Непостоењето на прецизна дефиниција за онлајн медиумите во Законот за медиуми придонесува во ситуацијата на отворање на голем број портали, без никакви критериуми, без да се знае кој е сопственик или пак, кој стои зад содржините кои се објавуваат. Исто така, ова влијае и на ширењето на неетички и непрофесионални содржини, без никаква одговорност за тоа.
Загрижени од состојбата во просторот на дигиталните медиуми, новинарските здруженија бараат измени на Законот на медиуми, со кои би биле опфатени и онлајн медиумите. Во таа насока, тие неколку пати упатија апел до Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), за да работат на овие измени.
Домашни и меѓународни експерти изготвија нов Закон за медиуми во декември 2023 година кој беше доставен до МИОА. За овој нов предлог закон претходеа широки консултации со повеќе чинители од медиумскиот сектор. Но и покрај оваа, МИОА не го достави предлог законот до Собрание.
Според Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), предлог законот за медиуми е целосно нов закон кој има за цел да ги подобри и ажурира деловите за заштита на слободата наизразување, да ги вклучи и онлајн медиумите, т.е. да ги препознае, да вклучи правила околу забранети содржини во коментарите на онлајн медиумите од трети страни, да овозможи општ регистер на медиуми, да ги усогласи дефенициите со ЕУ правилата вклучувајќи го и Европскиот закон за слобода на медиуми, да ги зајакне работничките права, да ја зајакне заштитата на изворите на новинарите, и заштитата на новинарите од нелегално набљудување (според Европскиот закон за слобода на медиуми), да се воведе Фонд за медиумски плурализам кој ќе промовира плурализам во медиумскиот сектор.
„Овој предлог го изработи екипа на експерти во рамки на проект поддржан од Европската Унија. ССНМ учествуваше како еден од најважните чинители со свои предлози. Главното на кое ние бевме насочени и за што предлагавме беше поголемата заштита на работничките права бидејќи тие се основата на професионалното и објективното новинарство. Исто така, се залагавме и за регистрација на онлајн медиумите според одредени правила во однос на технички својства, а не содржинска регулација, како што е кај радиодифузерите“, изјави за ПИНА.мк Павле Беловски, претседателот на ССНМ.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) пак велат дека нивните барања се, да има синхронизација со Европскиот акт за медиумски слободи (ЕМФА) на Европскиот Парламент, Препораката CM/Rec(2018)1[1] на Комитетот на министри до земјите-членки за медиумскиот плурализам и транспарентноста на медиумската сопственост на Советот на Европа и секако барањата на членството на ЗНМ пресликано во Стратешкиот план.
„Овој Закон е усвоен во 2012 година, и до неодамна, само еднаш има претрпено измени од 2013 година што го прави доста застарен земајќи во предвид дека на ниво на ЕУ има нова регулатива но и развој на медиумскиот сектор. Новата регулатива на ЕУ, рапидниот развој и дигитализација на медиумскиот сектор укажува на итна потреба не од измени на овој закон туку на нов Закон за медиуми,“ одговорија од ЗНМ за ПИНА.мк.
Од таму додаваат дека, важно е новиот закон да ги третира прашањата за формирање на фонд за медиумски плурализам преку кој би се подобрил квалитетот на медиумската содржина, но и би се подобрил социо-економскиот стандард на медиумските работници пред се.
„Сегашните несреќни решенија како што се владините кампањи не го решаваат проблемот со сиромашната медиумска понуда и скромните плати на новинарите, а и се загрозува јавниот интерес. Освен ова, новиот Закон за медиуми треба да понуди поголема транспарентност на медиумската сопственичка структура, формирање на т.н. регистар на онлајн медиуми и зајакнување на правата и заштитата на новинарите внатре во редакциите, но и на терен. Овој нов закон неодамна е предаден од Делегацијата на ЕУ во МИОА, но од надлежното министерство нема никакви најави во моментов за следните чекори околу неговото усвојување во Собранието,“ велат од ЗНМ.
Од МИОА велат дека, веќе формирале работни групи кои ќе работат во оваа насока со цел да се најде решение за дигиталните медиуми. Но, имајќи во предвид дека државата се наоѓа во изборен процес, велат од таму, не можат законски да интервенират.
„Свесни сме дека мора да и посветиме соодветно внимание на дигиталните медиуми и порталите кои функционираат во дигиталниот простор и кои често се извор на дезинформации, не се транспарентни и често не ги почитуваат професионалните новинарски стандарди. Во директна комуникација со заинтересираните страни, ќе се обидеме да ја регулираме оваа и онака важна област од медиумскиот простор со следење на нивната работа и да интервенираме во случаи кога ќе се откријат неетички дејствија. Ќе инсистираме работата на порталите да биде транспарентна со јавен импресум и водени од принципите на професионалното новинарство,“ изјавија од МИОА за ПИНА.мк.
Од друга страна, здружението на порталите ,,ОнлајнМедиа” исто така бара законско регулирање на дигиталните медиуми во смисла на она што значи влез на портали како медиум во Законот на медиуми, но имаат барања и во однос на прашањето за субвенции на медиуми.
„Во моментот политиката на владата се однесува да речеме дискриминирачко во однос на тоа субвенционирање, затоа што субвенционира или електронски или печатени медиуми, но нема никаква одлука во однос на порталите. Нашиот предлог е, или тоа да се укине или да се направи некаква бенефиција во однос на вработувањето на новинарите, на сите новинари, не само во порталите, туку и во весниците и во телевизиите, во смисла на придонесите за вработување на новинари. Тоа би била една мерка што би била рамноправна за сите новинари, нема да има никаква селекција во однос на, дали само печатени, дали електронски или дигитални, туку да бидат опфатени сите медиуми и со тоа ќе се придонесе во смисла на подобро економско вработење на медиумските куќи,“ изјавија за ПИНА.мк од Здружението на порталите.
Тие исто така, бараат да имаа критериуми кој би бил член на онлајн здружението и тие критериуми да бидат и дел од критериумите на списокот на ДИК за кампањите за време на избори.
„Секакви портали се пријавуваат да учествуваат во распределбата на тие буџетски средства за кампањите, нашиот предлог е тоа да бидат оние професионални, објективни портали кој што имаат своја редакција, кој што имаат своја канцеларија, кој што имаат најмалку двајца вработени, кој што постојат најмалку три години на пазарот, кој што објавуваат секојдневни содржини, секој ден имаат објава на содржини,“ велат оттаму.
Во актуелниот закон, во дефиницијата за медиумите онлајн медиумите не се споменати, што ги доведува во неправедна ситуација со телевизиите, весниците и радијата. Здружението Онлајнмедиа веќе подолг период бара измени на законот, за да може и за порталите да важат истите законски права и обврски како и за другите медиуми. Тие побараа, слично како и во Хрватска, во дефиницијата за авторско дело во нашиот закон да се воведе и „новинарско дело“, што би ја зголемило авторската заштита на новинарските производи.
Инаку, во февруари беа усвоени законски измени со кои се укинува забраната за државно рекламирање на централната и општинската власт на приватните телевизии.
Авторка: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА