O2 Иницијатива: Потребни се драстични мерки за прекин на изворите на загадувањето на воздухот

0
70

Во Македонија, како и секоја претходна година, деновиве се регистрира алармантно загадување на воздухот. ПИНА разговараше со членови на O2 Инцијативата за ефикасноста на мерките кои се преземаат од страна на централната и локалната власт, за најголемите загадувачи на воздухот, но и на почвата и водата…

Повторно сме во сезона на зголемено загадување во Скопје и други места низ земјава. Колку досегашните мерки на централно и локално ниво даваат позитивни резултати.

-Како што можеме да заклучиме од вредностите на загадувањето изминативе денови, нема никакви резултати. Реално, многу малку е направено во сегментот на борбата со загадувањето, за воопшто и да се почувствува некаков напредок.

Ако пред некое време, кога јавноста почна многу поинтензивно да бара решенија за последиците од загадувањето, од тогашните носители на функции, од институциите, од целата заедница, константно слушавме дека за да видиме некакви поместувања потребна ни е долгорочна стратегија, можеби и десетина години.

Еве од тогаш поминаа,  7 – 8, ние како општество, како држава, потрошивме 2/3 од потребното време за промени, а не се помрднавме кон подобро.

Напротив, состојбата станува се подраматична, последиците се чувствуваат и преку загрозеното здравје на граѓаните и преку уништувањето и негрижата за природата и природните ресурси.

Како граѓанско здружение се обидувавме со сите средства што ни стојат на располагање, од лобирање кај надлежните, медиумите и јавноста, подигнување на свеста за проблемот, учествување во законски измени кои ќе бидат попрактични и ќе водат кон решенија, координација на пратеничка група преку која овие измени ќе можат да го минат собранието и да влезат во сила, до организирање граѓански протести со цел да се изврши притисок врз надлежните.

Можеме да заклучиме дека граѓаните стануваат се посвесни, се поинформирани и се полути, додека надлежните криејќи се зад флоскулите на (полу)надлежност и лажни ветувања, и натаму не го ставаат проблемот со загадувањето како реална, стратешка точка во нивното управување. Прашање е на време кога чашата ќе се прелие и проблемот навистина ќе ескалира.

Кои се според вашите сознанија најголемите загадувачи во земјава?

-На наша голема несреќа, комбинација од некоку клучни чинители: загревање со цврсти горива во текот на зимскиот период, индустријата која е во средиштата на големите градови и која за да ги намали сопствените трошоци и да го зголеми профитот ги бира најевтините енергенси кои се истовремено катастрофални за животната средина, неорганизиран сообраќај, старите возила и несоодветниот јавен транспорт, интензивното градежништвото и непочитување на никакви мерки за заштита на околината од прав и штетни честици, неконтролираното палењето на диви депонии.

Но, конкретно кој колку и каде немаме точни податоци, иако со технологијата која ја имаме на располагање во 21 век, тоа не би требало да биде комплицирано.

Надлежните или не сакаат да знаат, или пак некој знае, но свесно ги прекриваат загадувачите. Сега останува повторно на организацијата на граѓани, граѓански здруженија, помагачи, да изградат систем за следење на загадувањата, и врз основа на тие анализи и информации да се врши притисокот врз надлежните

Проблемот кај нас не е само воздухот во зима, туку во текот на целата  година, а во летните месеци имаме необјасниви пикови, водата е загадена, земјиштето е загадено, имаме огромни депонии стари со децении, линдан, хром, стари рудници, најава за нови рудници, уништување на шумите, уништување на Водно.

Се наоѓаме во тотален општествен колапс, во кој поединци или групи профитираат на сметка на здравјето и животот на граѓаните. Тие што мора да реагираат, пред се државните и општинските власти, институциите, одговорните функционери, сите што можат и не го прават тоа се соучесници во ова масовно труење на нивните граѓани.

Кои мерки вистински би помогнале во решавањето на проблемот со загадувањето, кое е сериозен проблем за земјава со децении.

-Краткорочно, бидејќи на крај на декември нема што многу да се направи за да може да се држи загадувањето под контрола, се вонредните мерки. Со оглед дека станува збор за котлина, високите вредности кај нас всушност се еднакви на елементарна непогода.

Во такви услови, клучно е да се преземат драматични мерки за сите извори на загадувањето, прекин на работа на индустриските капацитети, запирање на сообраќајот, субвенција за струја на домаќинставата кои се греат на јаглен, мазут, горива, пластика и сл., запирање на градежните активности.

Тоа треба да се однесува на комплетно сите градежни активности, не само на оние под ингеренција на градот или општините, бидејќи најголем дел од градежните работи ги изведуваат приватни компании.

Сега што се однесува до субвенциите за домаќинствата, градот и општините треба да имаат прецизна анализа на состојбата на терен, каде се концентрирани овие домаќинстства, со што се греат, каква е нивната финансиска состојба, и потоа адекватно на анализата, каскадно субвенционирање.

Клучно е да имаме прогноза на загадувањето и да можеме да го предвидиме, пред да ги достигне енормните вредности. Тоа е праксата во најголемиот дел европски држави, при што врз база на сериозни аналази, прогноза на време, температурни инверзии и потенцијални загадувачи може да се утврди состојба за следните неколку денови, и во услови при кои анализите ќе укажуваат на загадување, вонредните мерки да бидат ставени на сила пред загадувањето.

Кога веќе се постигнати високи вредности на загадување, најголемиот спас за намалување се гледа во временските промени, дожд, ветер и сл, но во овој период благодарение на вонредните мерки барем нема да има дополнително загадување од различни извори.

Долгорочни системски мерки, се покажа низ годиниве, очигледно, не сме способни да спроведеме. Немаме издржани анализи со точни податоци за уделот на секој сектор во загадените градови, акциски план кој ќе опфати енергетика, економија, труд и социјала, индустрија, транспорт, градежништво, греење, почва, урбанистичко планирање, зеленило, биодиверзитет, а врз основа на таква анализа треба да се изработи акциски план каде точно со рокови и потребни средства детално ќе се исцрта патеката на имплементација.

Ние, време и пари немаме веќе за губење, нашата држава, нашите институции немаат капацитет, волја, знаење да го изведат ова, а уште помалку да го спроведат.

За оваа цела потребно е државата да ангажира експертски тим, докажан, со искуство, и да му ја предаде задачата да изготви анализи со точни податоци, акциски план и конечно, да го спроведе. Сегмент од буџетот кој се собира на сметка на животната средина, а никогаш не се наменува за тоа, еве, може да се искористи за оваа намена.

Деновиве е актуелно решавањето на јавниот превоз во Скопје, а неколку досегашни истражувања покажаа дека превозот има сериозен удел во загадувањето не само во главниот град. Кое е најдоброто, реално остварливо, еколошко решение за јавниот превоз во Скопје?

-Ова е сепак прашање за стручни лица, и ние како граѓански активисти сакаме да ги согледаме и споредиме информациите и направените анализи. Има спротивставени ставови, има анализа, студија за БРТ системот како едно такво решение, кое го поставува како оптимален избор за незагадувачки јавен транспорт.

Од друга страна, неговото поставување подразбира сечење зеленило. Другата алтернатива се новите автобуси, што исто така треба да го простудираат стручните страни. Тажно е што после толку години, сè уште не може да се најде соодветно решение, за нешто што би требало да го имаме дефинирано уште од почетокот на веков, а сега само да го усовршуваме и надградуваме како што е случај во останатите европски метрополи. Еден пример да земевме од системите што функционираа, ќе решевме голем проблем за скопјани.

Кои се вашите сознанија за спроведување на терен за неодамнешната одлука, која е веќе во сила, а со која полека пластичните кеси би требало да заминат во историјата. Колку таа се спроведува на терен и генерално кој е вашиот став за оваа одлука?

-Од тоа што може да се види на терен, пластичните кеси се далеку од историјата. Одлуката е таква, да  оставен простор за нивно понатамошно користење, само без рачки.

Освен во неколку солидни компании кои веднаш беа подготвени да ги усвојат новите начини на работа, во останатите објекти, на пазарите, во трговските дуќани, се продолжи по стариот систем, ги снема рачките на пластичните кеси и животот си продолжи, некаде дури и без минимално поместување.

Нема подобрување на состојбата, нема санкции, нема следење на терен. Што е најважно нема ниту обид да се разбере дека штетата што се прави на природата е заедничка, дека мерките се за општо добро. Секој си гледа до својот праг, и проблемите се наталожуваат како и до сега.

Автор: Петре Димитров