Здружението на новинарите, Синдикатот, Советот за етика, како и Владата и Европската комисија ги осудија нападите кон дописничката на државната новинска агенција МИА, Тања Милевска.
Два дена по ред, Милевска добива закани на социјалните мрежи откако на својот профил на Твитер постирала прашање за тоа зошто унгарскиот премиер Виктор Орбан ја условува земјава со старото уставно име Република Македонија, а не го користи новото име Република Северна Македонија. Нејзиното прашање таа го упатила и до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и до портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач.
По нејзиното прашање следеа серија на пораки и твитови со говор на омраза, закани за силување итн.
„Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување. Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење“, реагираше Европската комисија во писмено соопштение.
Реакција имаше и од Владата која најостро ги осуди нападите и потенцираше дека цврсто стои зад слободата на говор и слободното новинарство и има нула толеранција за заплашување и закани кон новинарите.
Претходно, Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот на етика во медиумите во Македонија (СЕММ) преку соопштение рекоа дека институциите мора итно да реагираат и будно да ја следат состојбата на ваквите појави.
„Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат. Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака од рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество“, се вели во нивната реакција.