Грчки истражувачи развиваат свој сопствен молекуларен тест за детекција на ковид-19, за кој велат дека ќе биде поевтин, јави Ројтерс, пренесува Катимерини.
Според најавите, тие се на чекор до создавање на тестот што може да ѝ обезбеди на земјата поевтина алтернатива од оние кои ги увезуваат, но и поголема достапност.
Грција, во моментов користи молекуларни тестови за детекција на ковид-19 кои ги увезува од различни странски држави. Потенцијалниот нов тест би се спроведувал со земање на брис од нос.
Двајцата истражувачи кои ја споделиле информацијата со Ројтерс, побарале да останат анонимни заради чувствителноста на информацијата.
Тестовите за детекција на самиот вирус, но и оние за откривање на антитела се пошироко достапни, но тие не се совршени. Грчките истражувачи велат дека нивниот тест ќе има повеќе од 90 проценти стапка на точност. Во проектот се вклучени грчки истражувачки центри и најмалку два грчки државни универзитети. Истражувањето започнало во месец февруари.
Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, во интервју за радиото Скај рече дека ова е одличен потег и се надева дека ќе може да се помогне и во третманот на пациентите со коронавирус.
„Ние нема да зависиме од тестовите од странство и верувам дека ќе бидеме во состојба да дадеме некои значајни најави за истражување на протоколите за терапија“, рече Мицотакис.