Патот на бегалците: Тешко стигнуваат до Македонија, потешко до целосна интеграција

0
772

Аофе Зено е дваесет и осумгодишна Сиријка, која веќе четири години живее во Македонија. Толку години сега има нејзината ќерка Елена која била бебе кога патот ги довел во нашата земја. Срамежливо, зборувајќи и на македонски и на англиски јазик, Аофе ни раскажа дел од својата приказна и како стигнала во Македонија за време на бегалската криза.

Аофе и нејзиниот сопруг ја напуштиле Сирија во 2014 година. Најлошото од војната таму допрва следувало, вели Аофе. Поминале две години во Турција, по што решиле да го продолжат патот кон Грција, каде што останале шест месеци. Потоа тргнале кон Македонија.

Аофе Зено, Сирија и Веселинка Цветановска, социјален работник Црвен крст

Уште две лица со статус на супсидијарна заштита како Аофе се вклучени во Програмата за социјална интеграција на лица баратели на азил што ја спроведува Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Високиот комесаријат за бегалци УНХЦР – канцеларија Скопје.

Преку Програмата на корисниците кои добиле заштитен статус од државава им се достапни активности кои ќе им ја олеснат интеграцијата во општеството. Часови по македонски јазик, курсеви за понатамошен професионален развој, решавање на прашањето за домување, вклучување на децата во градинка, се само дел од активностите што ги добиваат Аофе и другите корисници преку Програмата.

Аофе имала постојана правна помош и поддршка и при процесот на аплицирање и стекнување со статусот на супсидијарна заштита. Иако бројките на поднесени барања на азил се илјадници во некои од изминатите години, само 22 лица вкупно имаат статус на супсидијарна заштита како Аофе.

Според Законот за азил и привремена заштита, лице под супсидијарна заштита е странец кој не се квалификува како лице со статус на бегалец, а на кој Mакедoнија ќе му признае право на азил и ќе му дозволи да остане во рамките на нејзината територија бидејќи постојат причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди.

Само 15 лица со признаен статус на бегалец

Уште попоразителни се бројките во однос на лица кои добиле статус на признаен бегалец.

Од статистиката на МВР, Одделение за азил, може да се забележи дека бројката на баратели на азил е голема, и тоа стотици барања секоја година. Сепак, на крај одлучувањето се сведува на десетина барања за признавање на правото на азил, а успешни постапки многу често нема.

Вкупно 15 барања за азил биле признаени во периодот од 11 години, 2009 – 2020. Некои години поминувале без да биде одобрено ниту едно барање за азил. Најголемиот број на одобренија за право на азил, вкупно 11, биле доделени во 2014 година.

 

А токму годината потоа, 2015 година е годината кога поради ескалацијата на војната во Сирија, но и поради продолжените конфликти на Блискиот Исток, земјава стана дел од балканската рута на бегалците кои бегаа кон западноевропските земји.

Во тој период, 1.888 лица поднеле барање за признавање на азил, а состојбата била следна: за 1.881 барање постапката била запрена, две лица добиле признаен статус на бегалец, а на петмина им било одбиено барањето за азил.

Причината за големата разлика во бројките на поднесени барања за азил, запрени постапки и барања по кои се одлучило, според Игор Стојчевски од Македонското здружение на млади правници, е тоа што овие лица во текот на траењето на постапката веќе ја напуштиле земјата и си ја побарале среќата на друго место.

„Најчесто барателите на азил кои влегуваат во Македонија, неа ја доживуваат само како транзит-земја на нивниот пат до крајната посакувана дестинација. Токму затоа, според статистиката на МВР има многу решенија за запирање на постапката, но и многу за обивање на барањето за азил“, вели Стојчевски, кој е правник за азил и миграции.

Македонското здружение на млади правници ги застапува правата на бегалците и барателите на азил, нудејќи им правна помош за подготвување на нивните барања. Имаат директен контакт со нив преку нивната канцеларија во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, а ја следат состојбата и во двата транзитни кампови на јужната граница „Винојуг“ и на северната „Табановце“.

Од досегашното искуство, постапките за азил пред државните органи често траат и со месеци, или во конкретен случај и до три години.

Бавни судски постапки и одбивателни одлуки

Иако сè уште не се жители на државава, ниту пак некогаш можеби ќе добијат такво право, барателите на азил во земјава се соочуваат со судска правда која и за нив, спротивно на природата на нивните постапки кои треба да бидат итни, е бавна и инертна.

За жалба за одбивањето на нивното барање од страна на МВР за признавање статус на бегалец пред Управниот суд чекаат по 266 дена. Пред Вишиот управен суд, пак, 525 дена во услови кога овие постапки законски треба да завршат за два месеци, стои во годишниот извештај за 2020 година на Здружението на млади правници.


Игор Стојчевски правник за азил и мешани миграции МЗМП

Покрај младите правници, и граѓанската организација „Легис“ е присутна во двата кампа на јужната и на северната граница, овозможувајќи хуманитарна и правна помош на бегалците кои престојуваат или транзитираат низ земјава. Според нивниот последен извештај, во периодот од јуни до ноември 2020 година, во услови на пандемија во двата погранични кампови престојувале вкупно 11.653 лица. Нивниот престој бил од минимум еден до максимум 40 дена.

И Мерсиха Смаиловиќ, активистка за човекови права и бегалци, од Легис, смета дека постапките за одлучување по барањата за азил траат долго и завршуваат без позитивен одговор. Доказ за тоа вели Смаиловиќ е фактот што во 2019 и 2020 година нема одобрено ниту едно барање за азил.

„Постапката е долга, и крајната одлука е секогаш во спротивност со човековите права, кои се темел на нашето законодавство. 2020 година е посебно разочарувачка во овој сегмент. Имаме нула одобрени барања за азил во текот на целата година. Тоа е жална, но морам да кажам и срамна статистика пред кутрите бегалци и мигранти кои дошле да бараат права и безбедност во држава која се обврзала дека ќе ги штити“, вели Смаиловиќ.

Според Смаиловиќ, Министерството за внатрешни работи, како прва инстанца од каде што бегалците добиваат негативен одговор, е најслабата алка во системот на правото на азил. Таквата пракса понатаму судовите само ја препишуваат, без да ја разгледаат фактичката состојба за барателот.

„Предлагаме да се разгледаат досегашните позитивни практики на политики за азил и да се отворат повеќе јавни дискусии за подобрување на правото на азил, со подобро застапување и со овозможување барателите да бидат присутни при разгледувањето на нивните случаи во Управниот и во Вишиот управен суд“, вели Смаиловиќ.

Иако јавните расправи пред Управниот и Вишиот управен суд се задолжителни од мај 2020 година кога стапи на сила примената на новиот Закон за управните спорови, според извештајот на младите правници, за барателите на азил не била одржана ниту една. Тие застапувале лица во 12 постапки пред Управниот и 22 постапки пред Вишиот управен суд во 2020 година.

Нелогични законски одредби пречка за успешна интеграција

Покрај долготрајноста на постапките за одобрување азил, предмет на можни законски измени треба да бидат и условите кои ќе овозможат рана интеграција на барателите на азил, стои во препораките на „Легис“.

Дека се потребни законски измени во делот на интеграцијата на барателите на азил и на оние што го добиле тоа право потврдува и Дејан Ивковски, раководител на Одделението за миграција, интеграција на бегалци и странци при Министерството за труд и социјална политика.

„Во делот на пристап до правата, иако се донесени одредени законски решенија, очигледна е потребата за унапредување на истите, имајќи предвид дека имплементацијата на тие решенија наидува на одредени проблеми во реалноста, и овие лица се судираат со некои тешкотии при остварување на своите права. Причината за тоа е што законските решенија не секогаш се допрецизирани со подзаконски акти, па во реалноста лицата иако имаат одредени права, не можат да ги остварат“, вели Ивковски.

Како пример за нелогичности во пропишаните законски одредби и можноста за нивна примената во пракса тој го наведува правото на пристап до пазарот на труд за барателите на азил.

Па така, Законот за меѓународна и привремена заштита предвидува барателите на азил на кои барањето не им е решено во период од 9 месеци да имаат пристап до пазарот на труд. Но во пракса не може да го остварат ова право сѐ до периодот на стекнување на ЕМБГ, кој го генерира МВР откако ќе им биде одобрено барањето. Тоа се случува поради тоа што сите системи во државата се поврзани со ЕМБГ – агенцијата за вработување, здравство, социјално, пензиско итн, појаснува Ивковски.

И Веселинка Цветановска од Црвениот крст на Град Скопје апелира државата и општините да се вклучат поактивно во овозможување на соодветна интеграција на Аофе и на лицата како неа со цел да можат самостојно да го продолжат својот живот.

Веселинка Цветановска, социјален работник Црвен крст

И во услови на пандемија, само во првата половина на 2020 година секторот за азил при МВР примил 199 барања за азил, од кои за 154 била запрена постапката, 17 биле отфрлени, а донесено е едно решение за супсидијарна заштита.

Во Прифатниот центар за баратели на азил во 2020 година престојувале вкупно 170 лица. Најголем број, 50, биле од Авганистан, потоа од Пакистан – 23 и по 21 од Сирија и од Куба. Машката популација на баратели на азил била поголема – 146, додека жени биле само 24. Вкупно 24 деца престојувале во Центарот, од кои 19 без придружба.

Во моментов таму се останати само 26 баратели на азил. Ивковски вели дека сите баратели на азил се сместуваат во Центарот. Тие имаат можност да се сместат и надвор од него, на територијата на државата, но на сопствен трошок, и имаат обврска редовно да се пријавуваат во Секторот за азил при МВР. Според наши извори, вакви лица има само неколку.

Пакт за миграција и азил – нова политика на ЕУ 

Европската Унија, чии земји членки се доминантна дестинација на барателите на азил во изминатите години, подготвува нов Пакт за миграција и азил, кој треба да придонесе за интегрирани миграциски политики, во Унијата и надвор од неа.

По пет години од мигрантската криза, членките на  Европската Унија ги разгледуваат резултатите од досега спроведените политики и успешноста на примената на правата на азил и миграција, како и што треба да се промени во иднина.

Резултат на тоа е обемниот документ – Пакт за миграција и азил, кој треба да ги спои во едно законите за миграција и азил на земјите членки и оние на Унијата со цел да се добие единствена интегрирана политика на ниво на ЕУ.

Скратување на процедурите за одлучување за барањата, построги гранични контроли и воведување на задолжителна солидарност помеѓу земјите членки во однос на прифаќањето бегалци се главните постулати на новиот миграциски пакт.

Постапките треба да траат најмногу 12 недели, вклучително и жалбената постапка. На исто толку време е ограничена и процедурата за враќање од граница. Во специфични и кризни ситуации овие процедури може да се продолжат најдолго за уште 8 недели.

Досега, за влез во земјата и ставање во процедура на барањата за азил земјите членки земаа само отпечатоци од прсти. Според новиот пакт, проверките се засилуваат уште на самата граница и опфаќаат скрининг на здравствената состојба, идентитетот и безбедносни проверки на барателите на азил.

Задолжителната солидарност, пак, ќе значи дека земјата членка ќе мора или да го одобри азилот, да ги преземе трошоците за враќање на оние кои се одбиени, или да понуди финансиска помош на терен во земјите кои се на првата линија за влез во ЕУ.

Пактот е скроен вака со цел „да се постигне баланс помеѓу одговорноста и солидарноста и да се зголеми солидарноста со земјите од ЕУ кои се на првата линија – особено Грција, Италија и Малта, и особено кога тие се под притисок од нови пристигнувања“, истакна еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

„Очигледно е за сите дека ад хок солидарноста или доброволната солидарност не е доволна. Тоа се докажа низ текот на годините. Затоа мора да биде задолжителна“, рече Јохансон. Како што е познато, во време на бегалската криза земјите членки од источниот блок на ЕУ одбија да прифатат квоти за мигранти.

Пактот допрва треба да биде ставен на разгледување и да добие согласност од сите 27 земји членки. Европската комисија очекува дека тој ќе може да се применува од 2023 година.

И додека Европа ја усогласува новата политика на миграција внатре и надвор од Унијата, во нејзините граници и надвор од нив разделени остануваат семејства. Таков е случајот и на Аофе, чиј сопруг не останал во Македонија, туку го продолжил патот и сега се наоѓа во Холандија. Таа се надева дека еден ден ќе бидат повторно заедно.

Автор: Марија Севриева

 

Изготвувањето на оваа сторија е поддржано од Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија. Содржината на оваа сторија не мора да ги одразува мислењата и ставовите на УНХЦР ниту го обврзува УНХЦР. The development of this story is supported by the UNHCR Representation in North Macedonia. The content of this story does not necessarily represent the views and positions of UNHCR and does not commit UNHCR.