Со претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева разговаравме за состојбата со работничките права во земјата, актуелните законски измени за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, намерата на Владата да ,,увезува” работници од Азија, како и за најчестите форми на прекршување на правата на работнициве во земјава.
Измените на Законот за работни односи поради изградбата на коридорите 8 и 10д предизвикаа лавина од реакции во јавноста. Каков е ставот на „Гласен текстилец„?
Законот на Бехтел и Енка каде претходно беше наведена 60 часовна работна недела во просек, од наша страна беше оспорено на Уставен суд, само пред некои шест месеци. Не ја разбирам хистеријата и угодувањето на владата кон еден конзорциум, па да менуваат 8 закони и сите да се спротивни на Уставот.
Впрочем самиот проект и конзорциумот се од почетокот скандалозни, бидејќи се даде можност на една единствена компанија да конкурира и го добие тендерот за изградба на коридорите 8 и 10.
Конкретниве измени во Законот за работни односи (ЗРО) пак ќе бидат оспорени ако ги изгласаат со фамозното и често злоупотребено европско знаменце, па оди кај претседателот на државата на потпис. Ако ги мине овие два филтри, останува пак да ја искористиме можноста и повторно испратиме иницијатива за оценување на уставноста на измените на ЗРО. Ама нема да помине тоа.
Колку често се прекршуваат работничките права во Македонија? Постои ли доволно законска регулатива која би ги заштитила?
Се прекршуваат, многу често. Законите се генерално добри за заштита на работничките права, освен во делот на исплата на К15, заштита на бремените жени кои имаат договори на определено работно време, можноста да отвараат и затвараат фирми, односно прават промена на имиња на фирми на една иста адреса, а работниците остануваат без плати и можност да ги наплатат истите преку судска постапка.
Фали имплементација на законите. Фали систем кој ќе ги заштити работниците. На пример систем за евиденција на часовите поминати на работа, бидејќи во моментов е предмет на манипулација и не соодветен платен труд на работниците.
Исто како што фали и измени на системот за исплата на плати низ Управата за јавни приходи кој во моментов дозволува исплата под минимална плата или смешни суми на плата од 2 или 100 денари. Иако законите се јасни, сепак фали имплементација на истите.
Работниците не секогаш од различни причини ги пријавуваат или не знаат каде да ги пријават прекршувањата на нивните права. Расте ли интересот за тоа?
Мислам дека доволно работевме од 2017та на подигање на свеста на работниците, на јавноста, на сите доносители на одлуки за правата од работен однос, за состојбите со кршење на работничките права, на потребата од покачување на плати и измени на законски регулативи.
Баш имав можност во текот на минатата година да ја слушнам и тогашната директорка на трудовиот инспекторат, а сега министерка на труд и социјала, каде изјави на една од националните телевизии дека за 300% се зголемени пријавите до трудовиот инспекторат, а дека тоа е особено застапено и видливо во приватниот сектор, а особено во текстилната индустрија.
Таа и самата ја потенцираше важноста на граѓанските организации и соработката меѓу здруженијата и инспекторатот. Исто како што и е видлива зголемената бројка на судски предмети пред штипскиот основен суд за побарувања на права од работен однос, што преставува своевиден успех на работата на “Гласен Текстилец“ и правната помош и поддршка која што ја обезбедуваме.
Кои се најчестите форми на прекршување на правата на работниците?
Најчестите прекршувања на работничките права кои се пријавени до нас и за кои сме реагирале до надлежни институции, а за дел сме почнале и судски постапки, се: неисплатени плати и надоместоци и додатоци на плати (работа во недела, работа на празник, прекувремена работа и минат труд), како и неисплатени придонеси од задолжително социјално осигурување, дискриминација поради бременост, раѓање и родителско, право на годишен одмор, незаконски откази, право на испратнина и опремнина, К15, исплата под минимална плата, немање на листови за плата, немање на евиденција на работно време, немање на примерок од договор за вработување, несоодветно исплаќање на боледување, мобинг и слично.
Кој е вашиот став за идејата на Владата да се носат работници од Азија кои во Македонија би работеле за мали плати?
Тоа што бараат газдите, Владата го дозволува. За жал, Владата одлучи дефицитот на работна сила да го пополнува со увезени работници и сега е ред од Бангладеш, да правиме од земјава Конго на Балканот.
Само не знам дали некој размисли дека нема инфраструктура, дека и тие се луѓе со потреби, дека нема да бидат нечии робови, дека некој ќе работи за 200 евра во земја со највисока инфлација во Европа и дека ќе се задоволни и среќни.
Нова експлоатација на повидок, откако ги избркаа рабоспособните работници од Македонија по светот. Сега им требаат нови робови. Не се навикнати поинаку, бидејќи работниците по корона кризата и масовните отпуштања, едвај чекаа да се отворат границите и си заминат во земји каде трудот ќе им биде ценет.
Ова не е решение, ова е криење зад сопствената неспособност и никаква идеја како се води држава, како се водат оддржливи политики, како се стреми власта кон подобра економија и повисок животен стандард, како и грижа за работникот.
Ова е најлесно, да се угоди на одредени газди, кои немаат никакво познавање од менаџирање, инвестиции и модернизација на производство, туку уште се во времето кога даваа казни за одење во тоалет, како и плата од 150 евра максимум. Оние кои си ги почитуваат вработените, никогаш нема да ги видите како се жалат дека немаат работници пред медиумите. Бидејќи тие немаат таков проблем.
Реагираат ли надлежните институции на вашите забелешки и барања и каква ви е соработката со нив?
За разлика до 2017та, сега здружението “Гласен Текстилец“ е партнер на некој начин на институциите, преку формална и неформална комуникација, давање на информации од терен, известувања и барања за инспекциски надзор.
Преку истражувања, даваме соодветни препораки за подобро и пофункционално работење на истите, особено на Државниот трудов инспекторат како прва инстанца, притоа бесплатна, за помош и остварување на правата на работниците.
Исто, започната е соработка со Управата за јавни приходи кои се надлежни за почитување на рокот за исплата на плата, како и почитување на минималната загарантирана плата.
Сепак требаше многу години да се отворат овие институции, а сега соработката е на задоволително ниво.
Автор: Петре Димитров