Редици граѓани на студеното време за вадење лични документи

0
124
Фото: pina.mk

Редици граѓани пред полициската станица „Пролет” во Скопје каде се наоѓа пунктот за промена на лични документи без закажување. Се чека и по неколку часови, некои денови на студено време се со цел да завршат работа и да успеат да се сликаат за лична карта, пасош или возачка дозвола.

ПИНА.мк во два наврати излезе на терен за да ја увиди состојбата и да поразговара со граѓаните. Затекнавме повозрасни, изнемоштени и нервозни лица кои се надеваат дека баш тој ден трудот ќе им се исплати и ќе успеат во својата намера.

„Три часа најмалку се чека. Закажување преку телефон нема шанси, даваат термини после неколку месеци. На мене на пример дури крајот на август ми рекоа за термин, а ги барав пред два месеци. Проблем е што мора да имаш и средства на картичката за да платиш на лице место, инаку ќе треба парите да се уплаќаат во банка и со тоа ќе се отежни процесот уште повеќе“, рече еден од граѓаните.

Затекнавме и пензионер кој чува ред на неговата внука која се уште е на училиште.

„Кога ќе заврши, ќе и го отстапам местото за да може таа да заврши работа. Што да правиме, јас сум пензионер, имам време и ќе чекам. Има многу граѓани кои не беа трпеливи па решија да си заминат. Ова што се случува не е во ред. Издвојуваме ден за да завршиме работа, но ако сте нетрпеливи, пак нема да завршите работа“, вели  тој.

Според друг граѓанин доколку си богат, можеш да се сликаш и по брза постапка.

„Но, 6.100 денари за пасош по брза постапка се премногу пари, ова не е во ред. Ова не е по наша вина и бидејќи е така, ова треба да го покрие државата или во најмала рака да биде поевтино, барем за пасошот“, вели тој.

Ова се само дел од мислењата на граѓаните кои нестрпливо чекаа во ред.

Разговаравме и со девојка која го пренесе своето искуство со вадењето на пасош по брза постапка.

„Јас бев во зградата на МРТ за да го подигнам мојот пасош по брза постапка. Чекав два часа и пак не завршив работа бидејќи рекоа дека тој ден порано ќе завршат со работа за примање на странки за земање документи. Сите ние одделуваме дел од своето време за ова, но пак работата не тече како што треба. Исто така, ова не е мал финансиски товар за сите граѓани, посебно ако итно ви треба пасош“, вели девојката.

Проблем има и пред шалтерите за подигнување на готовите документи. Граѓани се жалат дека со часови се чека и на шалтерот на МВР во МРТВ, каде исто така постојано има долги редици на граѓани кои чекаат да ги земат новите документи.

Нема казни за граѓаните кои нема да успеат да ги заменат документите

Од Министерството за внатрешни работи за ПИНА.мк велат дека новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи, лоциран во рамки на Полициската станица „Пролет” во Скопје овозможува граѓаните од Скопје, без претходно закажување, по редовна постапка, да се фотографираат за лични документи и тој е отворен за да им се излезе во пресрет на барањата на граѓаните.

„Инсталирани се 10 работни станици, а системот овозможува по околу 1.000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Од 15.11.2023 заклучно со 12.12.2023 вкупно се примени 26.800 барања во пунктот во ПС „Пролет“. Според нашите анализи, со оваа динамика, сите граѓани ќе ја добијат услугата, односно своите лични документи“, велат од МВР за ПИНА.мк.

За граѓаните кои нема да успеат да ги сменат своите документи до февруари 2024 година, нема да има казни. Но после тој период, доколку пасошот го содржи името Република Македонија, наместо Република Северна Македонија, тие нема да можат да патуваат.

Вршењето на услуги во банките, ќе се одвива непречено доколку документот е со важечки датум, независно дали го содржи името Република Северна Македонија.

Финансиски товар врз граѓаните

Во моментов, замена на лична карта чини 310 денари, наместо 190 денари колку што изнесуваше услугата претходно. Лицата над 27 години за замена на пасош сега плаќаат 2.000 денари во редовна процедура, наместо претходните 1.500 денари, а за нова возачка дозвола се потребни 410 денари, наспроти 280 денари колку што чинеше претходно.

Според објаснувањето на МВР  причината за промените на цените „се веќе зголемени набавни цени на увезени обрасци, зголемените трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, набавката на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација, како и набавка на дополнителни количини обрасци по очекувани нови повисоки цени поради состојбите на светскиот пазар.

Инаку, граѓаните, согласно Договорот од Преспа, треба да ги сменат личните документи со новото име на државата до февруари 2024 година. Покрај пасошот, граѓаните треба да ги сменат и личните карти и возачките дозволи, бидејќи тие можат да се користат надвор од државата и се опфатени со техничкиот период наведен во Договорот кој почнува пет години од неговото стапување во сила.

Договорот од Преспа предвидува и промени на регистарските таблички, но наместо да се менуваат целосно, врз налепниците „МК“ ќе се става ознака „НМК“.

Тендерот во износ од 2,3 милиони евра го доби компанијата „Квантум“ од Скопје заедно со германската „ЕХА Хофман интернационал“.

Нема информација колку овие налепници ќе ги чинат граѓаните кои имаат регистарски таблички со ознаката „МК“.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА