[Интервју] Јана Коцевска: Потребни се значајни промени за остварувањето на менструална правда

0
512

Повеќе од очигледно е дека е очајна состојба со женските права, и генерално човековите права, социјалната грижа, образованието итн. Тоа особено се потврди со пандемијата која започна пред една година. Многу проблеми кои беа игнорирани претходно, во пандемијата се влошија дотолку повеќе, вели Јана Коцевска од Тиииит! Инк. Во интервју за ПИНА.мк таа говори за состојбата со женските права како и за менструалната сиромаштија и работата на ова поле.

Додека некои земји низ светот веќе имаат направено голем исчекор кога станува збор за менструална еднаквост, менструална правда и менструална сиромаштија, темата „менструација“ како да е се уште табу кај нас. Тешката достапност до квалитетни и безбедни средства за менструална хигиена можат да ја направат менструацијата скапо секојдневие, а за голем дел од популацијата во земјава, и луксуз – потенцираат од Тиииит! Инк.

Моментално работите на истражување за менструалната правда во државава. Што покажуваат вашите искуства и досегашни сознанија, каква е моменталната слика по тоа прашање? И што опфаќа и подразбира менструалната правда?

Во оваа фаза од проектот ги обработуваме податоците добиени од прашалникот кој беше поставен онлајн кон крајот на минатата година, и за кој имаме добар одзив. Следува фазата на спроведување на истражувањето во средните училишта во државата. Крајната студија може да ја очекуваме на пролет оваа година.
Менструалната правда би подразбирало пристап до средства за менструална хигиена, пристап до информации и знаењa поврзани со менструацијата, потоа соодветно опремени јавни тоалети, и најважно тоалетите во училиштата и другите образовни институции и друго.

Дали кај нас владее менструална сиромаштија?

Не би можеле да кажеме со сигурност, најпрво секако би требало да се дознаат вакви информации добиени од сеопфатни и релевантни истражувања од терен. Но, во секој случај може да се осврнеме на претпоставката дека кај нас е висок прагот на менструална сиромаштија, водејќи се според податоците добиени од Државниот завод за статистика за степенот на сиромаштија од 2019, кој посочува дека во Северна Македонија во сиромаштија живеат 22 % од населението.

Кога зборуваме за менструална сиромаштија дали се мисли само на продуктите за менструална хигиена или пак овде се опфатени и информации, искуства, предрасуди?

Менструалната сиромаштија опфаќа повеќе аспекти поврзани со појавата. Освен недостапноста на менструални средства за хигиена, тука спаѓа и недостапноста на информации, лоша инфраструктура, регилирањето на отпад и слично.

Која е целта на проектот „Крај за менструална сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во РСМ“? Покрај тоа што ќе се види реалната слика, што би бил следен чекор?

Секоја иницијатива во оваа земја која во фокус го има прашањето за пристап до средства за менструална хигиена или пошироко опфаќа повеќе аспекти кои се однесуваат на менструална правда, е исклучиво значајна, пред сѐ бидејќи за оваа тема малку се зборува во јавниот дискурс, а уште помалку е присутна во образовните и други институции на државата. Овој проект освен што има за цел да спроведе сеопфатно истражување, истовремено има за цел да дејствува кон отворање на дебатата во јавноста, со што ќе понуди увид во состојбата, јавното мислење и ставовите на граѓаните по ова прашање. Натаму целта е да се воспостави соработка со институциите кои се јавуваат како засегнати страни и да се дејствува кон подобрување на политиките во правец на постигнување менструална еднаквост.

Дали и кои државни институции се клучни да бидат поддршка и да дејствуваат во намалувањето на менструалната сиромаштија? Имате ли веќе добиено некаков вид поддршка од нив?

Повеќе институции се мапираат како важни по однос на овој проблем, и тоа од различни аспекти. Секако прво место заземаат министерството за здравство и институтот за јавно здравје, како би се движеле во насока на вклучување на мерки и препораки кои би ја намалиле менструалната сиромаштија во државата. Потоа Министерство за образование и биро за развој се клучни актери, и се радуваме дека преку новата пилот програма за сеопфатно сексуално образование во училиштата ќе се придонесе кон соодветно информирање на младите луѓе за сѐ поврзано со менструацијата. Министерството за финансии, како и Министерството за труд и социјална политика би можеле да го опфатат финансискиот аспект од проблемот, да се работи кон изнаоѓање решение за намалување или комплетно одвојување на данокот при набавка на средства за менструална хигиена, како и мерки поврзани со работните односи и условите на работното место кои се однесуваат на проблеми и потреби поврзани со менструацијата на пример отсуство од работа при соочување со неиздржливи менструални болки и слично.

Шкотска е првата држава во која се изгласа Законот за бесплатни производи за менструална хигиена на сите јавни места и за сите жени (беа организирани многу протести, иницијативи, здруженија се сполтија заеднички да дејствуваат), сметате ли дека тоа може да се случи и кај нас и дали за тоа би бил клучен гласот на граѓаните?

Секако дека е возможно, зошто да не. Гласот на граѓаните е секако важен, но исто така уште поважно е носителите на одлуки да ја сфатат важноста на оваа појава. Примерот со Шкотска е одличен во однос на начинотот на кој се одвиваше целиот процес, па дефинитивно можеме само да учиме од нив и да се обидеме да го аплицираме на нашиот контекст и потреби.

Со Тиииит! Инк. работите подолг период на унапредување на женските права, повеќе години го организирате и фестивалот „Прво па Женско“, еден од најзначајните феминистички настани кај нас. Каква е според вас во моментот состојбата со женските права и кои се главните теми на кои ќе се фокусирате во следниот период?

Верувам дека е повеќе од очигледна очајната состојба со женските права, и генерално човековите права, социјалната грижа, образованието итн. Тоа особено се потврди со пандемијата која започна пред една година. Многу проблеми кои беа игнорирани претходно, во пандемијата се влошија дотолку повеќе. Жените и маргинализирани луѓе се најбројни на ризичните работни места како болниците, маркетите, институциите кои нудат грижа и слично. Особено се погодени жените кои работат во текстилната индустрија, каде голем број жени се принудени да одат на работа иако нема кој да се грижи на нивните деца дома бидејќи не одат на училиште. Така многу жени ги изгубија и своите работни места каде и онака заработуваат по 150 евра месечно. „Прво па женско“ дефинитивно ќе се осврне на овој контекст и годинава.

„Прво па женско“ е платформа или простор каде темите слични на оваа, се отвораат, се разговараат и промислуваат. За нас е важно да ги одржуваме живи и присутни во јавниот простор и во јавниот дискурс темите поврзани со родовоста, сексуалноста, женските права и еднаквоста кон кои секојпат градиме интердисциплинарен пристап.  Оваа година фестивалот ќе се одржи по деветти пат, во почетокот на јуни.

Автор: Љубица Иванова

Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.