На плодни земјоделски површини ќе се „произведува“ струја

0
132
Фото: Gabriel on Unsplash

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, Владата преку Министерството за земјоделство предлага фотонапонски централи да може да се градат и на најплодно земјоделско земјиште.

Во законските измени стои дека „земјоделското земјиште од III и IV катастарска класа може да биде пренаменето заради донесување на урбанистички проект вон опфатот на урбанистички план и урбанистички план вон населено место со кое се планира наменска зона за енергетски градби (хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклерани електрани, ветерни електрани, концетрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани) само доколку во катастарската општина за каде што се планира донесување, односно одобрување на урбанистичкиот план, односно урбанистичкиот проект нема земјоделско земјиште од пониска катастарска класа.“

Земјоделците преку нивните здруженија и синдикати реагираат и истовремено стравуваат дека плодните ниви, наместо за производство на храна, ќе се користат за производство на струја.

Игор Китаноски, претседател на Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Македонија, во изјава за ПИНА.мк ја потврди опасноста дека на подолга стаза, со нудењето на обработливото земјоделско земјиште за изградба на фотоволтаици, земјоделските култури ќе имаат тенденција на опаѓање на производството, имајќи предвид дека само производството на тутун во изминатата година бележи пад од скоро 40%, бидејќи главен проблем во државата е тоа што нема кој да работи повеќе земјоделие.

Тој истакнува дека особен проблем е тоа што неконтролирано се овозможува на плодно земјиште да се градат различни објекти, што се случува години наназад, како резултат на поразителни политики.

„Таков е и примерот со децентрализацијата, преку која се дозволи плодното земјиште да стане градежно и на него да се гради или да се формираат индустриски зони на кои нема ниту еден производен капацитет. Земјоделецот наместо да произведува на плодна почва сега оди со километри да обработува неплодно земјиште. Така е во струмичкиот регион, а така е и во другите региони. Од друга страна очекуваме земјоделците да произведуваат повеќе храна која сѐ помалку ќе ја има во светот,“ вели Китаноски.

Според Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ), во земјава моментално има конфузија во поставувањето на вакви централи.

Оттаму за ПИНА.мк уверуваат дека предложените измени во законот за земјоделско земјиште имаат за цел да го заштитат земјоделското земјиште од вакви пренамени за изградба на енергетски објекти.

„Како Министерство наша главна цел, на која посветено сите овие години работиме, е секоја една педа обработлива земја да ја ставиме во функција за производство на храна. Оваа цел произлегува и од донесениот Национален план за производство на храна што Министерството уште минатата година го подготви и донесе. Конкретно преку овие измени за првпат се заштитува земјоделското земјиште од од 1 и 2 класа, од можна пренамена во градежно земјиште со наменска зона за енергетски градби. Ова би значело дека по донесувањето на овие измени, за првпат, Министерството добива законска можност и алатка, како да го заштити земјоделското земјиште од пренаменување во градежно,“ велат од МЗШВ.

Учество на синдикатите во креирање на политиките

Китановски оценува дека од друга страна, наскоро ќе се појави голема моќност во сончевите периоди и цената произведена од фотоволтаици ќе падне, а со тоа повратот на инвестицијата во вакви централи ќе се пролонгира и ќе стане неинтересен овој бизнис.

Според него компаниите ќе сфатат дека најисплатлива инвестиција во фотоволтаични централи ќе биде само онаа во која панелите не се поставени на земјиште и кога целото производство се користи за сопствени потреби.

Китановски вели дека неопходна е потребата од развој и транзитирање кон обновливи видови на енергија со што ќе се придонесе за зачувување на животната средина како услов за опстанок и на идните генерации.

Сепак, особено е важно во оваа област да се развива социјалниот дијалог и да се овозможи учество на синдикатите во креирање на политиките за одржлив развој во светот на работата и трудот.

„Државите се носители на одговорноста за креирање на политиките и мерките за постигнување на целите на одржлив развој, но во современите и демократски општества е неопходно преку унапредување на социјалниот дијалог активно да се вклучат социјалните партнери, синдикатите, бизнис-секторот, граѓанскиот сектор, научната и стручната фела, кои со своите специфични ресурси можат да придонесат за реализација на зелената агендата и одржливиот развој изгласани и донесени од Европската унија, а со која ЕУ треба да стане климатски неутрална до 2050 година,“ вели Китановски.

Од МЗШВ појаснуваат дека моменталнта постоечка законска рамка во делот на донесување, односно одобрување на урбанистичко планска документација, а со која постапка се врши и пренамена на земјоделско земјиште во градежно, не предвидува ограничувања во делот на класите на земјоделско земјиште, ниту пак за намената на проектот.

„Ова значи дека, со новиот Законот за урбанистичко планирање од 2020 година, ако донесувачот на планот започне постапката за пренамена на земјоделско земјиште за градба на енергетски објекти, МЗШВ нема законска надлежност да ја спречи пренамената. Во таа цел и се овие предлог измени и дополнувања, со кои ќе се пропишат критериуми на која класа на земјиште не можат да се градат енергетски објекти и кои се исклучоците, а во исто време и Законот за земјоделско земјиште ќе се усогласи со одредбите од Законот за урбанистичко планирање,“ објаснуваат од надлежното министерство.

Но со овие предлог-измени има еден исклучок, кој како што објаснуваат од МЗШВ, се предвидува кај делот на 1 и 2 категорија земјшите, а тоа е изградбата на енергетски објекти кои се предмет на стратешки инвестиции и не претставуваат никаква закана за земјоделското земјиште.

„Ваквите исклучоци се водат по друга постапка уредена со посебен закон кој најпрво во транспарентна постапка ќе треба да се оправда стратешкиот интерес и важност за тој енергетски објект и користењето на земјоделското земјиште од прва и втора класа, па дури тогаш да се пренеамени,“ велат од Министерството.

Финансиските моќници „лобираат“

Марјан Ненов од Здружението за заштита на граѓанските права, за ПИНА.мк вели дека бизнис заедницата е преполна со незаситни моќници, кои прават огромни штети за да остварат свои заработки. Нивното финансиско „лобирање“ најдобро се чувствува во државните структури, кои носат одлуки и кои го контролираат и регулираат пазарот, особено енергетиката.

„Со пари и моќ се менуваат закони и штелуваат подзаконски акти во интерес на одредени бизниси. Исклучиво штетна е иницијативата плодното земјоделско земјиште да се пренамени за други намени. Тоа е ресурс од национален интерес. Штетата врз реките создадена од малите хидроцентрали се повторува со изградба на фотоволтаични централи на плодно земјиште.Паметните држави работат на зголемување на овие површини, од пустини создаваат оранжерии и плантажи. Кај нас процесот е обратен. Собранието ги носи законите, а Регулаторна комисија за енергетика е одговорна за издавање на лиценци за производители на електрична енергија од фотоволтаици. Во условите за добивање на лиценца доколку се работи за централа врз земјиште досега се дозволуваше само на земјиште од петта категорија па нагоре и беа заштитени категориите од 1 до 4. Сепак, не сум сигурен дека и ова се почитуваше. Сега незаситноста за профит се нафрли кон најплодното земјоделско земјиште. И пасиштата. Иако сум енергетски менаџер, во секој случај предноста ја ставам на страна на производството на храна. Сè повеќе увезуваме храна, а потребата од млеко и млечни производи е сè поголема. Цената на храната расте. Засега конторлата до одредена мерка ја имаат само општините, но само за централи до 1MW,“ додава Ненов.

Ненов е дециден дека не е доволно негодувањето на земјоделците да го сопре овој тренд, туку потребни се порадикални мерки и поддршка од јавноста.

„Како што ќе се шири притисокот ќе бидеме сведоци на земјоделски протести, блокади на регионални патишта и намерно предизвикани штети врз фотоволтаичните централи. Што ги спречува оние што инвестираат во производство на струја од фотоволтаици да инвестираат во производство на храна? Помали заработки, повеќе труд, неможност за манипулации?,“ вели Ненов и порачува дека не смееме да си дозволиме да го изгубиме плодното земјиште.

Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА