Притисоците кон новинарите сѐ повеќе се зголемуваат, на суптилен, но сега и сѐ подиректно и позаканувачки, вели новинарката Фросина Факова. Ова доаѓа по објавата на порталот „МКД.мк“ дека новинарката Катарина Додевска била цел на пцовки и навреди од директорот на топланата „Скопје – Север“, Куштрим Рамадани.
Во изјава за „Пина“, Факова вели дека неодамна имала притисоци за објава на текст од поранешниот министер за правда, Аднан Јашари.
„Веста дека Државната комисија за спречување на корупција утврдила дека синот на собранискиот спикер, Талат Џафери положил правосуден испит пред да заврши правен факултет, не поттикна да бараме одговори како е тоа можно. Откако Министерството за правда излезе со известување дека положил правосуден во 2015 година и потпис на тоа ставил тогашниот министер, ние го баравме тогашниот министер, Аднан Јашари за изјава. Откако видел дека е објавен текст со негова слика и со достапните информации ми се јави и почна да ми пишува дека како што рече, „статијата ви е лажна“, и побара да се извиниме. Иако му побаравме да испрати демант којшто ние ќе го објавиме во интерес на вистината, тој одби да испрати демант и повторно побара веднаш да го повлечеме текстот и да се извиниме“, вели Факова, додавајќи дека сепак таа и порталот „Фокус“ за кој работи не прифатиле да се извинат за информации кои официјално се соопштени од Министерството за правда.
Таа вели дека ова е само еден пример за притисоци од функционери или моќници со кои се соочуваат новинарите. Но, случајот со Додевска и Рамадани бил поттик за да „Фокус“ да објави за односот на Јашари, кој исто така е кадар на ДУИ.
„Секако ова што го објавивме не се единствените притисоци со кои се соочуваме. Се поголем е бројот на моќници функционери, службеници во одредени институции, кои си даваат за право да реагираат на објавена информација, со барање да се избрише или да се промени. Кога ја објавив веста која беше официјално потврдена дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција врши претрес во Финансиската полиција на чело со поранешниот директор, Арафат Муареми, од неговиот кабинет ме убедуваа дека веста не е коректна и треба да се промени“, вели Факова за ПИНА.
Сепак, таа е свесна дека секој кој работи како новинар треба да е свесен дека во оваа професија треба да се соочи и избори со секојдневни притисоци и закани. Вели дека не е поборник на тоа новинарите да бидат главна „ѕвезда“ во веста, но потребно е да се реагира и јавно да се зборува тогаш кога ќе се преминат границите.
Додевска: Се надевам дека нема да остане само на осуда, туку ќе има и разрешница
Новинарката Додевска во изјава за „Пина“ рече дека се надева оти случајот со Рамадани нема да остане само на осуда, туку дека ќе има разрешница.
Таа рече дека новинарите се линк на граѓаните со институциите и обврска им е да не молчат доколку откријат нешто, додека обврската на функционерите е тие да споделуваат одговори кои се од јавен интерес, со взаемна почит меѓу двете страни.
„Господинот Рамадани очигледно сакаше да ме понижи, бидејќи ми укажуваше дека тој немал обврска да комуницира со медиумите, ниту со мене, во смисла дека треба да му бидеме благодарни дека ни одговорил на телефонскиот повик и ме праша со тон на потценување, ќе цитирам ‘Кој сте вие бе? Абе кој сте вие бе?’. Ме опцу еднаш, си реков ајде не си слушнала убаво, па потоа уште еднаш, па уште еднаш, веројатно за да го чујам убаво. Според мене една пцовка можеби, иако не оправдувам, но можеби е грешка и избрзаност, но три вулгарни реченици по ред и повеќе од две минути викање на вознемирувачки тон е избор на директорот на топланата Скопје Север, односно тој веројатно се јавил и со таква намера“, вели Додевска за ПИНА.
Додевска: Се надевам дека нема да остане само на осуда, туку ќе има и разрешница
Новинарките на „мета“ за својата работа
Неодамнешното истражување на ПИНА кое беше спроведено со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје покажа поразителни резултати. Над 81 отсто од 103 анкетирани новинари во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа.
Мотивот за вознемирувањето најчесто бил објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ, слично како во случаите на Додевска и Факова. 56.6%, во 43.4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, додека 36.1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија.
Според содржината на онлајн вознемирувањето, доминира говор на омраза (69%), а во околу половина бил демонстриран сексизам (51,7%) и шовинизам (43,7%). Нападите во дигиталниот простор преоѓаат и во закани за физичко насилство (24,1%) и закани по живот (19,5%). Загрижувачки е и податокот што дури 36% од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади. Целата детална анализа на ПИНА може да се погледне на следниот линк.
ПИНА: Над 81% од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување
Автор: Даниел Василев