Марта Гусар: Потребна е јасна дефиниција за психичко насилство, да не остане непрепознаено

0
858

„Јас сум Марта Гусар, адвокатка, но и жртва на ‘Јавна соба’. Мојот службен број беше споделен во оваа група, како што напишале ’за дискретни средбички’. Откако се случи тоа да мојот број се најде во оваа друга, во првите два часа не можев да се соземам дека тоа мене ми се случува, а може да му се случи секому. Пријавив веднаш со сликање на екранот од пораките кои ги добивам, како и испраќање на фотографии и броевите кои ми пишуваа. Пријавив за сексуално вознемирување“. Со овие зборови Марта Гусар во февруари годинава им се обрати на присутните на  протестниот марш во Скопје, опишувајќи го своето негативно искуство на социјалните мрежи.

Адвокатката, која што е вклучена во борба на жртвите на родово базирано насилство, и самата беше жртва на скандалозната „Јавна соба“, во која јавно беа шиканирани и беа објавувани експлицитни фотографии на малолетни девојчиња. Администраторите на групата, летово беа обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија.

„Како адвокат си ги знам своите права како да се заштитам, но не секој може да се заштити и да постапи на ист начин како јас. Со оглед дека за 2 часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот во таа група, апелирам до сите институции да имаат еднаков третман и за неуките странки и лаици, така и со оние кои ги знаат своите прави“, порача Гусар на протестот кој во февруари го организираше Платформата за родова еднаквост.

Адвокатката, во чиј фокус е заштитата на жените жртви на семејно насилство, е децидна дека „Јавна соба” не е забава, туку е класично кривично дело и треба да се третира како такво. По овој случај, Министерството за правда најави законски измени со кои се воведува ново кривично дело „демнење“.  Ќе се казнуваат парични или до три години затвор оние кои подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг, при што ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Казни ќе добиваат и оние демначи кои своите жртви психички ги злоставуваат, вознемируваат или застрашуваат и со тоа им предизвикуваат чувство на несигурност, вознемиреност или страв за нивната сигурност или за сигурноста на нивните блиски. Измените се во согласност со Истанбулската конвенција и опфаќаат широк спектар на случаи кога жртви на сексуално, психичко и физичко насилство се жените. Но, се уште се заглавени во собраниска процедура.

Една година откако првите жртви се осмелија да проговорат за кошмарот што им ги предизвика спорната група на социјалните мрежи, Марта Гусар за ПИНА објаснува дека, за жал, речиси ништо не се промени во меѓувреме во однос на „демначите“ на социјалните мрежи, укажува дека не болат само шамарите – туку и психичкото насилство остава огромни последици врз жртвата и укажува дека тоа треба сериозно да се земе предвид од страна на институциите.

За насилството сè уште се молчи

Насилството врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство, е еден од најсериозните родово – засновани облици на повреда на човековите права во Европа, за која повреда сè уште се молчи, поради неможноста да се подигне свеста кај народот, токму поради преносот на традицијата на дискриминација и доминација на мажите врз жените и кај новите генерации.И кога зборуваме за насилство согласно Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. (Истанбулска конвенција), не говориме само за насилство врз жените во рамки на семејството, туку веќе се опфаќа и пошироко гледиште на насилството во домашно, кое е насочено кон други жртви како што се децата, мажите и постарите лица. Домашното насилство сè уште е скриена појава која е присутна во многу семејства, и како таква не смее да се занемари.  Доколку ги анализираме сите направени анкети, се доаѓа до заклучок дека секоја трета жена искусила физичко насилство барем еднаш во текот на нејзиниот живот како возрасна. Најголемиот број од овие насилни акти ги вршат мажи кои се во нивното непосредно опкружување, а најчесто жртви се нивните партнери или поранешни партнери.

По протестот за „Јавна соба“ и повиците да не се молчи за сексуалното вознемирување на социјалните мрежи, што е сменето досега?

Ако кажам ништо, би била најискрена што можам да бидам. Под ништо мислам на кривичен прогон и конечно до казна. Ако зборувам од фактот дека „Јавна соба“ поттикна измените на законите да бидат побрзи, односно да се усогласат со Истанбулската конвеција, во тој случај имаме промени, но се уште без системски решенија или пак во тек се промените. Се додека конечно не стигнеме до казна, со цел да не се повтори тоа кривично дело, нема да има промена.

Во која насока треба да се движат промените?

Најважно е измените да се движат до конечна итна и брза заштита на жртвата, а не во макотрпни долги постапки кои траат со години и кога ќе стигне казната, таа веќе нема цел или пак не и пружа заштита на жртвата  во тој момент.

Во продолжение неколку мои ставови во врска со тоа во која насока треба да движат измените:

Физичкото насилство е насилство кое е лесно видливо и лесно препознатливо, па оттаму и заштитата на таа жртва која претрпела физичко насилство можам да кажам дека е поитна и побрза. Најголемиот проблем секогаш доаѓа кога нема физички напад, кога нема телесна повреда, а жртвата трпи психичко насилство, кое секогаш е проследено и со економска зависност.

Мислам дека тие две насилства одат рака под рака, па оттаму и најчесто и не се препознава, земајќи го во предвид фактот што на нашите простори токму овој вид на насилство е доста застапено, а притоа ни самите жртви не го препознаваат, а секако и самите инититуции. Оттука, психичкото насилство, а секако согласно Истанбулската конвенција, е примарно да биде вклучено во измената на Кривичниот законик, со детален опис што тоа значи и дали е во континуитет. Психичкото насилство не е навреда од еден настан или пак погрдни зборови кажани еднаш и нема личен елемент во психичкото насилство. Психичкото насилство, впрочем, е насилство кое се случува во континуитет кое кај жртвата предизвикува чувство на подреденост, чувство на изгубеност, неможност да се извлече од стигмата на тоа насилство. Поради тоа, за психичкото насилство потребна е јасна дефиниција со цел да се избегне непрепознавање на ова насилство, како од жртвата, така и од надлежните инситуции.

Она што е  најважно при самата измена на Кривичниот законик за телесната повреда, или ‘полесните кривични дела’, доколку кривичниот прогон се презема по службена должност, мора да постојат рокови за тоа. Затоа што, ако досега жртвата се откажуваше поради притисок и слично, ако не се преземат дејствија во најбрз можен рок и не се заштити жртвата најбрзо, во тој случај не само што не би имало заштита, туку напротив таа ќе смета дека е напуштена и од страна на институциите и ќе изгуби доверба во целиот систем. Најважно е што ќе остане незаштитена подолг временски  период, односно подолг од две години, па по истек на тој временски период ‘заштитата’, како и казната на сторителот на насилството, ќе нема цел.

Оттука, покрај тоа што ни се потребни законски измени, кои лесно може да се стават на хартија, најважно е да имаме системски измени и решенија со цел за спроведување во пракса на тие законски измени.

Дали измените на Кривичниот законик нудат заштита каква што им е потребна на жртвите?

Доколку немаме системски решенија за да може да има заштита на жртвата, а не само закони на хартија, и се додека тие системски решенија не бидат насочени кон итна и брза заштита на жртвата, во тој случај не сме постигнале многу, освен фактот дека сме го прошириле Кривичниот законик со нови кривични дела, а не сме предвиделе решение како тие законски измени да ги примениме во пракса или да ги имплементираме во системот.

Каков е патот на една жртва до правдата?

Патот е тежок, особено во последниот период, за кој навистина се уште не ми е јасно зошто. Кога веќе имаме нови законски решенија, би требало заштитата и прагот на докажување да е низок, како што впрочем и налага самиот закон. Но, сепак имаме постојана виктимизација на жртвата во текот на целата постапка на заштита. Од моето искуство во последниот период ова постојано се повторува, а напротив конечно со постоење на законски решенија, би требало да има брза заштита, конечно препознавање на насилството, а не повторно и повторно да се докажува жртвата дека е жртва и секако најважно да не биде приморана жртвата да размислува дали треба да се врати кај сторителот во насилната средина или не.

Навистина се надевам дека во блиска иднина веќе сите ќе имаме слух за итна и брза заштита, без притоа да се виктимизира жртвата и при самиот пат до правда и заштита.

Автор: Даниела Зафировска