Почетна Интервјуа Силјановска-Николиќ: Кај дел од трговците се забележува заобиколување на закони и поинакво...

Силјановска-Николиќ: Кај дел од трговците се забележува заобиколување на закони и поинакво именување на трошоци

0
56
Малинка Силјановска-Николиќ, претседателка на Комисијата за заштита на конкуренцијата

Во услови кога сѐ погласни се реакциите на граѓаните за нефер однесување во трговијата со храна, прашањето, колку навистина се почитува Законот за нефер трговски практики станува сѐ поактуелно. Во интервју за Пина.мк, претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Малинка Силјановска-Николиќ, открива дека и покрај одредени поместувања, злоупотребите не исчезнале туку често се прикриваат преку различни механизми. Таа зборува за досегашните постапки, изречените казни, притисоци врз добавувачите, но и за тоа дали големите трговски синџири се навистина допирливи за институциите, како и какви ефекти може да очекуваат граѓаните врз цените на храната.

Законот за нефер трговски практики е во сила веќе одреден период. Има бројни реакции дека овој закон не се почитува, колку постапки досега има покренато Комисијата за заштита на конкуренција за напочитување на овој закон и какви прекршоци најчесто се утврдуваат?

– Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи веќе се применува повеќе од една година и покрај одредени позитивни поместувања, надзорот на Комисијата јасно покажува дека неговата примена не е целосна. Дел од трговците формално ги усогласија договорите, меѓутоа и понатаму се утврдуваат појави на недозволени трговски практики. Најчесто, забранетите дејствија не се применуваат отворено, туку преку заобиколување на законските одредби, односно преку поинакво именување на трошоци, прикриени маркетинг услуги, условување на соработка, како и дополнителни финансиски обврски врз добавувачите. Комисијата оценува дека ваквото постапување претставува сериозен проблем за пазарната рамнотежа и фер односите меѓу учесниците. Поради тоа, надзорот ќе продолжи со зголемен интензитет, а секој утврден обид за изигрување на Законот ќе биде соодветно санкциониран, со цел да се обезбеди негова целосна и ефективна примена, како и вистинска заштита на послабата договорна страна.

Колку конкретни постапки има покренато Комисијата за непочитување на овој закон и против колку компании се водат истраги во моментов?

– Досега Комисијата има покренати 35 постапки за непочитување на Законот и има донесено вкупно 13 решенија, со вкупно изречена глоба од 172.550 евра.

Дали меѓу пријавените случаи има големи трговски синџири и дали Комисијата има доволно независност и капацитет да постапува и против најголемите играчи на пазарот?

– Комисијата постапува против сите трговци кои не го почитуваат Законот и истата располага со стручни кадри кои континуирано ги следат пријавите и вршат надзор на пазарот. Иако бројот на пријави и обемот на надзорот е зголемен, Комисијата ги користи сите расположливи ресурси за ефикасно и навремено излегување на терен, при што приоритетни се случаите со најголемо влијание врз пазарот и заштита на послабите учесници. Покрај тоа, Комисијата активно ја подобрува својата организациска и техничка подготвеност, со цел да може да постапува ефикасно и при зголемен обем на пријави, без да се загрози квалитетот на надзорот.

Производителите често велат дека се принудени да прифаќаат неповолни услови-бонуси, дополнителни такси, враќање на непродадена стока или одложени плаќања. Колку вакви случаи се утврдени досега?

– Најчесто, забранетите дејствија не се применуваат отворено, туку преку заобиколување на законските одредби, односно преку поинакво именување на трошоци, прикриени маркетинг услуги, условување на соработка, како и дополнителни финансиски обврски врз добавувачите.

Дел од добавувачите тврдат дека не пријавуваат неправилности од страв дека ќе бидат „исфрлени“ од маркетите. Како Комисијата ги охрабрува да пријавуваат и дали има механизми за заштита на нивниот идентитет?

– Комисијата е свесна дека кај дел од субјектите постои воздржаност за пријавување можни повреди, но Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехрамбени производи предвидува механизми за заштита на доверливоста и идентитетот на пријавувачите. Воедно, мора да се истакне дека најголем дел од постапките што ги води Комисијата се поведени токму врз основа на пријави поднесени од физички и правни лица, што укажува дека системот функционира и дека постои доверба во институционалната заштита. Активното пријавување е клучно за ефикасна заштита на јавниот интерес, особено на граѓаните.

Дали Комисијата работи само по пријава или спроведува и сопствени истраги и контроли на пазарот?

– Комисијата може да поведе постапка по службена должност или на барање на странка која има легитимен интерес, па затоа ги повикува сите кои имаат индиции за постоење на забранети нефер трговски практики да ја известат  – при што може да побараат да бидат анонимни или анонимно да достават пријава по што Комисијата ќе ја води постапката по службена должност.

Во јавноста често се поставува прашањето дали нефер трговските практики се една од причините за високите цени на храната. Дали вашите анализи покажуваат таква поврзаност?

– Во услови на пазарна економија цените на пазарот се формираат самостојно од страна на учесниците на пазарот врз основа на понудата и побарувачката за дадените производи и/или услуги кои постојат на пазарот. Законот нема директно влијание врз одредување на малопродажните цени на земјоделски и прехранбени производи кои ги одредуваат трговците.

Се очекува ценовните ефекти од примената на Законот граѓаните да ги почувствуваат на среден и долг рок, преку нормално функционирање на пазарните механизми / конкуренцијата како и преку обезбедување на еднаков третман на учесниците во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, без разлика на нивната пазарна големина и финансиска моќ.

Има ли случаи во кои по интервенција на Комисијата компаниите морале да ги сменат договорите со добавувачите или да ги вратат неправедно наплатените средства?

– Да имало случаи на промена на договорите но немало случаи на неправедно наплатени средства. Секоја изречена глоба е во согласност со законските одредби.

Што би им порачале на граѓаните и производителите кои сметаат дека пазарот не е фер и дека големите компании имаат премногу моќ?

– Нашите очекувања за следната година се јасни. Комисијата ќе продолжи со засилен надзор и контроли за да се спречат недозволени договорни практики и договарања меѓу трговците. Истовремено, очекуваме дека фер пазарната конкуренција ќе стане јасно разбирлива за сите учесници и дека трговците ќе извлечат поука од досегашните санкции. Сепак, ако се обидат да ги заобиколат правилата, Комисијата ќе постапува строго, бидејќи крајниот „цех“ за нефер практиките секогаш го плаќа потрошувачот, а тоа е неприфатливо. Целта е да се обезбеди пазар во кој сите се одговорни и каде цената на производите ја диктира конкуренцијата, а не недозволените договори.

Автор: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.