Проблемот со бездомниците е комплексен, а државата не му приоѓа сериозно, вели за ПИНА, Тони Станковски, претседателот на здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци „Љубезност“.
Тој потенцира дека најголемите проблеми се обезбедувањето на храна и сместување за бездомниците.
„Со децении се истите многу малку капацитети за сместување на бездомниците, кои се во многу лоша состојба. Секако многу важно прашање е и враќањето на овие лица во системот, односно нивна ресоцијализација на што не се работи доволно. Не постојат шелтер центри за таа намена. Проблем е и обезбедувањето на доволно храна, ако тие се гладни, како ќе ги ресоцијализирате? Државата според закон е должна да ги обезбеди овие работи, но на терен сликата е поинаква“, вели тој.
„Љубезност“ од 2013 година секоја сабота во Скопје кај Музејот на Мајка Тереза дели храна, но и на дневно ниво посетува бездомници на различни локации низ Скопје, на кои исто така им дели топол оброк.
Од пред три години работат и на систем на вдомување на овие лица, како и на проекти за нивна поддршка, како што е подготовка за интервју за работа, обезбедување на облека, плаќање сметки, правна и медицинска помош…
,,Потребни се систематски решенија за проблемот со бездомниците. Фокусот на нашата работа, кој треба да биде и на државата е да се најдат трајни решенија за сместување на бездомниците и форми на нивна ресоцијализација и реинтеграција во општеството“, вели тој.
Годишно пет до седум бездомници се враќаат во системот
Даут Таири, десет години е бездомник. Како што ракажува за ПИНА, порано бил богат бизнисмен, а поради зависност од коцкање, останал без се.
-Поради коцкањето останав без пари, фамилија, пријатели. Имам две полнолетни деца, со кои не комуницирам, оти тие не сакаат. Знам дека се добри и се радувам за тоа, вели Таири, чие лично искуство е опишано во книгата „Хари и Даут живите легенди на Скопје“.
Три-четири години талкал по улиците на Скопје, а сега благодарение на Црвениот крст на Град Скопје живее во гаража во Бутел 1.
-Од Црвениот крст ми помогнаа да се адаптира гаражата, а со нивна помош станав и фризер овде.
Заработувам по 3.000 денари месечно, а од Црвен крст ми помагаат и за здравствените прегледи. Има четири бајпаса. Срам ми беше да дојдам овде да побарам помош, но добро направив што дојдов, раскажува тој.
Даути е редок пример на бездомник, кој се враќа на самоодржлив колосек.
Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје за ПИНА вели дека годишно пет до седум бездомници се враќаат во системот.
Црвениот крст во соработка со бизнис секторот на секој заинтересиран бездомник му нуди можност за работа, најчесто во градежништвото, јавните комунални претпријатија, обезбедување, сезонска работа…,а се организираат и работилници за учење занает.
-Тие што се здрави, имаат можност да работат и да заработат. Има интерес, вели за ПИНА, Сандра Ковачевиќ, психолог во пунктот за бездомници.
Расте бројот на бездомници
Пандемијата со Ковид-19 е една од причните поради кои во македонија продолжи да расте бројот на бездомници.
Според евиденцијата на Црвениот крст во пунктот се регистрирани 189 бездомници, само во Скопје, но за жал нивниот број е поголем велат нашите соговорници.
Пунктот за бездомници во Скопје функционира од 2008 година, а прифатилиштето од 2010 година.
На ниво на земјава, во три града, Струмица, Струга и Битола има мобилни простори за бездомници, кои се активираат по потреба.
Тунева Пауновска вели дека периодов на една недела бил активиран само на една недела.
Во Скопје во Чичино Село, надвор од Скопје, постои можност за постојан престој на бездомниците и други лица на кои им е потребна помош. Таму според нашите соговорници претежно се сместени постари бездомници, но одалеченоста и лошата состојба на објектите и лошите услови за живењее, оваа државна можност ја прават недоволно искористена и неатрактивна.
Пунктот и прифатилиштето во Скопје пак се финансира од средства од Град Скопје, Црвен крст и донации.
Најмногу потребна храна
Во рамки на пунктот функционира кујна, во која два пати во неделата се дели храна, а истата некогаш ја донираат и скопски ресторани.
Понекогаш во еден ден овде по храна доаѓаат и над 150 лица, а меѓу нив има и такви кои што не се бездомници, односно имаат дом, но се во лоша финансиска состојба и неможат да си обезбедат храна, посочува Ковачевиќ.
-Облека најчесто имаме доволно, а тоа што најмногу ни е потребно е храна, вели таа.
Бездомниците секој петок можат да користат бесплатна услуга на лекар, а овде во одредени денови може да ги исперат и своите алишта и да се истушираат.
Тие исто така добиваат и бесплатна правна помош, како и психолошка подршка.
-Тие се обично многу затворени, кога е во прашање нивниот живот и нивната психолошка состојба. Им треба повеќе време да се опуштат, а бидејќи овде сум од почеток ми веруваат, вели псхологот Ковачевиќ.
Прифатилиштето има 32 кревети, 16 за жени и 16 за мажи.
Овде нема постојан престој, туку овие капацитети се користат во екстремни ладни или топли периоди во годината.
-Зимава истите ги користеа 55 бездомници во период од 2,5 недели.
Кога имаме повеќе бездомници отколку кревети, се адаптираме на барањата и поставуваме дополнителни легла. Секако овие простории се секогаш отворени за лица со здравствени проблеми или кои имале операции, интервенции и сл., вели Тунева Пауновска, која потенцира дека пунктот функционира 24 часа.
Автор: Петре Димитров