Студентите не пријавуваат дискриминација бидејќи сметаат дека тоа ништо нема да промени

0
80

Студентите имаат на располагање неколку механизми за пријавување, односно спречување и искоренување на дискриминацијата во рамките на високото образование. Сепак, бројот на пријави е мал, а студентите не одлучуваат да преземат таков чекор сметајќи дека тоа нема да донесе резултат, но и поради страв од дополнителна виктимизација.

Исмаил Камбери кој е член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за ПИНА вели дека досега имаат добиено само една пријава од студентка која резултирала со Мислење за утврдена дискриминација.

Исмаил Камбери

„Во пријавата подносителката изнесе наводи за дискриминаторска практика во однос на износот на стипендија за студенти запишани во различни академски години. Сите подносители на дискриминација добиваат правна помош во форма на правно упатување и за предметот но и доколку пријавата не претставува дискриминација. Во овој случај, доколку Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не е надлежна за предметот, тогаш го упатува подносителот до соодветното место“, објаснува  Камбери.

Голем број од студентите кои биле жртви на дискриминација и кои знаат за потенцијалните начини за заштита, немаат доверба да преземат дејствија поради страв дека нема да се постигне промена или поради страв од дополнителна виктимизација.

Ова го покажува истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“ кое го спроведе Младинскиот образовен форум (МОФ) кој ја анализираше состојбата на студентска дискриминација во четирите државни универзитети.

Во него, се посочува дека дури 234 студенти биле жртви на дискриминација, а 75% од нив истакнале дека дејството било направено од професорите.

„Ова е доказ дека студентите поради некоја лична карактеристика не се третирани како еднакви чинители во академската заедница и дека одреден број од професорите, користејќи ја својата позиција на моќ, си дозволуваат дискриминаторски дејствија спрема студентите“, се наведува во истражувањето на МОФ.

Истовремено, Камбери посочува дека како превентивни мерки кои можат да ги преземат надлежните институции се подигнување на капацитети со цел препознавање, спречување и отстранување на дискриминацијата. Дополнително, тој наведува дека надлежните можат да работат и на подигање на свеста за штетните последици и сензибилизирање на претставници на релевантни институции во однос на работата со студенти.

Тој напомена дека засега нема остварено формална соработка со универзитетите, но дека во оваа насока, КСЗД во иднина ќе се стреми да оствари и формална соработка, со цел да креира и материјал за предавање кој може да им биде од корист на студентите.

За начинот на којшто студентите можат да пријават дискриминација до Комисијата, Камбери посочува дека тоа може да го сторат со електронско поднесување на претставка со пополнување на формулар во делот „Пријави дискриминација“ на веб-страницата на Комисијата и на нивната мејл адреса. Постои можност и за поднесување на претставка по пошта, но и лично.

Деканката на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип Олга Ѓуркова вели дека нивниот факултет практикува политика на нулта толеранција за дискриминација на студентите по било кој основ на дискриминација и дека цврсто стојат на ставот дека никој не смее да толерира ниту пак да практикува дискриминација кај студентите.

Олга Ѓуркова

„Согласно Статутот на УГД предвидено е дека Универзитетот и единиците изработуваат и спроведуваат политики насочени кон заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста. На Универзитетот и на единиците и се забранува секаков облик на директна и индиректна дискриминација и вознемирување при самиот процесот на запишување на студии, образовниот процес, достапноста до услуги и бенефиции, бенефициите поврзани со работата на Универзитетот и можностите за развој, содржината на студиските програми, управувањето и учеството во органите и телата на Универзитетот и единиците на Универзитетот“, вели Ѓуркова.

Во однос на тоа каде студентите на овој факултет би можеле да се обратат во случај на дискриминација, Ѓуркова вели дека пријава може да се достави до факултетските и универзитетските органи, кои за таа намена формираат комисија, но и до студентскиот правобранител.

„За да докажеме дека сме достојни на прокламираната заложба за заштита од дискриминација, на Универзитетот се забрануваат содржини во учебниците и учебните помагала кои поттикнуваат дискриминација или создаваат вознемирување врз дискриминаторска основа. Исто така, Универзитетот им овозможува на студентите со инвалидитет да ги изразат своите способности во полн капацитет и ќе им обезбеди соодветна инфраструктурна, техничка и процедурална поддршка. Универзитетот ќе обезбеди рационално приспособување на индивидуалните потреби на студентот, зависно од видот и степенот на инвалидитет“, дополнува Ѓуркова.

Деканката се надева дека студентите ќе имаат храброст да пријават било каков случај на дискриминација по било која основа.

„Имаме механизми преку кои ги охрабруваме да го направат тоа, впрочем и при самата самоевалуација на Универзитетот, студентите пополнуваат анонимни анкети на кои можат слободно да ги наведат сите предизвици, пречки, проблеми и потешкотии со кои се соочуваат на факултетот. За среќа, дискриминацијата никогаш не е наведена како проблем кај студентите. Досега немаме ниту една пријава за дискриминација на Факултетот што сметам и дека ја отсликува реалната слика на нашите многукратни заложби за заштита од дискриминација“, децидна е таа.

Автор: Кристијан Трајчов