Голем број жени сè уште економски зависни од други

0
193

Речиси половина од жените на работоспособна возраст немаат ниту платено вработување ниту пак се регистрирани како барателки на работа, покажуваат податоците од Анкетата за работна сила на Европската Унија. Причините за неактивност се најчесто поврзани со грижа за деца и други лица како и други семејни причини. Ова, според Платформата за родова еднаквост е само еден од проблемите со кои се соочуваат жените денеска.

Иако стапките на вработеност и кај мажите и кај жените во последната декада растат, родовиот јаз во вработеноста, тие велат дека е постојано висок. Во 2020 година, од Платформата посочуваат дека 64% од мажите, наспроти 45% од жените на работоспособна возраст се вработени, а дека овој родов јаз е речиси двојно повеќе од европскиот просек.

„Кај ранливите групи жени, ситуацијата е уште посложена. Според податоците на Агенцијата за вработување, во 2019 година имало регистрирано вкупно 4.632 невработени Ромки, додека во 2020 година тој број е за дури 57 %. Од вкупниот број регистрирани невработени Ромки, дури 94 % се без образование или имаат основно образование. Само 205 Ромки искористиле некоја од мерките за вработување од вкупно 7.280 регистрирани невработени Ромки. Ова сведочи за високиот степен на незапознаеност на Ромките со мерките и услугите на пазарот на трудот, и несоодветно креирани мерки чии критериуми за користење ретко може да ги исполнат Ромките“, велат од Платформата.

За време на пандемијата, дури 42% од жените во руралните средини имале потешкотии да се снабдат со храна и основни средства за хигиена, а нивната економска слабост и финансиската зависност од останатите членови во семејството, според Платформата ги прави уште поранливи, а често и жртви на родово-базирано насилство.

„Најголемиот број жени сѐ уште сметаат дека во домот постојат машки и женски работи, а одлуките во домаќинството или во семејното земјоделско стопанство за жал сѐ уште ги носи само мажот. Тоа се докажува и со фактот дека само 5% од жените во руралните средини имаат било каков имот на свое име, а работат дури и по 11 часа на ден и придонесуваат во домаќинството. Тоа што немаат приходи немаат имот не се регистрирани по ниту еден основ ги прави жените дел од неформалната економија, односно целосно невидливи за системот, па така само 38% од жените во руралните средини се економски активни, велат од Платформата за родова еднаквост.

Дополнително, велат дека тие имаат и недостиг на здравствени услуги и социјална заштита, немаат градинки, патишта, осветлување, како и  јавен превоз.

Според Македонската платформа против сиромаштија (МППС) пак, нивниот проблем се должи на сериозниот недостаток на социјални услуги, семејно насилство кои останува зад затворени врати, лица со попреченост кои се оставени на поддршката само на семејството и многу традиционални и културни бариери кои го успоруваат економското јакнење на жените.

„Улогата на жената е се уште поврзана со грижа за сите членови на семејството и неплатен труд во рамки на семејните стопанства. Тоа ги оневозможува во користење на правата кои произлегуваат од законите кои ги регулираат работните односи“, децидни се тие.

Во меѓувреме, Платформата за родова еднаквост посочува дека во 2021 година се донесе првата мерка за директна финансиска поддршка на жени носителки на семејни земјоделски стопанства. Но за оваа мерка дури 56% од жените не ни слушнале дека постои, а не пак да аплицираат за неа.

„Дополнителен пораз е што жените па дури ни оние регистрираните за жал сѐ уште немаат право на породилно отсуство ниту на боледување при повреда на работа затоа што повторно законската регулатива или системот тоа не го дозволува, па така многу често мајките со своите бебиња заедно одат на нива, копаат, садат, ораат, берат, преработуваат, продаваат“, додаваат тие.

За Македонската платформа против сиромаштија, минималните еднократни финансиски пакети кои се даваат како поддршка се премногу мали и не го решаваат нивниот проблем.

„Не е доволно да се излезе во пресрет само на луѓето кои се евидентирани во системот на социјална заштита туку да се поддржат и оние кои се близу над линијата на сиромаштија со комбинација на пакети од храна, здравствени и социјални услуги“, заклучуваат од МППС.

Дополнително, потенцираат дека богатите уште повеќе се збогатиле, додека сиромашните дополнително осиромашиле. Осиромашувањето пак, велат дека трае во континуитет со почнувањето на кризата, но додаваат дека оние кои биле најсиромашни и најранливи биле најмногу погодени.

„Сведочиме пораст на минималната и просечната плата, се зборува за пораст на пензиите, но нема пораст на гарантираната минимална помош, ниту на другите исплати. Тоа директно значи дека најсиромашните, кај оние кои ја користат последната социјална опција за да преживеат дополнително се продлабочила сиромаштија“, велат од МППС.

„Сиромаштијата има женско лице“

Веќе традиционално, по шести пат, и годинава на 8 март се одржа марш за женски права по повод Меѓународниот ден на жената. Тематскиот марш годинава се одвиваше под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“, а со него се побара итно усвојување на стратегијата за родова еднаквост, донесување на Закон за родова еднаквост, како и воведување функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките.

Дополнително, активистките кои маршираа во главниот град побараа и постапување со должно внимание со жртвите на родово базирано насилство од страна на институциите.

„На маршот, потсетивме дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот“, велат организациите членки на Платформата за родова еднаквост.

Според нив постигнато е многу, но треба да се постигне уште многу многу повеќе. Треба да се работи системот на државата да создаде услови и околина која што ќе го гарантира напредокот на жената, односно да се погрижи ако веќе жените ги има во Собранието, да ги има и во Владата.

Авторка: Маја Терзиова