Во време кога во светот поради новиот сој на Ковид-19 – омикрон, повторно расте загриженоста, во Македонија делумно стагнира интересот за вакцинирање со прва, но затоа пак има поголем интерес за вакцинирање за трета доза.
Екипа на ПИНА деновиве ја посети поликлиниката Букурешт во Скопје, каде сестрите кои учествуваат во процесот на вакцинација за ПИНА споделија дека интерес генерално најмногу има за трета доза.
„Станува збор за претежно повозрасни лица, но и медицински работници. Кај помладите пак има периодичен мал интерес за прва доза вакцина, најчесто поради патување„, велат за ПИНА од поликлиниката Букурешт.
Во тоа се увери и нашата екипа, која регистрираше десетина граѓани, кои беа дојдени за да примат трета доза на антиковид вакцина.
“И верувам на науката, затоа и дојдов да примам трета доза„, вели за ПИНА, 60-годишниот скопјанец Никола.
55-годишната скопјанка Драгица, како што раскажа за ПИНА, пак се одлучила за трета доза, бидејќи претходно примила две дози од кинеска вакцина.
“Сакам да ја зголемам мојата заштита во оваа несигурно време и пред новиот бран“, вели таа.
Во Скопје трета доза вакцина, освен во поликлиниката Букурешт, може да се прими и во поликлиниките во Чаир и Аеродром.
За трета доза, како што објаснуваат за ПИНА од Министерството за здравство, не е потребно пријавување на сајтот vakcinacija.mk.
Во Македонија засега опција за добивање трета доза е единствено вакцината на Фајзер.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, процентот на вакцинација е висок, но сепак и тој потврдува дека интересот е спласнат.
– Сметам дека опфатот кој што според новиот попис веројатно негде помеѓу 50, па дури и 55 проценти ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат, рече Филипче.
Со трета доза вакцинирани околу 90 илјади граѓани
Македонија започна со вакцинација против ковид во февруари годинава, а според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 19 декември во земјава вкупно 853.314 лица се вакцинирани со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство.
Кај бројките на лицата вакцинирани со една или две дози, како што покажуваат претходните извештаи на ИЈЗ, нема позначителни поместувања, а единствено расте бројот на вакцинирани со трета доза.
Комплетно вакцинирани (со две дози) се 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица.
Опфатот кај работноспособното население (18-64 години) со една доза на вакцина изнесува 46,5% додека со две дози вакцинирани се 44,7%, односно 2,9% вакцинирани со трета доза.
Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25- 49 години (n=311.609).
Најголем дел од вакцинираните во Македонија се со Фајзер.
Кој и кога треба да се вакцинира со трета доза?
Стравот од новиот сој кој се појави – омикрон дополнително го зголеми интересот за трета доза и во Македонија, велат матичните лекари со кои разговараше ПИНА.
Од онаа што досега се знае за овој сој, најсигурно е дека брзо се шири, споредено со претходните соеви, а топ тема во светот моментално е дали вакцините можат да не заштитаат од оваа варијанта на ковид.
Неколку фармацевтски компании, меѓу кои и Фајзер и Модерна веќе информираа дека третата доза вакцина значително допринесува за заштита и од овој сој, што и придонесе за зголемен интерес насекаде.
Со препорака пред стартот на вакцинирање со трета доза во Македонија излегоа и од националниот Комитет за имунизација, кој донесе одлука со која граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на кинеските производители Синовак и Синофарм, трета доза вакцина да може да примаат после изминати три месеци од ревакцинација.
Според истата одлука граѓаните кои примиле друг тип вакцина, Фајзер, АстраЗенека или Спутник В, трета доза вакцина може да примаат после поминати шест месеци од ревакцинација.
Трета доза на вакцина за лица чијшто имунолошки систем е ослабен препорачаа и од Светската здравствена организација (СЗО).
Од таму нагласија дека не станува збор за препорака на трета доза за општата популација.
Во Македонија трета доза може да примаат сите граѓани без разлика на возраста и хроничните заболувања.
Препораката од Комитетот за имунизација е да освен повозрасните категории на граѓани над 60 години, трета доза на вакцина да добијат и било кои други граѓани без разлика на возраста и без разлика на тоа дали имаат или немаат други хронични болести, а се во значаен ризик заради зголемените контакти поради видот на работата и работното место и се со зголемен ризик да заболат од вирусот Ковид-19.
Автор: Петре Димитров