Изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, која што неодамна беше отворена во Музејот на С. Македонија, предизвика голем интерес во јавноста. Изложбата е резултат на истоимениот едногодишен проект од областа на културата и архитектурата кој Здружението „Континео 2020“ го спроведе со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија.
Според авторскиот тим на проектот – Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска, жените архитекти имале значаен придонес во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Ана Ивановска-Дескова во разговор за ПИНА вели дека проектот е инспириран од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството и во архитектурата.
Проектот се осврнува на периодот кој е несомнено најзначаен во поновата архитектонска историја на градот Скопје. Сите заинтересирани изложбата ќе можат да ја погледнат до 23 март 2022 година.
Од каде инспирацијата за проектот кој се фокусира на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје?
Проектот е инспириран од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата. Иако темата е поширока, проектот „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ своето внимание го ограничува и во територијална и во хронолошка смисла, задржувајќи се на периодот кој несомнено е најзначаен во поновата архитектонска историја на градот Скопје. Изложбата претставува сегмент од истоимениот проект, поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија за 2021 година.
Постземјотресната обнова на Скопје е еден од позначајните периоди за земјата, кога се случува интензивно архитектонско творештво со висок квалитет. Каков времеплов ќе им понуди изложбата на посетителите?
Самата изложбена поставка претставува внимателно куриран избор од материјалот кој беше собран во рамките на проектот. Во просторот на салата се поставени пет архитектонски макети, работени во прилично крупно мерило – 1:50, дополнети со мало досие кое се однесува на авторките и самите згради. Изборот на градби не е случаен, сакавме тоа да бидат важни згради од јавен карактер кои се познати не само на архитектонската професија, туку и на пошироката јавност: Музејот на Македонија, Театарот на народностите, Гимназијата „Јосип Броз Тито“ и двете библиотеки – Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Детската библиотека „Другарче“.
Покрај промоцијата и афирмацијата на самите авторки, со изборот сакавме и да го свртиме вниманието кон вредноста, но и состојбата во која се наоѓаат дел од нив денес, укажувајќи на фактот дека станува збор за наше вредно градителско наследство.
На ѕидовите во изложбениот простор се поставени два мурали во голем формат, на кои во форма на колаж е прикажан мал фрагмент, избор од архивата на проектот во форма на: документација, цртежи, дигитализирана документација, фотографии (архивски и нови), исечоци од дневни весници итн. Плафонот претставува еден специфичен пејзаж – на едната страна се прикажани избор од авторките кои имале индивидуални реализации во наведениот период, додека другата страна има за цел да долови амбиенти, да ја дофати атмосферата во големите проектантски куќи.
Трагајќи по прашањата за архитектонската историја и богатство на ова тло, до какви сознанија дојдовте?
Овој проект е уште еден во низата истражувачки проекти кои се занимаваат со поновата архитектонска историја на градот Скопје, а кои ги работел авторскиот тим во изминатава деценија. Во методолошка смисла, тој следи една веќе востановена методологија – отворање на архивите (институционални и приватни), пронаоѓање на документарен и архивски материјал, негова обработка и истражување, толкување и јавна презентација.
Во однос на самата тема, за нас беше особено интересно дека во специфичниот општествено-политички систем на поранешна Југославија, каде не се отвара и инсистира специфично на прашањето на жената и нејзината рамноправност (тоа во извесна смисла се подразбира во рамки на општото инсистирање на еднаквост на сите), жените архитекти не само што рамноправно остваруваат пристап до професијата, тие во многу случаи се јавуваат како автори, раководат со големи проекти од секаков карактер, стасуваат до раководни позиции во рамки на големите градежни претпријатија и сл. Голем дел од авторките се препознаени во професијата и се добитнички на значајни награди, вклучително и највисоката награда во областа на архитектурата – наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Она што е специфично за овој проект, покрај истражувачкиот сегмент, е идејата за засилена промоција, токму со цел да се зголеми видливоста и знаењето за оваа тема, преку различни медиуми кои ќе допрат до различна публика – архитектонска изложбена поставка, печатен и промотивен материјал, кратки едукативни видеа, просторни инсталации, присуство на социјалните медиуми, како и веб платформа, наменски создадена за проектот, а која ќе продолжи да се надградува и по неговото завршување.
Дали сметате дека е доволно истражена македонската архитектонска историја и градбите од периодот на модернизмот?
Поновата македонска архитектонска историја – особено архитектонското творештво по Втората светска војна за жал е недоволно истражено, не е соодветно вреднувано, уште помалку промовирано во јавноста. Иако иницијален преглед и попишување на значајни автори и дела постои, сѐ уште има многу простор за теориски и критички расправи, но и за соодветно вреднување и промоција на овие вредни згради. Она што веројатно е сѐ уште недоволно јасно е дека токму повоената, а особено постземјотресната архитектура е клучна во дефинирањето на архитектонскиот идентитет на Скопје – тоа е она по што Скопје е меѓународно препознаено.
Во контекст на проектот, релативната „невидливост“ на авторките е резултат на недоволното познавање на нашата архитектонска историја, на архитектонската сцена, а особено на историјата на големите градежни фирми кои работеле во периодот и биле клучни за дефинирањето на ликот на Скопје. Во таа смисла, во јавноста еднакво „невидливи“ како Василка Ладинска, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Росанда Минчева итн. се и Живко Гелевски, Никола Богачев, Александар Серафимовски и многу други плодни автори кои зад себе оставиле значајни реализации. Се надеваме дека овој и сличните проекти ќе бидат поттик за идни истражувања кои ќе создадат ново и продлабочено знаење.
Кои жени архитекти биле истакнати во постземјотресно Скопје, дали тие биле препознаени и ценети во фелата, и го добиле вистинското вреднување во професијата каде доминираат мажите?
Одговор на ова прашање делумно дадовме и претходно. Периодот на 60-тите, 70-тите и раните 80-ти години е време на плодно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Росанда Минчева, Василка Ладинска и многу други. Дел од наведените авторки се школувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри, дел припаѓаат на првите генерации излезени од Архитектонскиот факултет во Скопје. Сите тие силно влијаат врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.
Во Македонија домашната архитектонска сцена се формира главно по Втората светска војна, а жените рамноправно имаат пристап и до архитектонското образование и до архитектонската професија, особено во областа на архитектонското проектирање. За разлика од многу други средини, западните земји, Британија и Америка особено, каде архитектонската професија е главно „машка“, ние имаме еден специфичен случај на рамноправно учество. Жените архитекти не се само соработници, туку и автори на проекти, индивидуално или во тим, раководат со архитектонски групи, се добитници на значајни награди и признанија во рамки на професијата.
Дали архитектонското проектирање на домашната сцена во пост-земјотресно Скопје, преку бранот на модерната архитектура било во чекор со актуелните случувања на архитектонската сцена во светски рамки?
Постземјотресната обнова на Скопје е веројатно единствениот период во нашата понова архитектонска историја кога архитектурата оди паралелно со европската и светската архитектонска сцена. Вклучувањето на меѓународната заедница во обновата на градот, процесот воден од страна на Обединетите Нации, присуството на бројни експерти во многу области, присуството на реномирани странски архитекти и урбанисти, архитекти и урбанисти од територијата на поранешна Југославија, кои паралелно работат со македонските архитекти и урбанисти, ќе доведе до еден специфичен плурализам на архитектонски јазици и влијанија и конечно еден мошне специфичен архитектонски производ. Овој период пред сѐ суштински (во квантитативна и квалитативна смисла) ќе го помести стандардот во однос на домувањето, културата, едукацијата и сл., но и ќе создаде ново знаење – во доменот на планирањето, проектирањето, користењето на нови техники и технологии и особено во однос на асеизмичката изградба. Периодот на постземјотресната обнова на Скопје е период на интензивен раст на градежните фирми и создавање на стручен кадар од сите сегменти на градежната индустрија, кој ќе игра значителна улога и во стопанството локално, а во текот на 1980. години ќе врши и извоз на знаење и експертиза и вон границите на поранешна Југославија (во тогашниот Советски Сојуз, Чехословачка, Либија, Кувајт итн.).
Кои згради се изборија да го добијат своето место во проектот и да се најдат во фокусот на изложбата? Во каква состојба се тие денес, каков е нашиот однос кон овие објекти, како постмодернистичко богатство и дали тие се уште се наоѓаат високо на листата според стандардите за градба?
Изборот на згради кои ќе бидат покажани во рамки на изложбената поставка не е случаен. Идејата беше да прикажеме јавни институции, кои се познати и на пошироката јавност. Тоа се:
Музејот на Македонија, дело на Мимоза Несторова Томиќ и Кирил Муратовски – зграда замислена во себе да го обедини и покаже историското, археолошкото и етнолошкото богатство на Македонија;
Театарот на народностите (своевремено Театар на малцинствата), дело на Вера Ќосевска и Љубинка Маленкова – зграда која во себе ја носи идејата дека народностите треба да имаат пристап до културата на својот мајчин јазик;
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ на Прохирија Хаџи Костова-Пешиќ и Детската библиотека „Другарче“ на Нада Савеска – згради кои зад себе ја носат идејата дека книгата, културата, едукацијата треба да бидат достапни за сите, големи и мали;
Гимназијата „Јосип Броз Тито“ на Василка Ладинска, Славко Ѓуриќ и Димитар Димитров – една од бројните училишни згради со современ архитектонски концепт преку кои образованието се крева на повисок стандард.
Покрај новото знаење за самите згради и нивните автори, идејата беше да се отвори и прашањето за состојба во која се наоѓа ова вредно архитектонско наследство денес. Процесот на вреднување и заштита на архитектурата изградена во втората половина на 20 век кај нас е во својата почетна фаза и особено е важно прво внимателно да се изврши изборот на објекти, а потоа уште повнимателно да се пристапи кон какви било интервенции врз нив.
Автор: Даниела Зафировска