Анкета на ССНМ: Новинарите и медиумските работници со плата далеку под просечната

0
118

Ниските примања, како и непочитувањето во целост на Законот на работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочува медиумската фела.

Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат од 15.000 до 20.000 денари плата. Ова го покажува анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена на 150 испитаници, на кои им беа поставени прашања во врска со работничките права и состојби во новинарските редакции во земјава.

„Вкупно 53 лица или 35,3 % одговорија дека нивните месечни примања се од 15 до 20 илјади денари, додека пак 46 лица или 30,6% одговориле дека добиваат месечна плата помеѓу 20 и 25 илјади денари . Дваесет луѓе или 13,3% одговорите дека нивната плата е во висина од 25 до 30 илјади денари, а 23 лица или 15,3% земаат над 30 илјади денари плата. Само осуммина или околу 5% одговориле дека нивните примања се под 15 илјади денари во месецот“, се вели во анализата на ССНМ.

Според Државниот завод за статистика за месец април 2020 година просечната плата изнесувала 25.830 денари. Според ова, најголемиот дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава. Според последниот извештај на „Репортери без граници“ од 180 земји, Македонија е рангирана на 93. место, што само по себе зборува за атмосферата во која работат медиумските работници.

„Медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а 45 одговориле дека познаваат колеги ја изгубиле работата. Во проценти, 33% од анкетираните знаат дека некој во медиумскиот бизнис овој период останал без плата“, се вели во анализата на ССНМ.

Вкупно 62% или 93 лица одговориле дека постои социјален јаз во редакцијата . На прашањето каде најмногу, 34% или 51 лице не дале одговор, 31% или 46 одговориле дека меѓу уредник и новинар, а 22% или 33 лица одговориле дека социјалниот јаз меѓу новинари и технички персонал. Најмалку од испитаниците 13% односно 20 лица одговориле дека јазот е меѓу новинарите.

Дури 112 или 75% од испитаниците одговориле дека се со високо образование, а 18% или 27 испитаници со средно образование и 7% или 11 лица со виша школа. На прашање дали образованието е поврзано со новинарство, потврдно одговориле речиси половина или 70 лица, а негативно 74, шест лица не дале одговор на ова прашање.

Во однос на статусот во медиумот во кој работат, 41% или 61 лице одговориле дека се вработени на неопределено време, а 36% или 54 испитаници се на определено . Хонорарно за работа во еден медиум работат 13% или 19 испитаници, а 10% или 16 одговориле дека работат хонорарно во повеќе медиуми.