Почетна Анализи Кој го контролира бизнисот со половни автомобили во Крива Паланка?

Кој го контролира бизнисот со половни автомобили во Крива Паланка?

Крива Паланка со години го гради имиџот на град во кој купувачите од цела Македонија доаѓаат по половен автомобил, но зад растечката понуда на автоплацовите стои бизнис за кој институционалните податоци се ограничени, а контролите не се чести.

0
11
Фото: Христина Николовска

Крива Паланка е познато место каде се упатуваат купувачи од цела Македонија кои бараат половен автомобил. При влез во градот, по старата сообраќајница, покрај патот се забележуваат бројни автоплацови на кои се изложени автомобили, од просечни секојдневни возила – до луксузни џипови.

„Ас-ауто“, „Вип-ауто“, „Перфект-ауто“, „Ауто Авангарде“, „Батерфлај“ се само дел од називите на фирмите кои вршат продажба на половни возила, увезени најчесто од Италија и Германија.

Во Крива Паланка се регистрирани 32 вакви фирми, но она за што малку се зборува е дали институциите доволно го контролираат овој бизнис. Во период од четири години Управата за јавни приходи извршила само десет контроли кај фирмите кои вршат трговија со автомобили, додека улогата на локалната самоуправа во следењето на оваа дејност е ограничена. Пазарниот инспекторат имал вкупно девет надзори за цели пет години и само една акција во координација со Полицијата.

Иако царинењето на увезените возила е регулирано со правила, познавачите посочуваат дека ризиците од можни малверзации не треба да се разгледуваат само низ процесот на царинење, туку и низ начинот на кој возилата се продаваат и контролираат.

„Царинењето на стари возила се врши според правилата на Светската царинска организација и Светската трговска организација. Вредноста се утврдува според каталогот Schwacke и според VIN (бројот на шасијата). Колку и некој да сака да ја намали вредноста, тоа не е можно поради податоците од каталогот“, вели за ПИНА извор од Царината.

Соговорник од антикорупцискиот сектор за ПИНА нагласува дека постојат случаи кога нецаринети возила се расклопуваат за делови кои исто така може да се најдат на продажба на автоплацовите или пак низ авто-сервисите.

„Вистинскиот проблем се возилата што се увезуваат, а потоа се носат на автоплацови без да бидат царинети и се расклопуваат за продажба како резервни делови. За тоа се надлежни МВР, во делот на откривање и постапување, како и институциите што вршат контрола на автоплацовите каде што се продаваат деловите. Во овој сегмент надлежности имаат и УЈП и Државниот пазарен инспекторат“, додаваат за ПИНА.

Со ова се отвора можност за продажба на црно на авто-делови кои потекнуваат од автоплацовите низ работилниците и авто-сервисите во Крива Паланка и околината, за кои често корисниците не добиваат фискални сметки.

Десет контроли, неправилности кај девет даночни обврзници

Според податоците од УЈП, на територијата на општина Крива Паланка со дејност „трговија со автомобили и лесни моторни возила“, регистрирани се 32 даночни обврзници. Овој податок го потврдуваат и од локалната самоуправа од каде споделија листа на сите регистрирани автоплацови заклучно со 2025 година. Но, други податоци за нив не поседуваат.

„За регистрација и издавање на одобренија за дејност немаме надлежности, немаме надлежност ниту да вршиме контрола на нивното работење. Не е забележано користење на јавен простор, тротоари и улици за изложување на возила“, соопштија од општина Крива Паланка од каде велат дека нема пријави или поплаки во врска со ова прашање од граѓани.

Од УЈП велат дека во периодот од 2022 до 2026 година, кај овие фирми се извршени десет контроли.

„Од спроведените десет контроли кај десет даночни обврзници, констатирани се неправилности за девет даночни обврзници. Од нив, наплатени се седум во законски предвидениот рок, додека кај другите две неправилности има мерки за наплата (уплата од физичко лице-даночен гарант)“, појаснуваат од УЈП.

Во наведениот период поведена е прекршочна постапка против еден даночен обврзник, велат од УЈП за ПИНА.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека за пет години, од 2022 до 2026 година, на автоплацовите во Крива Паланка се извршени девет инспекциски надзори.

„Кај шест правни лица се изречени инспекциски мерки, при што инспекциските постапки се во тек. Во однос на прашањето за бројот на спроведени заеднички контроли со Царинската управа, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи кај автоплацовите на подрачјето на Крива Паланка во периодот од 2022 до 2026 година, во рамките на надлежностите на Државниот пазарен инспекторат е спроведена една заедничка акција со Министерството за внатрешни работи“, велат од Пазарниот инспекторат, без да ги откријат имињата на автоплацовите кои биле санкционирани.

Според неофицијалните информации на ПИНА од летово се засилени контролите на пазарните инспектори на автоплацовите на територијата на Скопје, а планот е да биде опфатен овој сектор на целото подрачје на државата.

Фото: Христина Николовска

Расте увозот на половни автомобили, но што знаат купувачите за нивната состојба?

Според последниот попис во 2021 година, Крива Паланка има 18.059 жители и близу седум илјади домаќинства. Во 2024 година се бележат 5.965 регистрирани возила, од кои само едно електрично. Возниот парк значително се зголемил за четири години, во 2021 година биле евидентирани 4103 патнички автомобили.

Во градот постои мислење дека е едноставно и финансиски достапно за да се дојде до квалитетен половен автомобил. Но, постојат и луѓе кои тврдат дека со половни автомобили се отвора цела низа на проблеми.

„Паралелно со зголемениот увоз и бројните возила во градот, расте и работата на авто-мајсторите каде тешко е да се дојде на ред. Тука порачуваат делови кои ги продаваат по екстра цени, а не секогаш се знае од каде се порачуваат овие делови, па се чека со недели, а тоа старо возило си бара редовни поправки и се така во круг“, вели паланчанецот И.Ц. Според него вината, поради која граѓаните купуваат „отпад“ од Европа, е сиромаштијата, односно ниските примања на македонските граѓани, особено оние во помалите градови.

Според официјалните податоци од Царинската управа, увозот на половни патнички автомобили во Македонија, лани, достигнал 46.805 возила, што е за 5.322 повеќе од 2024 година, кога биле увезени 41.483 половни автомобили.

Далибор Вучковски, вработен во Центарот за возила – Крива Паланка, го потврдува овој тренд.

„Од година во година се зголемува увозот на половни возила, пред сè за продажба, додека многу мал дел остануваат во градот и се регистрираат“, оценува Вучковски кој нагласува дека како и секое половно моторно возило, има недостатоци – секое за себе, во поглед на каросеријата, механичките недостатоци и нивната техничка исправност.

„Сите возила коишто не ги исполнуваат условите, односно не се технички исправни, не може да поминат технички преглед и ќе бидат вратени на повторен технички преглед, а причините може да бидат најразлични“, дециден е тој.

Фото: Христина Николовска

Сообраќајниот инженер тврди дека во скоро сите технички прегледи ретко се случува нешто да помине незабележано од контролорите.

„Овој преглед се врши според правилник за технички преглед на моторни возила и многу е мал процентот за грешка“, смета Вучковски.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека немаат примено ниту една поплака за купено половно возило. Според нив, ова веројатно се должи на фактот што самите купувачи се свесни дека купуваат нешто што е веќе користено, па така и не очекуваат дека возилото ќе биде како од салон.

Продавачите предупредуваат на високи трошоци и ризици

Александар Јанковски е сопственик на еден од најголемите автоплацеви во Крива Паланка, лоциран на влезот во градот. Веќе две децении се занимава со купо-продажба на возила, а неговата фирма брои петмина вработени.

„Автомобилите кои ги продаваме се со ценовен опсег од 3 до 30 илјади евра, сите ги увезуваме од овластени продавачи од Италија. По петнаесет, дваесет години посветена работа нормално е квалитетот да биде препознаен“, вели тој за својата работа.

Имаат купувачи од цела Македонија. Процесот на продажба е транспарентен, а уплатата се врши преку банка. Вели дека оваа работа подразбира и голем ризик, бидејќи еден автомобил може да стои и три години. Во исто време, се случува во автоплацот три дена да нема купувачи.

„Автомобилите одат директно на царина, па следи технички преглед за хомологација, процес кој трае од две до четири недели. Целокупниот процес може да трае меѓу три и шест месеци што значи дека се работи за долг процес и постои ризик на крајот автомобилот да не се продаде“.

Поради ова, Јанковски смета дека во иднина многумина ќе се откажат од овој бизнис во градот. Тврди дека Македонците возат најскапи половни автомобили во регионот. Овој факт го потврдува и сообраќајниот инженер Вучковски.

„Доказ дека возиме најскапи половни автомобили е тоа е што плаќаме највисока царина за возилата што ги увезуваме, плус зелениот данок, кој се плаќа дополнително со царината и затоа возиме најскапи половни возила во Eвропа, не само во регионот“, вели Вучковски.

За купувачите, сепак, најважни остануваат проверливото потекло на автомобилот, реалната километража, техничката состојба, јасните услови за гаранција и уредната документација. За институциите, пак, предизвикот е да обезбедат транспарентен и ефикасен систем на контрола, без оглед дали станува збор за мал локален автоплац или за голем трговец.

Авторка: Христина Николовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.