Ќе се спасат ли партиите од казни за непрoписно поставените висечки реклами

0
180
Фото: Импетус

Ниту една политичка партија досега не е казнета поради непрописното поставување на висечки реклами низ тетовските улици за време на последните парламентарни избори за кои пишуваше ПИНА. Партиите сами ги поставиле овие висечки реклами без да бараат дозвола од општинските власти.

Општина Тетово, одговорноста ја префрла на Министерството за внатрешни работи (МВР), односно Секторот за сообраќајни работи. Од друга страна пак, одговорни кај дел од партиите што имаа вакви реклами ни изјавија дека не знаеле дека им треба дозвола за нивно поставување.

Префрлање на одговорноста

Улица во Тетово

Откако од Општина Тетово ни изјавија дека не дале дозвола за поставување на овие висечки реклами, како и тоа дека е изработен записник, а случајот е пријавен до надлежните институции, се обидовме да дознаеме дали има некаков епилог, дали некој е казнет и кој ќе преземе одговорност?

Од службата со односи со јавност на Општина Тетово тврдат дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.
– Нашиот Сектор за комунални дејности го пријави случајот во Секторот за сообраќајни работи – кусо ни одговорија од Општина Тетово по неколкудневното инсистирање да добиеме одговор на испратените прашања.
За детали не упатија во Министерството за внатрешни работи од каде пак велат дека ваква пријава нема.
– Ве известуваме дека во Секторот за сообраќајни работи во МВР нема пријавен ваков настан – ни изјавија од МВР.

Дали воопшто имало пријава и ако ја имало каде завршила не успеавме да дознаеме од Секторот за комунални дејности во Општина Тетово, оддел кој според изјавите од портпаролот на Општината, всушност го пријавил случајот во МВР.

Партиите се вадат на неинформираност

Кој ги поставил ваквите висечки реклами, зошто не е побарана дозвола од Општина Тетово и зошто се користи овој начин на рекламирање, прашавме и во партиите чии реклами ги забележавме на дел од тетовските улици – Алијанса на Албанците, БЕСА и ДПА.

Рекламите пречат во сообраќајот

На нашите прашања одговорија само од партијата Алијанса на Албанците. Ариф Муса, претседател на изборниот штаб за Општина Тетово вели дека партијата не знаела дека ваквото поставување на овие висечки реклами на тетовските улици е непрописно.
– Ако се непрописно поставени, требаше навреме да реагираат од Општината, а не сега откако завршија изборите да реагираат. Тие ги гледале овие реклами, ги имаше од сите партии. Ако велат дека е незаконски ова, треба да кажат, па и нека казнуваат – вели тој.

Тврди дека ако знаеле, ќе побарале дозвола од Општината и им забележува на надлежните што навреме не интервенирале.

Проблем во сообраќајот

Но, овој тип на висечки реклами, не само што го узурпира јавниот простор на граѓаните, туку и го загрозува сообраќајот.

Сефер Селими од невладината организација „Демокраси Лаб“ вели дека ваквите реклами поставени од страна на политичките партии не само што се визуелно лоши, туку се најдобар пример за тоа како партиите користат секаква можност да го узурпираат јавниот простор за споделување на нивната партиска пропаганда.

Сефер Селими – „Демокраси Лаб“

– Заедно со промотивните постери на кандидатите, се ставаат спротивно на прописите и не ги почитуваат упатствата на локалните власти кои се надлежни за определување на јавен простор за постери и дозвола за истакнување на реклама со наплата на одредена цена. Политичките партии се покажуваат уште понеодговорени кога откако ќе заврши предизборната кампања не ги отстрануваат ниту постерите, ниту висечките реклами. Постерите се претвораат во загадувачи на животната средина, а од друга страна висечките реклами почнуваат да се претвораат и во ризик за сообраќајот и самите граѓани – вели Селими.

Тој додава дека во овој случај има и трка помеѓу самите партии кој ќе заземе подобра позиција за поставување на рекламите. Според него, мора да се најде начин и овој тип на рекламирање да се контролира подобро, а локалните власти да не го игнорираат овој проблем.

Ариф Муса од Алијанса на Албанците пак вели дека сообраќајот не бил загрозан во ниту еден момент. Објасни дека ваквите реклами ги поставува подмладокот на нивната партија

– Овој тип на реклами се става со јажиња преку улицата и се внимава на висината, за да не се загрози сообраќајот ако помине камион или автобус. Пак, ќе повторам дека обврска е на локалните власти да реагираат навреме – вели тој.

Според Муса, рекламите поставени од нивната партија веднаш биле отстранети откако завршиле изборите.

Инаку, Државната изборна комисија објавува Упатство за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка, но овие висечки реклами, како и плакатите не се регулирани со ова Упатство и се во надлежност на локалните власти. Единствено што се контролира се билбордите и паноата кои се во сопственост на Општините кои ги издаваат за рекламирање, како и билбордите кои се во сопственост на други правни лица кои се занимаваат со таа дејност.

Овој тип на рекламирање, пак, партиите не ги чини ниту денар. Иако, рекламите се поставени на јавен простор, тие не им плаќаат ништо на општините.

Од Општина Тетово ни изјавија дека тие определуваат места за лепење на политички пропаганден материјал за спроведување на изборна кампања без надоместок. Но, ова не важи за поставување пропаганден материјал кој виси над улиците.

Во секој случај, најмногу извиси одговорноста што треба да ја имаат и едните и другите.

Авторка: Милена Атанасоска- Манасиева

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.