Скандалозната група „Јавна соба“ по една година повторно е во центарот на вниманието на јавноста. Откако одредено време беше запрена активноста на членовите кои јавно објавуваа експлицитни фотографии на малолетни девојчиња, деновиве повторно предизвика силни реакции, откако дел од жртвите јавно проговорија за злоупотребите и вознемирувањата. Овој случај е клучен показател за недостатокот на капацитети во институциите, за непрофесионално постапување и за неспроведување на законите кога се работи за сексуалното вознемирување и родово базираното насилство, велат познавачите.
Во групата „Јавна соба“ на „Телеграм“ која броеше околу 7000 членови се споделени околу илјадници фотографии и видеа со најразлични содржини на сексуално вознемирување. МВР истражува кој стоел зад групата и веќе приведе четири лица, а сега таа е затворена, но се појавија информации дека се отвораат и други слични групи.
Една од жртвите на оваа група е и 28-годишната Ана Колева од Кавадарци, која на социјалната мрежа Инстаграм ја сподели својата приказна. Нејзината желба со видеото е да издејствува до највисоките органи на државата конечно да преземат мерки не само за ова случување туку да има санкции за сите оние кои вршат злоупотреба од ваков тип.
„Точно дека знам во какво општество живееме, но секогаш сум верувала дека постои можност за промена, ако почнеме да работиме на себе, а не да се грижиме за туѓите животи. Секако тоа не се случува преку ноќ“, вели таа.
Ана дополнува дека ваквите ситуации што се случуваат преку Интернет се навистина тежок и болен процес и особено можат да остават и трајни последици кај малолетни девојчиња. Сите имаат право да се сликаат како сакаат и да носат што сакаат и заради тоа не треба да бидат посрамувани и обвинувани.
„Ми стигнаа премногу пораки, и мислам дека мегу нив се кријат и девојчиња на кои што истото им се случило, а не се осмелуваат да проговорат јавно и сакам да направам една е-маил адрреса и да објавам јавно на мојот профил на која ќе може секој да ми пише, да сподели искуство или да понуди идеја, зошто заедно сме посилни, продолжуваме се додека не успееме да го подигнеме нивото и кај граѓаните и кај власта“, истакнува Ана.
Би сакала секој да се осмели да проговори јавно, но знаеме дека тоа не е лесно , така да барем се посоветува со најблиската личност или со мене или да побара стручна помош, вели Ана. Таа порачува на сите лица кои имале слични искуства, да ја држат главата горе и да продолжат со животот. ,,И да им докаже на оние кои што сакале да и наштетат, и да не се запрашува дали е виновна зошто постира слики на социјални мрежи.“
Непоставувањето на институциите праќа порака дека сексуалното вознемирување е неказниво
Непостапувањето на МВР согласно според правила и закони, им дава до знаење на жртвите дека не можат да очекуваат заштита, а сторителите ги мотивира да продолжат бидејќи знаат дека нема да бидат санкционирани, велат познавачите на проблематиката. Според правничката и активистка, Драгана Дрндаревска, на ваков начин институциите соучествуваат во родово засновано насилство и креираат поддржувачка средина за сторителите. „Оттука, насилството врз жените добива институционализирана форма. Илјадници случаи како Јавна соба остануваат без разрешница“, потенцира таа.
Платформата за родова еднаквост изрази огромно разочарување од игнорантниот однос на надлежните институции во врска со случајот „Јавна соба“.
„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично делово кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Точно една година по појавата на оваа група на мрежата Телеграм, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба. Потсетуваме дека оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „Злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, додаваат оттаму.
Драгана Дрндаревска правничка, активистка и дел од тимот на Коалицијата Маргини за ПИНА вели дека овој случај ни е клучен показател за недостатокот на капацитети во институциите, за непрофесионално постапување и за неспроведување на законите.
„Не ми е јасна точната причина зошто МВР и ОЈО не постапуваат во случајот иако и јавно ветија дека ќе постапат и дека ќе се санкционираат сторителите. Заклучокот е дека полицијата и обвинителството не ги штитат соодветно жените од сексуално вознемирување како родово засновано насилство. Нити континуираниот притисок од страна на јавноста, здруженијата и медиумите не е доволна мотивација за МВР и ОЈО соодветно да постапат со што ќе стекнат доверба во жените и ќе ги охрабрат и останатите жртви да пријават. Со оглед на тоа што групата „Јавна соба“ брои многу членови многу е веројатно во таа група да има и полицајци и други луѓе кои сакаат да ги сокријат“, вели таа.
Во меѓувреме во Собранието се изгласа и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој се усвојува по ратификувањето на Истанбулската конвенција. Дрндаревска потенцира дека и согласно овој нов закон, и согласно Кривичниот закон, ,,Јавна соба“ претставува кривично дело.
„Групата опстојуваше веќе една година, а МВР и ОЈО до сега немаат никого санкционирано. Прочитавме и сведоштва на жени кои пријавиле во полиција и на кои им било кажано дека сами си се криви за споделените слики и дека не може ништо да се преземе. Со ваквото непрофесионално постапување согледуваме дека мизогинијата е длабоко вкоренета во овие институции, па наместо да се постапува согласно закон се постапува крајно прозиволно и непрофесионално“, дополнува Дрндаревска.
Таа додава дека не се непознати за јавноста претходните искуства со непотизмот или корумпираното делување на МВР во случаи на родово засновано насилство.
„Бидејќи е очигледно дека МВР и ОЈО не се професионални институции кои имаат намера да ги заштитат жртвите, евидентно е дека недостасува и вистинска политичка волја за разрешување на случајот. Министерот Оливер Спасовски континуирано учествува на конференции на женските граѓански организации на кои не уверува дека полицијата е спремна и добро екипирана за да заштитува од родово засновано насилство, но никако да дојде денот ова да го видиме во пракса. Очигледно министерството не е способно професионално да разреши нити еден случај после кој би добиле надеж дека работите конечно ќе тргнат на подобро“, посочува таа.
Помошник министерот во МВР за односи со јавноста, Тони Ангеловски вели дека досега има четворица приведени во врска со случајот, и се работи во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот.
Дрндаревска додава дека ова е позитивен сигнал, но револтирано воочува дека требало една година да помине за конечно нешто да се преземе, а во таа една година групата да си опстојува а жртвите да се множат.
„Приведувањето на овие лица е сепак почеток на разрешување на случајот, па оттука треба да продолжиме будно да следиме и да бараме правда за жртвите, бидејќи очигледно без притисок од јавноста многу лесно ќе се заборави на случајот“изјави Драгана.
Во меѓувреме, Платформата за родова еднаквост повика на протестен марш кој ќе се одржи во среда за поддршка на сите жртви на групата „Јавна соба“. Организациите бараат соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. ,,Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции“, велат тие.
Автор: Маја Терзиова
Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.