Во Охрид и Струга потребно решение за бездомните кучиња

0
117

Туристиските градови Охрид и Струга засега немаат соодветни решенија за проблемот со бездомните кучиња. Двата града на Охридското крајбрежје се најголемите летни туристички дестинации во земјата кои освен од Македонија, привлекуваат и туристи од странство, особено Србија, Холандија, Турција. Но и двата града немаат стационари за згрижување на уличните кучиња. Нема ниту регионално прифатилиште.

Иако имаат обврска да им обезбедат хуман третман на животните засега ниту една од општините нема поднесено барање за одобрување на прифатилиште за бездомни кучиња до Агенцијата за храна и ветеринарство

Хотелиерите велат дека бездомните кучиња се проблем кој мора да се реши поради безбедноста на гостите, а најавуваат помош доколку двата градови почнат да го решаваат ова прашање.

-Се стремиме кон една повисока категорија на гости која би сакала да види решение за сите проблеми, а и за ова. Мора и во една вака тешка година да се реши овој многу горлив проблем. Да се отворат стационари за бездомни кучиња, ние како Здружение на хотелиери би помогнале со замрзнување на храна која не е конзумирана од гостите, нормално одбрана за кучиња, велат од ХОТАМ.

И Агенцијата за промоција на туризмот е свесна за акутниот проблем со кој се соочуваат Охрид и Струга. Директорот на агенцијата Љупчо Јаневски вели дека дури и странски државјани кои летуваат во овие два града често знаат да посвојат бездомни кучиња.

-Потребно е да имаме стационари за кучиња, не само во Струга, не само во Охрид, туку во поголем број на градови во нашата земја. Тие да бидат третирани на најхуман начин и исто така тие да бидат гордост, а не негативен имиџ на самата дестинација, бидејќи ние и како народ со нашата љубезност и како туристички работници во кои што сме многу познати во светски рамски и нашата услуга се многу добро оценети. Се надевам дека градоначалниците во многу брзо време ќе изнајдат средства за подобрување на условите и отворање на стационари со одреден капацитет во двете општини, или еден регионален каде што ќе бидат третирани кучињата бездомници, вели Јаневски.

Од АХВ појаснуваат дека кога станува збор за помалите општини, не мора секоја локална самоуправа да има засебно прифатилиште.

– Тие имаат законска можност да се здружат и да изградат заедничко, регионално прифатилиште за бездомни животни. Контролата на популацијата бездомни кучиња  во општините треба да се спроведува од страна на прифатилишта кои се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а со нив треба да раководи и работи стручен и обучен персонал, велат од АХВ.

Оттаму појаснуваат дека досега имале средби со претставници на двете општини за изградба на ваквите центри.

– Со претставници на локалната самоуправа на Охрид и Струга досега се одржани неколку состаноци на кои се разгледани прашањата кои се однесуваат на решавање на  проблемот со бездомните кучиња и изградба на прифатилиште. За надминување и решавање на проблемот со бездомните кучиња во Охрид, со посредство на Агенцијата за храна и ветеринарство во март 2019 година организирани и одржани беа неколкудневни теоретски и практични предавања за вработените од јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ и Општина Охрид од страна на експертот Брајан Фаулкнер, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA). Детално беа објаснети постапките и стандардните оперативни процедури, техниките и методите на заловување на бездомните животни, нивната благосостојба и третманот во прифатилиштата. Во пракса беа презентирани основите за воспоставување на соодветен систем за контрола на бездомните кучиња базиран на благосостојбата на животните, велат од АХВ.

Ќе се градат стационари, но не се знае кога

Најблиската општина до туристичките центри која има регистирано стационар е Кичево. Но, тој постои само на хартија и според најавите од општината треба да се изгради оваа година.

– Изградбата на стационарот за бездомни кучиња во Кичево ќе почне оваа година. Парите се обезбедени преку Владата – 380.000 евра. Објектот треба да биде готов до крајот на годината, а капацитетот за згрижување ќе биде до 150 кучиња, велат од општина Кичево.

И од Охрид и од Струга уверуваат дека сториле многу за згрижување на бездомните животни. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се правда дека кучињата во градот ги носеле од други населени места.

– Имавме проект заедно со општините Охрид и Дебарца, да направиме центар, каде што ќе бидат сместени или испраќани кучиња скитници и според методите што ги гледа законот, да дејствуваме во таа насока, за да не исчезнат во начин див, но да има ред со ветеринарни методи. Честопати слушаме од населението дека видовме кoмбе што тие ги ослободуваат или носат од други места, не е наша работа да ги следиме, можеби инспекторите, но исто така е работа на луѓето ако навистина видоа, доволно е да сликат од кој автомобил се истовариле кучињата. Сепак, ние треба да користиме законски методи, секако дека треба да направиме место со други општини за да собере, всушност стационари. Да собереме кучиња скитници, да се ослободиме од оваа непријатна слика, можеби нема да можеме трајно да го затвориме проблемот, но да го намалиме бројот на минимум, вели Мерко, додавајќи дека во план е изградба на стационар во Белчиште во Дебрца.

Охрид, пак, најавува дека стационар ќе се изгради. Но останува само на „ќе“, бидејќи оттаму не го соопштуваат рокот кога тој треба да биде готов.

– На локалитетот „Мауцкер“ каде е планирано да биде сместено прифатилиштето, ограден е простор со поголема површина каде заловените кучиња ќе престојуваат. Набавена е опрема за заловување, а изготвени се 5 големи кафези за заловените кучиња. Со овие кафези се зголеми постоечкиот капацитет на стационарот каде претходно веќе постоеа 10 помали кафези. Набавени се две возила за заловување кои ќе функционираат во рамките на стационарот за кучиња, лоциран во месноста „Мауцкер“. Направен е избор на стручно лице – ветеринар кој понатака ќе врши третман на кучињата во стационарот и завршена е постапката за набавка на храна за кучињата. Направена е стратешка евалуација на проектот за стационар и во тек е правна процедура за отстапување на земјиштето во месноста „Мауцкер“ кое е во сопственост на Општина Охрид, на користење на ЈП „Охридски Комуналец“, велат во одговорот од општина Охрид.

Општините не прават доволно за бездомните кучиња

Активистите за правата на животните велат дека општините не прават многу за бездомните кучиња. Климент Арнаудов од Иницијативата за заштита на животните „Лајка Охрид/Струга“ вели дека истоварот на кучиња од еден во друг град е јавна тајна, а иако пријавувано, општините не преземаат ништо за овие случувања.

– Во Охрид со години тече план за отворање прифатилиштен центар, но и натаму нештата стагнираат. Воедно, прифатилишниот центар нема да го реши проблемот ако другите чекори пропишани во Законот за заштита и благосостојба на животните не се спроведат на дело. Проблем е што во секторите во општините кои се задолжени за оваа проблематика се ставаат луѓе кои не се подобни за таа функција, па изостанува посветеноста, професионалноста и чесноста. Воедно, туристите не стравуваат за својта безбедност, напротив, обично тие се оние што во сезона ги хранат и галат и дел од нив вдомуваат бездомни кученца, поголем проблем е што туристите се чувствуваат тажни што ги гледаат така напуштени, оставени и во толкава бројка. Напати, дел туристи сведочеле и труежи на бездомни животинки, по што откажале престој и рашириле негативен публицитет за Охрид и Струга како туристички дестинации, ова го тврдам не само како активист но и како магистер по туризам. Со тоа ги губиме и туристите, гледате колку поширока е проблематикава и импликациите од несовесниот третман на животинките, вели Арнаудов.

Ветеринарите исто така посочуваат дека локалните власти не преземаат мерки за кучињата.

-Кучињата скитници многу влијаат на безбедноста на луѓето, но исто така и на психата. Туристите кои доаѓаат во нашата земја реагираат многу лошо и со болка кога ќе видат повредени, болни кучиња скитници на улиците, додека реагираат и граѓаните на земјата со жалење дека се плашат да бидат нападнати. Најопасно од овие животни е она што не се појавува кај овие занемарени животни и тоа е ширење на многу болести што може да остави големи последици. Не се преземаат мерки од страна на централната и локалната власт за овие бездомни, незаштитени и неухранети кучиња. Не се инвестира за решавање на проблемот. Евтаназија (убиство со умисла за да се ослободи од болка и страдање) е многу болно и е забрането со сите меѓународни конвенции. Најдобар и најлесен начин да се реши овој проблем е собирање на кучиња скитници, одржување и кастрација, не бара многу инвестиции. Кастрираните кучиња се попасивни и не се опасни за напад или ширење на болест, па затоа тоа е вистинскиот избор, вели ветеринарот од Струга, Мурат Лумани.

Во моментот во Струга за кучињата се грижи „див“ стационар каде уличните кучиња можат да дојдат до прибежиште. Меѓутоа, оттаму не сакаа да зборуваат јавно за нивното работење.

Дел од општините во Македонија кои немаат стационари, а такви се многу, се обидуваат кучињата да ги згрижат кај приватни ветеринари кои подоцна се платени со пари на општините за вакцинација или кастрација.

Скопје е единствениот град кој во моментот има современ стационар за кучиња. Тоа е „Лајка“ или поранешно „Вардариште“. Сепак, мора да се напомене дека изградбата на овој стационар доцнеше многу, па во периодот додека се чекаше, доста од проблемите со бездомните кучиња опстојуваа. Иако нов, „Лајка“ е често под критика на активистите за заштита на животните кои знаат да обвинат и за неправилности во работењето, а неодамна и за неодговорни постапки со кучиња кои веќе имале дом.

На Фејсбук страницата на „Лајка“ често се објавуваат заловени кучиња кои се ставаат на вдомување. Дел од нив се расни, дел се мешани, но како и да е, граѓаните наместо да купуваат, имаат опција да вдомат куче од скопскиот стационар.

Автори: Даниел Василев и Илмие Заку

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.