[Видео] Свиркачи – тајни играчи кои ја менуваат историјата

0
192

Во продолжение погледнете го видеото од дебатата која се одржа на отворањето на првиот Истражувачки филмски фестивал – Скопје, на тема „Свиркачи – тајни играчи кои ја менуваат историјата“.

Големо внимание на дебатата привлече македонскиот укажувач Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја. Тој го раскажа своето искуство и со какви притисоци и предизвици се соочувал пред и откако ги откри снимките од нелегално прислушкуваните разговори.

Лазаревски истакна дека сега е невработен и бара работа, но потенцираше дека иако животот комплетно му се сменил повторно би го направил истото. Публиката во киносалата два пати го награди со стоечки овации.

На дебатата преку „Скајп“ се обрати и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа потенцираше дека во нејзино време не се користел терминот укажувачи, тие биле анонимни извори.

На дебатата водена од новинарката Сашка Цветковска говореа и Денис Ампев од „Гласен текстилец“, адвокатката Павлина Зефиќ и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.