Истражување на ВФД: Половина од младите не ги следат политичките настани и случувања

0
107
фото: ВФД

Половина од младите луѓе во Македонија ретко или никогаш не ги следат политичките настани и случувања. Ова го покажуваат податоците од последното истражување за социо-политичко учество на младите на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Наодите од истражувањето, кое беше презентирано вчера, покажуваат дека 51% од младите покажуваат иницијативност за решавање општествени проблеми, но дека само една третина од нив успеваат секогаш или често да ги решат проблемите за кои се ангажирале.

Според истражувањето, приоритет според младите, на локално ниво треба да биде вработувањето, односно за 22% од испитаниците на спроведената анкета.

Потоа, 15% од младите сметаат дека приоритет треба да биде образованието, додека 14% од нив сметаат дека приоритет треба да биде инфраструктурата и јавниот превоз, како и животната средина.

Истовремено, 34% од испитаниците сметаат дека сме подалеку до влезот во Европската Унија, во однос на минатата година, додека 45% од нив сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, што претставува пад од 15% од пред две години.

Претставникот во Македонија за ВФД, Дамир Незири посочи дека учеството на младите на национално и локално ниво може да се зголеми преку целосно и доследно имплементирање на Законот за младинско учество и политики.

„Низ ваквата интеракција меѓу младите и институциите може да се подобри довербата меѓу нив“, рече Незири.

Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за младите да бидат задоволни треба да се работи на владеење на правото, економскиот и социјалниот стандард, како и еднаквите можности и грижата за животната средина.

„Имаме обврска на идните генерации да им оставиме подобро место за живеење“, рече тој.

Дополнително, на настанот говореше и Џулија Смит, заменик-амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а обраќање имаа и младите активисти Лука Павиќевиќ, Рита Бехадини и Дениз Селмани.

Од настанот произлегоа и препораки кои, меѓудругото се однесуваат на изработување на Национална стратегија за млади и повеќе средства од државниот буџет за младински политики.

Исто така, се препорачува локалните самоуправи да основаат локални младински совети и да отворат младински центри за повеќе можности за младите на локално ниво. Се препорачува и гарантирање на средношколското учество на законодавно ниво и студентски собранија на секој факултет.

Инаку, резултатите од целосното истражувањето ги покажуваат најновите позиции на младите на повеќе теми, односно во поглед на учеството, позицијата во општеството, иднината на земјата, институциите, миграциите, пандемијата и толеранцијата.

Истражувањето, кое се објавува по трет пат, беше спроведено во декември 2021, на репрезентативен примерок на млади луѓе од 15-25 години.