Почетна Вести „Ниту една повеќе“: Инсистираме на институционална одговорност за сите жени чии животи...

„Ниту една повеќе“: Инсистираме на институционална одговорност за сите жени чии животи беа одземени

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, стотици граѓан(к)и маршираа на скопските улици против фемицидите и насилството врз жените.

0
18
Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ

Со свирежи и извици „Нема да не снема“ и „Сите за една, една за сите“ се одржа протестниот марш против фемицидите и зголеменото насилство врз жените.

„Инсистираме на институционална одговорност, навремена заштита, доследно постапување и судска правда за сите жени кои преживеале насилство, за сите жени чии животи беа одземени. ВЕДНАШ!“ бараат од граѓанската организација „Ниту една повеќе“ која го организираше протестот.

Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ

На протестот се обрати и музичарот Мартин Џорлев.

„Има толку многу корупција во институциите што луѓето почнуваат да веруваат дека нивниот труд е залуден. Но и по протестот не смееме да застанеме. Треба да создаваме и да бидеме очи на оние што се спротивставуваат на партизацијата. Оние што ја поддржуваат партизацијата не смеат да ја избегнат одговорноста за фемицидите и корупцијата. Судиите и полицајците треба да се соочат со гневот на граѓаните и со барањето за емпатија. Додека не ја добиеме правдата, мир за вас нема да има!“, изјави Џорлев.

Од паркот Жена борец, маршот продолжи кон Министерството за внатрешни работи и иако беше предвидено последна точка на маршот да биде влезот на МВР, сепак на демонстрантите не им беше дозволен пристап до истиот.

„Од што се плашите? Џандари убијци!“ извикуваа граѓаните, обвинувајќи го МВР како заштитник на насилниците.

Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ
Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ
Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ
Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ

Со транспаренти „„Не е трагедија, фемицид е“, „Не сме само број“, „Не сте свесни колку сме бесни сме!“, се испрати пораката дека институциите мора да поднесат одговорност за убиените жени и заштита за оние што се жртви на семејно/партнерско и родово базирано насилство.

„Одбиваме да поддржуваме институции кои не сакаат и не можат да не заштитат. Не прифаќаме и нема секое ново убиство да биде неколкудневна јавна вознемиреност проследена со институционален молк. Доста е со прес-конференции, извештаи од не-комисии и вербална солидарност. Нема да дозволиме институциите да се кријат зад протоколи, извештаи, процедури и комисии! Нема да ја дозволиме апсурдната вообичаена дневно-партиско-политичка програма додека ние ги закопуваме нашите другарки!“ изјавија од „Ниту една повеќе“.

Протестниот марш заврши со симболично истурена земја пред Министерството за внатрешни работи, која претставуваше гроб во спомен на жртвите на семејно насилство и фемицид.

Организаторите најавија нов протест за две недела кога и истекува рокот кој денеска им го поставија на институциите за исполнување на нивните барања.

Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ
Протестен марш против фемициди и зголеменото насилство врз жените, 25.11.2026 | Фото: Бјанка Станковиќ

Активистите бараат институциите да престанат со празни ветувања и да преземат конкретни мерки за заштита 

Од „Ниту една повеќе“ бараат побрзо усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Тие ги споделија нивните шест конкретни барања до институциите:

1.     Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна до 10 декември 2026 година.
2.     Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше формирана работна група во Април 2026 година меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.
3.     Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите.
4.     Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.
5.     Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и учебници  за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање на сексуалното образование.
6.     Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти.

Минатата недела, со едноминутен молк и огромен транспарент „Женски надзор“, поставен пред Владата беше одржана блокада против институционалното непостапување за родово базираното насилство кое годинава резултираше со 7 фемициди.

Авторка: Бјанка Станковиќ