Табуизирање на сексот или здрава алтернатива?!

0
662

Сексуалното образование не е она што ќе ги направи младите сексуално поактивни или попромискуитетни, напротив, тоа може да ги насочи, кога ќе почнат да имаат активен љубовен и сексуален живот, да бидат поодговорни, посигурни и посреќни во своите избори, што ќе придонесе за подобар квалитет на нивните животи, пишува професорката Мартиноска во колумната за ПИНА.мк.

Во една епизода од британската популарна Нетфликс серија „Сексуално образование“, во училиштето се појавува кламидија меѓу учениците, што создава општа паника, срам, вина, меѓусебни обвинувања. Збунети се и преполни со прашања: Дали може да имам кламидија во окото? Дали треба да ја мијам вагината со варикина? Еден соученик дури и ја злоупотребува ситуацијата продавајќи им маски за лице, кои секако се непотребни бидејќи станува збор за болест која се пренесува по сексуален пат, а не преку дишење. На родителскиот состанок станува јасно – ова не е случај на масовна инфекција, туку на масовна хистерија. Ако инфекцијата се лекува со антибиотик, вистинскиот проблем се лекува со точни информации, со квалитетно осмислено сексуално образование засновано на доверба, разговор и вистина (3 T’s – trust, talking and truth).

Го користам овој пример од популарната култура како вовед во овој текст за поддршка на воведувањето на сеопфатно сексуално образование во нашите училишта, бидејќи серијата јасно покажува дека младите имаат потреба да учат за сексот, за своите чувства, потреби и избори, за своето неискуство, несигурности и проблеми, но и за заштитата, абортусот, сексуалното вознемирување и насилство, различноста и хомофобијата… Ја препорачувам и за децата и за родителите или уште подобро за заедничко гледање како вовед во отворени дискусии на теми од областа, иако, да бидеме искрени, во многу семејства сексот е сѐ уште табу тема.

Соочени со недостаток на формално образование, во својата потрага по знаење младите нема да престанат да се интересираат за сексот, туку се вртат кон омилените програми во медиумите, кон гугл пребарувањата, кон порно сајтовите, па дури и кон самопрогласени секс терапевти, кон учење преку грешки… Јасно е дека таквата пракса отвора прашања за кредибилитетот на информациите кои ги добиваат, неможноста за правилна селекција од мноштвото понудени, неприлагоденоста на возраста, но и бројни проблематични аспекти како објектификација на жената, конструирани слики за женскоста и машкоста, стереотипи и предрасуди, вкалапување во тесни рамки кои секојдневно не заплискуваат од мас-медиумите. Младите ги градат своите убедувања врз основа на културните обрасци кои постојат во општеството и очекуваните, ужасно ограничувачки родови улоги кои тоа општество ги има и за жените и за „вистинските“ мажи.

Истовремено, во виртуелниот свет се раѓаат sexting, camsex, avatarsex и други нови форми на сексуални практики меѓу младите, кои сé повеќе го заменуваат реалниот живот, особено во време на пандемија. Тие резултираат со отуѓување, недостаток од face-to-face комуникација, во крајни случаи и социјална изолација, а да не зборуваме за бројните можности за разни злоупотреби како во актуелниот случај со криминални дела во Јавна соба и за трендовите на нови апликации како OnlyFans во кои се заработуваат пари од следбениците за фотографии и видеа (вклучително и порнографија која е дозволена).

Од друга страна, популарната култура сепак може да понуди извесни знаења, и тоа на начин кој бргу и лесно доаѓа до тинејџерската публика. Долго време рап и хип-хоп музиката на пример, и со текстовите и со спотовите промовираа мизогинија и ја глорифицираа објектификација и експлоатацијата на жените. Денес ситуацијата полека се менува, гласност добиваат изведувачки кои промовираат независност и оснажување на жената, вклучувајќи и став дека само таа самата има контрола над своето тело и сексуалност. Nicky Minaj, Rihanna, Princess Nokia, Cardi B и многу други ја користат музиката како медиум за социјални промени. Денешните тинејџер(к)и учат за сексуалноста и родовите односи преку стихови како „We teach girls that they cannot be sexual beings/ In the way that boys are/ Feminist: the person who believes in the social,/Political and economic equality of the sexes“, преземени од познатата нигериска писателка Chimamanda Ngozi Adichie, а вклопени во песната „Flawless“ на Beyonce.

Нема потреба да навлегуваме во многу анализи за да се согласиме за очигледното влијание на медимуите. На прашањето што може да се научи од реалните шоуа како „16 and Pregnant“ или „TeenMom“ младите јасно посочуваат дека тие ги научиле „да не бидат идиоти“. Како што кажуваат самите во едно истражување, во голема мера благодарејќи на вакви шоуа тинејџерите денес знаат дека е глупаво да имаат секс без кондом, но сепак, самите чувствуваат дека имаат уште многу да учат за комплексноста за сексуалноста и врските. Накусо, тие можеби знаат нешто за сексот, но воопшто не се чувствуваат доволно едуцирани во врска со него. Тие сѐ уште се прашуваат дали ќе ја спречат бременоста ако се истушираат после односот, дали кантарионовото масло и јогуртот ќе го смират црвенилото и чешањето на органите, дали машките се (и треба да бидат) секогаш спремни за секс, дали е сама виновна за силувањето ако доброволно излегла на состанок со момчето… Списокот на прашања оди до недоглед и не, тие не се измислени за потребите на оваа колумна, туку се преземени од сведоштва на тинејџери од нашата земја.

Тука стапува на сцена ССО како здрава алтернатива со чија помош младите постепено ќе развиваат знаења, вештини и ставови кои ќе ги направат информирани, свесни, подготвени за одговорни одлуки во однос на нивното сексуално и репродуктивно здравје. Притоа, како што веќе сум пишувала, наместо некаква неефикасна цензура на медиумските и интернет содржините и повикување на сексуална апстиненција, се чини поефикасно да се појде од обратна тактика, демократизација на образованието со критичко вметнување на популарната култура во наставните содржини по сексуално образование, сé со цел полесно да допре до младите. Верувам дека долгогодишното искуство на ХЕРА придонесе за развој на програми кои се во склад со препораките на УНЕСКО, но и со тинејџерските искуства и интереси. Во нив, покрај знаења за сексуалните и репродуктивни права, инкорпорирани се и прашања на родот, идентитетот и разликите, телесноста дискриминацијата, борбата против насилството, развивање на толеранцијата за правото на различност итн. Тоа треба да го заштити здравјето, добросостојбата и дигнитетот на младите, но и да ја унапредува родовата рамноправност и да ги оснажува младите луѓе. „Сензибилизацијата за родовите проблеми и почитувањето на правото на различност ќе влијае на формирање на нова генерација на демократски освестени и образовани жени и мажи кои ќе бидат носител(к)и на општествените промени и креатор(к)и на новото општество на темелите на вредносен систем кој на сите им овозможува подеднакви шанси.“ (Popović, Duhaček)

Наместо заклучок само ќе потенцирам дека табуизирањето на сексот кое го шират загрижените морализатори деновиве има само негативни последици. Нашите деца не живеат во розов свет на бајки, туку во свет каде има ХИВ и СИДА, сексуално преносливи инфекции, несакани тинејџерски бремености, родово базирано насилство, родова нееднаквост и дискриминација кои ги демнат од сите страни. Ние, родителите и професорите заедно, треба да им помогнеме на младите да ги избегнат тие ризици и што побезболно да ја преживеат транзицијата од дете во возрасен човек. Сексуалното образование не е она што ќе ги направи младите сексуално поактивни или попромискуитетни, напротив, тоа може да ги насочи, кога ќе почнат да имаат активен љубовен и сексуален живот, да бидат поодговорни, посигурни и посреќни во своите избори, што ќе придонесе за подобар квалитет на нивните животи. ­Зарем навистина има некој што не му го посакува тоа на своето дете? Зарем навистина верувате дека имаат подобра алтернатива од ССО?

д-р Ана Мартиноска, мајка, активистка за родова еднаквoст и универзитетска професорка по културолошки студии (предмети: Родови претстави во современата култура и медиуми, Сексуалноста и културата)