ДКСК преку систем на e-учење ќе ги едуцира вработените во јавниот сектор за анти-корупција

0
94
Фото: Tyler Franta on Unsplash

Вработените во јавниот сектор во Македонија наскоро ќе можат да се едуцираат за анти-корупција преку новиот систем на е-учење на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Системот, кој покрај вработените во јавниот сектор ќе може да го користат и сите заинтересирани возразни граѓани, веќе е ставен во функција пред неколку месеци и е во тест период.

Од ДКСК за ПИНА.мк велат дека системот ќе работи на начин кој што е веќе препознатлив, односно секое заинтересирано лице ќе треба да се регистрира преку внесување на потребните податоци и потоа да пристапи кон учење на одредена лекција.

„По успешното регистрирање се генерираат достапните лекции за е-учење каде со кликнување на една од лекциите се обезбедува пристап до истата. По целосното читање на материјалот е понудена опција „проверете го вашето знаење“ со низа прашања. По успешно одговарање на прашањата на крајот на вашата меил адреса се генерира официјална Потврда за посетено е-учење од ДКСК. Прашањата може да се одговараат до три пати и само доколку претходно е целосно прочитана конкретната лекција,“- велат од ДКСК за ПИНА.мк.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во изјава за ПИНА.мк вели дека придобивките од воведувањето на ваков систем се многубројни и ќе придонесат до поголема борба со корупцијата.

„Преку доближување на едукативните содржини до граѓаните и нивно сензитивирање, едуцирање за механизмите за заштита, но и последиците од коруптивно размислување и дејствување може директно да влијаеме врз намалување на корупцијата во општеството. Комисијата, превентивните алатки ги смета за главен адут во спречувањето на корупцијата, односно намалување на нивото,“ додава Ивановска.

За експертите од оваа област овој начин на учење е веќе познат. Многу компании и институции покрај физичките обуки веќе практикуваат и платформи за далечинско учење, што дополнително им помага во процесот на едукација.

Според нив идејата за создавање на ваков систем за учење на далечина е позитивна бидејќи таквиот пристап е единствениот начин да се едуцира поголема група на луѓе.

„Ако системот на ДКСК е наменет за пошироката јавност, пристапот за далечинско учење е правилен. Доколку не се избере таков начин на едукација би требало учесниците да ги викаат во некои тренинг-центри а тоа е тешко бидејќи прво толку луѓе нема да се пријават, а второ тоа чини многу и бара многу ресурси,“- вели за ПИНА.мк професорот на Факултетот за информатички науки при УКИМ, Гоце Арменски.

Од ДКСК велат дека идејата за создавање на ваков систем најпрво била имплементирана во Министерството за информатичко општество и администрација, но тогаш била наменета само за државните службеници.

„Целта на ситемот на е-учење е што повеќе вработени во јавниот сектор, но и пошироката јавност да имаат пристап до информации и да го зголемат своето знаење за анти-корупцијата, судирот на интереси и системот на интегритет во различни области“- додаваат од ДКСК.

Од таму велат дека вакви системи се практикуваат во повеќе земји, но со различни пристапи и цели.

Системот Е-учење кога ќе го помине предвидениот тест период ќе бидие достапен за пошироката јавност, а лекциите ќе може да се следат на македонски и албански јазик.

Авторка: Симона Паскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА