. Најмногу недостасуваат гинеколози во руралните средини во Источниот и Западниот регион, иако и некои од малите градови не се покриени.
За да се реши овој проблем, Тофоски го истакна проектот со Мобилните гинеколошки клиники на Министерство за здравство, Македонско лекарско друштво, Црвен крст и UNFPA MK. Станува збор за целосно опремени амбулантни возила по сите стандарди, кои со лекар специјалист и искусна акушерка ги посетуваат руралните средини. Прегледите на жените ги внесуваат во Мој Термин за да може, тие што се без матичен лекар да бидат вклучени во системот и да можат навреме да ги извршуваат прегледите, барем еднаш во годината.
Преку овие амбуланти, биле опфатени 1.300 жени од средини, во кои нема гинеколог. Но не секаде имало голем одзив, а најмал интерес имало во Источниот регион.
„Едниот начин е со мобилните гинеколошки амбуланти, каде што лекарите одат во средините каде што нема гинеколози, а друг начин е Министерство за здравство да најде начин како да ја пополни онаа бројка во места каде што нема гинеколози. Проектот со мобилните гинеколошки амбуланти ќе трае до јуни, а потоа треба да се изнајде финансиски модул како тој да функционира. Амбулантите припаѓаат на Министерство за здравство иако се донација од Фондот за население од Обединети нации, и надлежното министерство треба да ги вклопи во својот систем на здравствена заштита, за ниту една жена, да не остане без здравствена заштитам,“ додава Тофоски.
Шефица на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Македонија, Афродита Шаља-Плавјанска вели дека овие мобилни амбуланти овозможуваат голем број на пациентки кои ги нема во систем, да се регистрираат.
„На овој начин се запазуваат сите човекови права, услугите им се пружаат на жените, влегуваат во систем и потоа се проследуваат понатаму. Добро е Министерство за здравство да почне да ги превзема трошоците, во интерес на пациентките, бидејќи системот на функционирање веќе е дизјаниран,“ вели Шаља-Плавјанска.
Со Мобилните гинеколошки клиники биле прегледани и затворенички од Идризово, сексуални работнички, и други маргинализирани категории на жени.
Друго решение, за жените кои не се здравствено осигурани да добијат грижа за репродуктивното здравје, е да се регистрираат во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување.
Претседателот на Македонско лекарско друштво и гинеколог Горан Димитров на панел-дискусија посветена на женското здравје, потенцираше дека најважно за спречување на различни болести кај жените е организирање на скрининг програми во кои ќе бидат вклучени ранливи групи и жени од руралните средини. За тоа да се направи, потребни се добри национални регистри, во кои може да помогнат и матичните лекари.
Но според ситуацијата на терен, и матичните лекари ги нема во селата, туку се во најблиските градови. Во руралните средини, се нема пристап ниту до најосновна здравствена грижа.
„Немаме амбуланта во село, мора да се оди до градот, обврските треба да ги прилагодиш за се во еден ден да завршиш во град, и да не мора утредента пак да одиш.Амбулантата во селото е напуштена, кога се отвори преку цела недела имаше медицинска сестра која постојано беше овде и два пати во неделата доаѓаше доктор од Гостивар. Добро функционираше и луѓето си одеа на преглед. Но пропадна и остана запуштена.
Амбулантата не работи седум-осум години, само две години работеше. Месната канцеларија на Томчеиште бараше од општина Гостивар да се реновира, да се среди, сега сме во преговори па ќе видиме што може да се направи. Има деца во селото, ако нешто се повредат, треба да ги носиме во Гостивар, кога би било тука би било полесно. Жените вообичаено не возат и бараат некој друг да ги прфрли до град,“ изјави за Пина.мк, Живка Ѓурчиновска од гостиварското село Томчевиште.
Авторка: Силвана Жежова