Половина од учениците и наставниците (49%) истакнуваат постоење на тензии и инциденти во училиштата (со хетероген етнички состав), покажува истражувањето на тема „Насилството во училиштата и меѓуетничките односи“, спроведено во девет училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар.
Истражувањето е направено од Агенцијата за истражување на јавното мислење и маркетинг „БРИМА“ со поддршка на тимот на Програмата за мировно образование, а со намера да се добијат податоци за мислењето и ставовите на наставниот кадар и учениците за прашања поврзани со насилството и меѓуетничките односи во училиштата.
Пријавени се дури 22 различни видови на насилство во училиште, од кои најзастапено е навредувањето и исмевањето 88%, што укажува на негативно влијание на формирањето на општата клима во училиштата, потоа следи уништување на училишен инвентар со 84%.
„Ова може да укажува дека ученичките кои се сторители на вакви форми на однесување се „полни“ со фрустрации, кои не можат да ги манифестираат на друг начин и механизмот фрустрација – агресија се проектира на предметниот свет околу нив и го искажуваат на овој начин. Образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора да се изрази преку демолирање на предмети“, се вели во анализата од истражувањето.
Тепачки меѓу учениците (82%) се на трето место и нема значајна разлика во однос на состав и локација на училиштата, а најмногу се случуваат во училишен двор (60%), заради помала видливост од страна на возрасните.
„Навредувањето на линија наставник – ученик и ученик – наставник е на четврто и петто место на листата. Наставниците во своите едукации не стекнуваат свесност и вештини за справување со лутина и разрешување на конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и средината, често пати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем“, се вели во анализата.
Како причини за насилно однесување помеѓу учениците, најчесто се наведуваат провокациите (61%), омразата или одмаздата (60%), одбраната на другар/ка (46%), љубомората (43%), лошото друштво (43%) и самоодбрана (41%). Нема значајни разлики во однос на средината.
Истражувањето и анализата покажуваат дека училиштата не се доволно препознаени од учениците како места на кои можат да побараат помош во случај на изложеност на насилство: никогаш не се обраќаат на директорот на училиштето (62%), нешто помалку на друг наставник (50%), на педагог/психолог (42%), класен раководител (34%), соученик (31%). За крај охрабрувачки податок дека над 60 % од испитаните наставници проценувата дека насилството е намалено во 2019г. во однос на 2011та и 2012та година.