По само шест месеци, над 1.200 жени Ромки од Шуто Оризари повторно може да останат без матичен гинеколог, со што се загрозува едно од основните човекови права – правото на здравје. Проблемот со немањето матичен гинеколог во оваа скопска општина, всушност, трае веќе една деценија, а досега не е пронајдено трајно решение.
Ординацијата на еден гинеколог која се отворила пред само шест месеци, се затворила на 14-ти месецов, а во моментот работи неговата замена. Од неформалната група на Ромки активистки „Иницијатива на жени од Шуто Оризари“ велат дека состојбата во која се наоѓаат Ромките е многу лоша, критична и загрижувачка.
Оттаму објаснуваат дека тоа е огромен проблем за ромската заедница бидејќи кога една жена нема матичен гинеколог во близина, треба да дава дополнителни средства за да оди во друга општина на преглед. Истовремено, додаваат дека тие прегледи се наплаќаат незаконски, а тоа е огромен проблем за ромската заедница бидејќи голем дел од неа живее со недоволни финансиски средства, на работа на маргините.
Покрај тоа, голем дел од жените направиле анализи и сега не можат да ги дознаат резултатите бидејќи нема матичен гинеколог кој ќе им ги соопшти резултатите.
За оваа новонастаната ситуација зборуваме со Алмира Фасљии Муарем од „Иницијатива на жени од Шуто Оризари“ кои делуваат како параправнички и теренски работнички. Исто така тие нудат и директни услуги и едукација на населението во Шуто Оризари за социјална и здравствена заштита и дискриминација, но и ја информираат пошироката јавност за проблемите со кои секојдневно се соочуваат жените од Шуто Оризари.
Според неа, една од причините за затворање на ординација била заминување во пензија на лекарот и здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ алармирало уште од почетокот на отворањето на оваа ординација дека гинекологот е пред пензија и дека е потребно Министерството за здравство да пронајде долгорочно и системско решение за овој проблем.
Муарем вели дека засега има лекар кој е замена, но неговиот ангажман траел до крајот на годината, што според неа значи дека жените од Шуто Оризари пак може да останат без матичен гинеколог.
,,По заминувањето и на претходната докторка и сега се соочивме со истиот проблем, односно жените од Шуто Оризари се без матичен гинеколог и повторно нивните животи се ставени во ризик. Ние не запираме иако се наоѓаме на почетокот на повторно застапување за истиот проблем и не се откажуваме од борбата за пристап до примарни здравствени услуги. Постапката за да се донесе д-р Бошковски беше макотрпна поради сите процедури кои требаше да се завршат, а пандемијата предизвикана од Ковид-19 претставуваше дополнителен проблем.
Состојбата во која се наоѓаат Ромките е многу лоша, критична и загрижувачка. Пристапот до примарното здравје е задолжително за секој граѓанин на РСМ, а кога една жена нема матичен гинеколог во близина каде што живее, кога треба да дава дополнителни средства за да оди во друга општина да се прегледа и тие прегледи се наплаќаат незаконски тогаш тоа е огромен проблем за ромската заедница бидејќи голем дел од нив живеат со недоволни финансиски средства, на работ на маргините“, вели Муарем.
Таа додава дека во нивното здружение се обратиле повеќе жени загрижени за нивната здравствена состојба. Голем дел од жените направиле анализи и сега не можат да ги дознаат резултатите бидејќи нема матичен гинеколог кој ќе им ги соопшти резултатите. Дополнително на сето ова, таа вели дека загрижува фактот што во последните шест месеци две Ромки-родилки починале поради компликации за време на бременоста и за време на породувањето.
За тоа дали од Министерството за здравство или други надлежни институции биле исконтактирани во обид за заедничко изнаоѓање на решение, таа вели дека не биле исконтактирани.
,,Ние имавме средба со пратеничката заедно со граѓанските организации кои работат на територија на општина Шуто Оризари каде што беше дискутирано за проблемот и изнаоѓање на можни решенија.
Проблемот со немањето на гинеколог трае повеќе од 10 години. Граѓанските организации се тука да помогнат и да пронајдат можни решенија, но не можат да ја преземат улогата на државните институции за проблеми за кои тие се надлежни. Токму поради сето ова предлагаме да се направат измени во делот на примарната здравствена заштита и исто така обврзување на матичните лекари и гинеколози да останат во постојаните ординации. Воедно предлагаме и зголемување на капитациониот бод на матичните лекари и гинеколози од страна на Фондот на РСМ“, вели Муарем.
За жал проблемот со немањето на матичен гинеколог не е единствен проблем со кој се соочуваат Ромките од Шуто Оризари. Тие се соочуваат и со недостаток на матични лекари бидејќи од 2019 година заминати се тројца матични лекари од Амбулантата во Шуто Оризари. Во моментот таму работи една ординација со матичен лекар.
,,За жал еден матичен лекар не може да ги пополни празнините кои ги оставија лекарите што си заминаа и поради тоа ние како невладина организација сè уште продолжуваме да застапуваме по ова прашање. Исто така тука е дискриминацијата со која се соочува ромската заедница при избор на матичен лекар“, додава таа.
Автор: Љубица Иванова