Почетна Анализи Затворање редакции – земјотрес за квалитетот на македонското новинарство

Затворање редакции – земјотрес за квалитетот на македонското новинарство

0
257
Новинарите од редакцијата Колегиум | Фото: Маја Блажевска Евросимоска, ПИНА

Денот во Колегиум.мк почнува со кафе и поделба на темите. Во фокусот им се човечките приказни, стории кои другите медиуми не успеваат да ги истражат. Редакцијата е составена од поранешни вработени во Радио Слободна Европа на македонски јазик која на 31 март, поради буџетската состојба на медиумот, престана да постои. Новинари кои одбиваат да молчат.

„Не ни размислувавме каде да продолжиме. Најлогично беше да тргнеме таму каде што застана Радио Слободна Европа (РСЕ)“, објаснува Зорана Гаџовска Спасовска, главна и одговорна уредничка на Колегиум.мк.

Со децении работа зад себе, текстови изградени врз факти, проверки и јавен интерес, одлуката да продолжат била речиси инстинктивна. Овој нов медиум не е план Б, туку нова форма на нивната новинарска мисија, квалитетно информирање каде се клучни фактите и јавниот интерес.

Зорана Гаџовска Спасовска, главна и одговорна уредничка на Колегиум.мк | Фото: Маја Блажевска Евросимоска

„Колегиум.мк се роди токму од таа потреба, да се зачува континуитетот на независното новинарство во моментот кога се создаде сериозна празнина во медиумскиот простор. Згаснувањето на македонската редакција на Радио Слободна Европа не беше само институционална промена, туку сигнал колку е кревка инфраструктурата на независните медиуми кај нас. Сакаме да веруваме дека преку Колегиум.мк слободниот дух на РСЕ ќе продолжи да живее”, додава Гаџовска Спасовска.

Новинарот Александар Самарџиски бил меѓу последните кои се вклучиле во тимот на Радио Слободна Европа и продолжил во Колегиум.мк. Вели дека она по што се разликувале додека биле во РСЕ е времето вложено квалитетно да се покријат темите.

„Го имаше времето да не трчаш да сработиш од сè по малку, туку да се посветиш, макар и на дневно-политички настан, но информацијата да ја ставиш во контекст и да има додадена вредност. За жал, голем број редакции, што поради малиот број новинари, што поради притисокот за посети кои носат реклами и пари, тоа не може да си го дозволат“, вели Самарџиски.

Голем дел од македонскиот медиумски простор, според Гаџовска Спасовска, силно е зависен од политички и бизнис центри на моќ, а независните гласови се ретки. Свесни се дека ова го прават во време кога е сè потешко да се финансираат независни медиуми. Затоа бараат поддршка, веруваат дека квалитетното и независно новинарство има вредност и треба да опстане.

Новинарство на кое не можеа да влијаат политички и бизнис интереси

Пред нешто повеќе од една година престана со емитување и Гласот на Америка откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одредба со која нареди Агенцијата за глобални медиуми да го сведе работењето на законски потребниот минимум. Со тоа запре работењето на сите сервиси на јазиците на Балканот, меѓу нив и македонскиот.

Тоше Огњанов, независен мултимедијален новинар и поранешен соработник на Гласот на Америка за ПИНА вели дека со згаснувањето на овие сервиси, на македонската медиумска сцена се намалија анализите, истражувањата и репортажите врз кои што не можеа да влијаат домашните политики, ниту бизнис интересите.

„Колку и да се трудат за независност во работењето, домашните медиуми, во немањето доволно средства за егзистенција или во состојба на можен институционален реваншизам, се изложени на ризик од нечии влијанија. Со Гласот на Америка, медиум чија мисија беше да известува непристрасно, за среќа ја имавме слободата и поддршката да поставиме прашања кон властите што дел од домашните медиуми, под линија на самоцензура, не ги поставуваат“, вели Огњанов.

Тоше Огњанов | Фото: Приватна архива на ФБ

Додава дека, и покрај тоа што состојбата во македонскиот медиумски простор во однос на независноста и слободата на говорот е подобрена, и натаму дел од новинарите мора да прашаат кај уредништвото дали смеат да пишуваат или да говорат за одредени проблеми за да не се судрат со нечии интереси, нешто што во сервисите како Гласот на Америка не постоело.

Во јули минатата година згасна и регионалната телевизија Ал Џазира Балканс која имаше дописништво и во Скопје. Телевизиската мрежа објави дека одлуката за запирање на програмата на каналот е дел од пошироката стратегија за јакнење на дигиталното присуство и ширење на нови медиумски платформи.

Милан Спировски од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вели дека згаснувањето на редакциите е удар врз медиумскиот плурализам и пристапот до проверени, независни и меѓународно релевантни извори на информации. Тој смета дека ова ќе придонесе кон осиромашување на информативната понуда, помала разноликост на перспективи и послаб квалитет на аналитичкото новинарство, посебно за регионални и глобални теми.

„Овие медиуми поставуваа стандард за квалитетно новинарство и секако дека нивното затворање ќе има последици по јавниот интерес. Со нивното отсуство се намалува просторот за критичко, професионално и независно известување, особено за теми од јавен интерес кои бараат подлабока анализа, меѓународен контекст и отпорност на политички или економски притисоци“, вели Спировски за ПИНА.

Во морето некредибилни извори на информации, овие редакции со години беа репер за високи стандарди за веродостојно и професионално информирање смета и Снежана Трпевска експерт за медиуми од Институтот „РЕСИС“. Нивните информации беа особено важни за публиката да може да прави споредба и да дојде до сеопфатна слика за настаните, што е особено важно во земји во кои информативните редакции на многу домашни медиуми, под влијание на различни интереси и притисоци, постепено низ годините „ги олабавуваа“ критериумите за тоа што е етичко и професионално во известувањето, смета Трпевска.

„Тоа беа редакции кои особено вложуваа во истражувачко новинарство и подлабоки анализи дури и во редовното информирање во вестите, а не само во специјализираните истражувачки жанрови. Во земјава и сега на истражувачко новинарство работат неколку поголеми медиуми и неколку независни онлајн редакции, но неретко се изложени на притисоци од домашни политички и бизнис моќници. Новинарите, пак, кои работеа за овие регионални и меѓународни медиуми беа заштитени од таквите притисоци и тоа беше особено важно за квалитетот на нивните новинарски производи“, вели Трпевска за ПИНА.

Снежана Трпевска, експерт за медиуми од Институтот „РЕСИС“

За новинарите многу важна е поддршката од голема и професионална редакција затоа што им обезбедува структура, ресурси и стандарди на работа, вели таа. Во такви редакции постојат уредници, правни советници, проверувачи на факти и колеги кои помагаат текстот да биде точен, избалансиран и професионално обработен. Тоа значи дека новинарот не работи сам, туку е дел од систем кој го штити и го води низ процесот на известување, особено кога се работи за чувствителни теми или истражувачко новинарство, објаснува Трпевска.

„Големата редакција му дава и поголема независност во смисла на стабилен работен статус, сигурност и професионална заштита. Кога зад новинарот стои медиум со углед и редакција со силни ресурси, тој полесно ќе се спротивстави на притисоци, закани или обиди за влијание, бидејќи одговорноста и кредибилитетот се заеднички. Во помали или слабо организирани медиуми, новинарот почесто е оставен сам да носи одлуки, што ја зголемува можноста за грешки или компромиси во квалитетот на известувањето“, вели Трпевска.

Неизвесен медиумски пазар без долгорочни планови

Сребра Ѓорѓијевска е една од основачките на Умно, портал кој го покренале за време на корона кризата. Предизвиците да се има медиум се секојдневни, постојат денови кога се прашуваат како опстанале пет години.

Сребра Ѓорѓијевска (лево) една од основачките на Умно заедно со Весна Илиевска (десно) другата основачка на Умно

„Многумина поискусни ни кажуваа, ако ги преживеете првите две-три години, ќе терате долго. Еден од главните предизвици ни беше да го најдеме соодветниот модел за финансирање, да ја искристализираме нашата приказна. Признавам дека на почеток доста се баравме, се обидувавме да имаме поголема соработка со маркетинг агенциите, да пишуваме проекти, да работиме покомерцијално, па со тек на време, почнавме и со наши производи, оти сфативме дека веќе создаваме бренд којшто публиката го препознава“, вели таа.

Ѓорѓијевска вели дека времињата се несигурни да се размислува за долгорочна одржливост, но оти ја бараат со чесна работа, следење на пазарот, вмрежување и постојано учење.

Од Здружението на новинари на Македонија сметаат дека е потребно зајакнување на поддршката на независните медиуми и истражувачкото новинарство  преку транспарентен и независен фонд за медиуми, како и унапредување на условите за работа на новинарите.

„ЗНМ се залага за ваков фонд бидејќи тој треба да биде воспоставен врз јасни, професионални и транспарентни критериуми, без политичко влијание, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа. Дополнително, неопходно е да се обезбеди поддршка и за новинарите кои остануваат без ангажман, преку програми за професионална преквалификација, обуки и можности за нивно вклучување во независни медиумски и истражувачки проекти“, вели Милан Спировски од ЗНМ.

Трпевска за ПИНА вели дека еден од најголемите предизвици за професионалните медиуми и новинарството е економската одржливост во услови на дигитален пазар.

„Друг голем предизвик е влијанието на социјалните мрежи врз информирањето и јавната комуникација генерално. Брзината на ширење на информациите денес е многу поважна од нивната точност, што за малите редакции кои немаат доволно ресурси ја усложнува проверката на фактите и примената на сите други етички стандарди“, вели таа.

Посочува на новиот пакет на регулативи на Европската унија, како Европската регулатива за слобода на медиумите, чија цел е да се заштити и поттикне медиумскиот плурализам и независноста на новинарството, како и Регулативата за дигитални услуги преку која ЕУ се обидува да го регулира влијанието на големите онлајн платформи врз информацискиот простор. Вели дека на земјата допрва и претстои усогласување со овие регулативи и, додава, дека не е убедена дека процесот ќе оди во добар правец имајќи предвид какo се одвиваа реформите на медиумската легислатива.

Авторки: Маја Блажевска Евросимоска, Бјанка Станковиќ 

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.