За време на бегалската криза, велешанката Ленче Здравкин беше една од личностите која им помагаше на непознати луѓе кои поминуваа низ Македонија поради една причина, хуманоста. Нејзината хуманост низ годините беше препознаена од повеќе страни, а заслугата за нејзината работа неодамна повторно беше потврдена.
Здравкин и медицинскиот техничар Денис Јанкулоски неодамна ја добија државната награда за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права „Мето Јовановски“, која се доделува секоја година.
За ПИНА, Здравкин вели дека никогаш не замислувала дека ќе добие ваква награда.
„Јас и ден денес не сум свесна и секогаш велам дека во сите тие награди кои досега ги имам добиено, во целата таа приказна, вклучени се сите, од граѓаните, волонтерите, пријателите кои сум ги стекнала во екот на бегалската криза. Можам слободно да кажам дека сите ние сме вклучени во таа награда, секој има дел од таа награда. Човековите права се загарантирани права на секого без разлика кој е, каде е, каде се движи и колку време, секој ги поседува тие основни човекови права, така што секогаш треба да се стремиме да ги исполнуваме, да бидеме хумани, да го цениме човечкиот живот бидејќи животот не секогаш знае да биде убав и потребно е доста вклучување од страна на сите нас“, објаснува Здравкин.
Според неа, како држава успеавме да ги поместиме црните статистики, а државата и институциите, како што вели, преку различни обуки и дискусии вложуваат напори за важноста на помагањето на бегалците.
Здравкин објаснува дека нема позначајно нешто од тоа на еден човек да му се помогне, да му се пружи макар и мала помош, бидејќи според неа, секој го заслужува тоа.
„Секако, и институциите некогаш знаат да затаат, меѓутоа сите општествени чинители треба да работат заедно и обединето, да имаат добра соработка, бидејќи само така можеме да одиме напред. Понекогаш, знаеме да впереме прст кон институциите обвинувајќи ги за слабото работење, но и во тие институции работат луѓе како нас, така што сметам дека сите заедно можеме да ги поместиме работите и да се стремиме кон подобро“, децидна е Здравкин.
На почетоците на бегалската криза, Здравкин објаснува дека најпрвин, низ нејзиниот роден град Велес, покрај железничката пруга поминувале помали групи луѓе. Како што поминувале деновите, групите се зголемувале, и вели дека не ѝ требало многу време за да сфати дека е потребна помош, и како што вели, воопшто не и било важно ни кои се, ни што се.
„Ќе бидам искрена и ќе кажам дека на почетокот потајно го правев сето тоа и многу не зборував за тоа плашејќи се како ќе бидам сфатена. Но, како поминуваше времето, моето опкружување, соседство и пријатели почнаа да разбираат и тие секогаш беа добронамерни спрема мене, советувајќи ме дека јас правам кривично дело, дека може да ми се случи нешто, дека се луѓе кои не ги познавам, кои можеби имаат некакви болести, дека се терористи, но во ниеден момент не се поколебав, бидејќи се соочував со нив очи во очи и можев со сигурност да видам дека освен човечката помош и човечката рака, нив не им е потребно ништо друго и немаат никаква лоша намера или цел кон мене, кон мојот град, кон нашата земјата“, се потсеќа Здравкин.
Сега, иако бројката на бегалци која поминува низ земјата е намалена, Здравкин вели дека нив се’ уште ги има, додавајќи дека тоа е процес кој не завршува, и кој не би можел да заврши бргу.
„Не можам тука да не ги споменам криумчарите и луѓето што дебело заработуваат на нивни грб и можеби и поради тоа многу често се случуваат сообраќајни несреќи, каде има доста жртви. Бегалците се луѓе што во моментов се како давеници за сламка и веруваат секому, меѓутоа наседнуваат понекогаш. Криумчарите се немилосрдни и дебело наплаќаат, а не секогаш ги превезуваат до дестинацијата каде што тие имаат платено“, тврди Здравкин.
Таа смета дека активизмот како процес е многу важен за едно општество. Според неа, Македонија како и останатите соседни земји, во 2014 и 2015 година кога бројката на бегалци беше огромна, не биле доволно подготвени.
„Овде народот беше клучен и сите оние луѓе што препознаа дека треба да се пружи помош. Македонија навистина поседува потенцијал, има многу волонтери, многу хумани луѓе, така што на самите почетоци тие луѓе го понесоа товарот на свој грб. Покасно, и државата се вклучи со многу обуки и предавања и сметам дека Македонија положи еден голем испит на хуманост, високо се издигна за време на бегалската криза и одлично се справи со секоја ситуација“, децидна е Здравкин.
Автор: Кристијан Трајчов