Дел од градовите со малку буџетски пари за младите

0
100

Општините во неколку градови од внатрешноста не издвојуваат значајни суми на средства наменети за младите. Преку Барање за слободен пристап до информации ги прашавме општините во Радовиш, Тетово и Штип колку средства издвоиле во изминатите три години кои се наменети за активности на младите и информациите покажуваат дека има уште многу работа кога се работи за вложувањето во развојот на младите.

„Општина Радовиш нема посебна ставка за издвојување средства за младите, но Општинскиот Буџет издвојува средства за здруженија на граѓани, спортски екипи и училишта со одлуки на Советот на Општината. Во Општината нема здружение на граѓани кое се занимава посебно со правата на младите, освен Советот на млади кој не работи во последните три години поради истечен мандат, а на последниот јавен оглас не се јави никој“, велат од оваа општина на нашето Барање за пристап до информации.

Одговорот не е невообичаен, кога се работи за вложувањето во активностите насочени за младите и нивните потреби, интереси и развој. Вложувањето во младите од страна на властите често се гледа преку развој на спортски и рекреативни активности, наместо преку посебни ставки во буџетите. Од овој град велат дека годинава Општина Радовиш ќе издвои 10 милиони денари за спортски и рекреативни услуги, а додека пак во 2019-та година биле издвоени 9.5 милиони денари.

Во Тетово ситуацијата е малку подобра, но сепак парите кои ги издвоила општината за младинските иницијативи се’ уште се во мали суми.

,,За потребите на Младинскиот совет општина Тетово во последните три години ги има издвоено следниве средства: Во 2019 год. 60 000 ден, во 2020 год. 120 000 ден и во 2021 год. 60 000 ден“, велат оттаму.

Според општината, средствата за 2019-та и 2020 година се потрошени во изградбата на Младинскиот културен центар кој започна да се гради изминативе години, а во кој велат дека веќе се одржуваат голем број на активности наменети за младите од општината кои поради корона кризата беа ориентирани во он лајн активности.

,,Програмите за млади во време на корона вирус се задача на Младинскиот совет кој во минатата година имаше бројни активности онлајн, во услови на пандемија“, велат од општина Тетово.

Во Штип – активен Советот на млади, но нема одговор за сумите на средствата

Во однос на издвојувањето средства за млади од страна на општините ја прашавме и општина Штип за тоа колку средства издвоиле во последните три години за младите, како и кои активности ги имале наменети за младите во овој град.

Добивме одговори за активностите на Советот на млади на општина Штип кој се вклучувал во разни активности со други организации и институции и организирал работилници и средби на разни теми за младите. Организирале и хуманитарни акции и обуки, како и други јавни настани. Но она што не го добивме е одговор на прашањето за буџетските ставки издвоени за младите по години.

,,Оваа година како Совет на млади и Општина Штип сме посветени во однос на имплементација на Законот за млади како и назначување на младински работник на ниво на општина и свикување на иницијативен одбор за формирање на собрание за совет на млади, при што би започнал процесот во избор на нов состав на Совет на млади. Оваа година согласно препораките за заштита од Ковид19 треба да се формираат и нови групи кои би се состанувале за креирање на акциски план за оваа година во одредни области кои се останати од Локалната Младинска Стратегија“, велат од оваа општина.

ПИНА претходно пишуваше и за два други помали градови, Кичево и Кочани кои исто така во последните три години или воопшто не издвоиле или, пак, предвиделе само минимални пари за проекти и активности за младите. Според познавачите, општините кај нас ретко се подготвени да ги преземат потребните чекори за реализација на активностите што произлегуваат од стратегиите за младите. Законот за младинско учество и младински политики ги обврзува општините да издвојуваат 0,1 % од годишните буџети, рок кој треба да важи од јануари годинава.

Автори: Блерим Салихи, Вања Мицевска, Кристијан Трајчов, Зенел Мифтари

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.