Младите не ги добиваат добитните позиции како кандидати за пратеници

0
43

Просечната возраст на кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни е избори е 42,54 години. Партијата со најмлади кандидати има просечна возраст од 32,3 години, додека највисоката просечна возраст кај една партија е 53,2 години. Најмладите кандидати на овие избори имаат 18 години, додека највозрасниот кандидат 87 години.

Ова се дел од наодите на новото истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер за позицијата на младите на парламентарните избори 2020. Истражувањето цели да обезбеди информации и поттикне дискусија за тоа како младите, како една од маргинализираните групи во општеството, се претставени на листите и програмите на политичките партии.

Според истражувањето, дури и кога младите се претставени на листите, првите позиции со најголема веројатност за пратеничко место, се помалку достапни за нив. Според кандидатските листи, кандидатите на првите 5 позиции се 2,6 години постари од остатокот од кандидатите. Изборната единица со најмлади кандидати во просек е И.Е. 6 со 40,6 години, додека највисока просечна возраст има во И.Е. 1 со 44,7 години.

„Гледајќи ја застапеноста на младите кај политичките партии со кандидатски листи во сите шест изборни единици, политичката партија со најмногу млади има 38 млади лица од 120 кандидати, додека само 3 партии одвоиле над 30 позиции за млади кандидати од своите 120. Процентот на застапеност на млади лица на возраст од 18 – 29 години на листите се движи од 35% кај партијата со најмногу млади кандидати, до 1,7% кај партијата што има најмал број“, се вели во истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Иако младите луѓе сочинуваат голем дел од населението и се клучна алка за одржливоста на општеството, се вели во истражувањето, тие се најчесто диспропорционално вклучени во политичките тела кои ги претставуваат интересите на граѓаните.

„Отсуството на можности за квалитетен живот резултира со иселување, незадоволство и апатија. Поради ова вклученоста на младите во политичките процеси е предуслов за подобрување на можностите за младите во земјата, а нивната претставеност во институциите кои ги претставуваат граѓаните важна за нивната репрезентативност. Учеството на младите е комплексно прашање со различни аспекти, но малку се зборува за застапеноста на младите во институциите кои носат одлуки и во програмите на политичките партии од кои често се раѓаат јавните политики“, се вели во истражувањето.

Со овие податоци, од Фондацијата за демократија на Вестминстер, велат дека се обидуваат да ги стават младинските прашања во фокусот преку парламентарните избори 2020. Податоците кои се анализирани се обезбедени преку веб страницата: https://candidatelist.sec.mk/.

Во идниот период од Фондацијата најавија и анализа на програмите на политичките партии за изборите, која ќе биде објавена на есен.