Во отсуство на финансиска поддршка, ресоцијализацијата на жртвите на семејно насилство оди тешко

0
132

Освен 15.000 денари и Програма за помош и поддршка која сѐ уште не е усвоена, за жртвите на семејно насилство не е предвидена друга поддршка во намерата да си ги обноват животите по напуштањето на шелтер-центрите.

Се предвидвидува жртвите на семејно насилство да добиваат финансиска поддршка, но оваа помош е достапна само ако немаат имот, ниту работа.

Координаторката на шелтер-центарот за жени жртви на семејно насилство на Организација на жени на Град Скопје (ОЖС) Нена Смилевска за ПИНА објаснува дека во пракса оваа сума не може да покрие ниту кирија, ниту сметки, па така жртвите најчесто се враќаат кај сторителите.

„Доколку жената се разведе и децата останат со неа должни се да ѝ обезбедат паричен надоместок, но само ако не е вработена и нема имот на свое име, од тие средства не е во можност да плаќа кирија и режиски трошоци. Исто така, институциите на системот, кога жената го напушта шелтерот би требало да посредуваат околу вработувањето преку програми баш за вакви ранливи групи, но тоа не е случај“, тврди таа.

Смилевска раскажува дека жртвите кои ги користат услугите на центарот најчесто се со основно образование, па така вработените се трудат барем да изнајдат начини како да им овозможат на жените кои престојуваат посета на обуки со цел да се стекнат со вештини како шиење, работа во сервиси за чистење и слично.

Таа вели дека моделот за реинтеграција и рехабилитација подразбира индивидуален пристап за секоја жртва на насилство, нејзина подготовка за соочување со нови предизвици надвор од насилната средина, без ризик од бездомништво. Но, како што посочува, некои од нив не се подготвени, па така се откажуваат и повторно се враќаат кај сторителот.

Во процесот на реинтеграцијата, центрите за згрижување се појдовната точка, меѓутоа од здруженијата кои се занимаваат со оваа група на граѓани велат дека не се доволни, но и дека веќе постоечките имаат одредени слабости.

Проектната координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство Ана Аврамоска-Нушкова вели дека во однос на нивната функционалност, има специфични примери од центар до центар, кои ги покажуваат предностите и слабостите на овие сервиси.

„Имено малиот број на легла и простор се еден од предизвиците со кои се соочуваат посебно во случаи кога треба да се сместат повеќе жени со нивните деца. Ние како организација немаме направено конкретна посета на шелтрите низ Македонија но голем број од нашите сознанија се директно од жените кои биле сместени во некои од шелтрите“, децидна е Аврамоска-Нушкова.

Координаторката на шелтер-центарот на ОЖС Смилевска, додава дека иако Министерството за труд и социјална политика ја препознава важноста на центрите, сепак не пружа доволна поддршка.

„Организација на Жени на град Скопје (ОЖС) во чија сопственост е шелтерот  обезбедува средства од бизнис секторот, поединци, донации, хуманитарни настани. Единиците на локалната самоуправа се должни во буџетот да обезбедат средства за финансиска поддршка на жртви на родово-базирано насилство и семејно насилство и истото го уредуваа согласно закон. Но, за жал само две општини во градот повремено  издвојуваат минимални финансиски сретства“, вели Смилевска.

Министерството за труд и социјална политика пак, се пофали со реформи. Оттаму имаа да посочат исклучиво реформи кои ги спровеле во изминатиот период, а кои ја подобриле состојбата на оваа група на граѓани во државата.

„Во однос на тоа дека последниот Центар за згрижување на жртви на семејно насилство беше отворен во декември изминатата година укажува на тоа дека Министерството за труд и социјална политика ги проширува капацитетите за жени жртви кои имаат потреба од ваквите услуги. Моментално на територијата на државата има вакви центри во сите плански региони, односно осум вкупно. Одвоени се четири милиони денари за финансирање на здруженија кои работат на полето семејно насилство и оваа година се вклучени три управни договори со три здруженија кои ги даваат следите услуги СОС линија, кризно сместување 24 до 48 часа и сместување за цела година – услуга привремен престој“, одговараат од министерството.

Закони за жртвите на насилство подобрени, но неспроведени

Од Министерството, како позначајни реформи ги истакнаа донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство и семејно насилство, пет подзаконски акти кои се однесуваат на, проценката на ризик, извршување на привремена мерка на заштита, следење на привремените мерки на заштита, како и обезбедени обуки за стручните лица за работа со жени жртви на насилство и обуки за сторители на насилство.

Меѓутоа, здруженијата изразуваат загриженост за долготрајниот негативен тренд на усвојување на закони, стратегии и политики за справување со семејното насилство, без притоа да се распределат, како што посочуваат, потребните човечки ресурси и буџетски средства за нивното спроведување во пракса, посочувајќи дека и покрај одредените подобрувања на хартија, жените во пракса повторно се оставени без заштита.

„И покрај тоа што станува збор за еден многу сериозен општествен проблем, загрижува долготрајниот негативен тренд на усвојување на закони, стратегии и политики за справување со семејното насилство, без притоа да се распределат потребните човечки ресурси и буџетски средства за нивното спроведување во пракса. Ова беше потврдено со усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, за чие спроведување не беа обезбедени потребните буџетски средства“, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Аврамоска-Нушкова пак, посочува дека Законот за семејство сѐ уште не бил отворен, иако првично работната група се формирала од МТСП во 2019 година. Таа дополнително вели дека Законот за родова еднаквост уште не е ниту влезен во собраниска процедура, како и дека не се започнати измените на Законот за средно образование. Овие според неа се најпотребни чекори кои тапкаат во место, а се итни.

„Во однос на итноста, државата има усвоено рамка за реализација на овие измени –  2018-2023 во која треба не само да ги усогласи законите, туку паралелно треба да работи и на заштита на жртвите и на превенцијата од повторување на насилството и спречување на идното насилство. И не е само да ги измени законите, туку треба и практично да можеме да ги примениме“, вели Аврамоска-Нушкова.

Таа заклучува дека е направен чекор напред со носењето на нови закони, но дека треба уште многу работа, посебно во насока на заштита на жртвите, како и во нивното реинтегрирање во општеството.

Од ЕСЕ дополнуваат дека друг проблем е што голем дел од жените кои пријавуваат се откажуваат во текот на кривичната постапка, а најголемиот дел од пресудите за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство се условни осуди.

Аврамоска – Нушкова од друга страна порачува дека надлежните институции кои се на прва линија во првичната заштита на лицата кои се соочуваат со насилство, како што се полицијата и Центарот за социјална работа, кои треба да бидат повеќе сензибилизирани за оваа проблематика и темелно да ја истражат секоја пријава за насилство. Според неа, треба да се земе предвид и должноста за правење на проценка на ризик.

„Во најголем број случаи, првичната пријава односно проценка ја правата дежурните униформирани полициски службеници кои не секогаш ја имаат потребата обука и знаење за овие прашања. МВР треба да го зголеми бројот на почетни и континуирани обуки за да не дојде до ова жртвата да се обвинува за каде шетала во 4 сабајле или како била облечена дали била пијана или не. Од нашата пракса најчесто сме во контакт со инспекторите за семејно насилство и можам да нагласам дека се високо професионални, сензибилизирани и знаат да постапуваат. Во секој случај нивниот број на национално ниво е многу мал“, појаснува таа.

Аврамоска – Нушкова вели дека посебен проблем се јавува во делот на казнивоста на насилниците.

„Посебен проблем се однесува на казнивост. Имено, многу често судовите досудуваат или поблаги казни или пак условни осуди за сторителите. Овој податокот дополнително му дава сила на сторителот да продолжи со своите постапки со што се губи и смислата на целта на казнувањето односно да го спречи сторителот да врши кривични дела и да влијае на негово превоспитување како и да делува воспитно односно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела“, вели таа.

Бројот на жртви на семејно насилство сѐ поголем

Од Здружението ЕСЕ информираат дека насилството најчесто доаѓа од сопруг, партнер, а неретко жртвите пријавуваат и насилство од родители или од сопствените деца.

Според евиденијата која ја водат здруженијата во државава, бројот на жртвите се зголемува. Ова според нив укажува на две работи, а тоа е дека или е зголемен бројот на насилници или пак, жртвите се повеќе охрабрени да пријавуваат насилство.

„Во периодот од јануари до јуни оваа година (2023) во ЦПП се обратиле вкупно 78 лица, најголемиот дел жени што претрпеле семејно насилство, за кои биле организирани 122 индивидуални средби со адвокат и 29 психолошки советувања“, посочија од ЕСЕ.

Активистите оценуваат дека и покрај видливите подобрувања во законските решенија и програми, тоа останува на хартија, а со тоа се попречува реализирањето на процесот на реинтеграција на жртвите на семејно насилство.

Авторка: Симона Србиноска