Двете трагедии кои неодамна се случија во соседна Србија, откако за помалку од 48 часа во Белград и околината се случија два масакри кои го потресоа целиот регион, го вклучија црвениот аларм и во Македонија.
Во јавноста, набрзо по трагедијата се отвори дискусија за менталното здравје на младите, безбедноста во училиштата и меѓуврсничкото насилство, а покрај тоа со мерки и пораки се вклучија и надлежните институции.
Динамичниот живот и секојдневниот стрес сѐ повеќе ги изолира младите генерации од социјалните контактите со нивните семејства, просветни работници и врсници, предупредува психологот и професорка по клиничка практика на Универзитетот „Американ Колеџ“ Благица Ризоска Вањиќ.
Според неа, тоа предизвикува чувство на осаменост, страв, анксиозност и депресија, а тоа, вели се состојби кои можат да доведат до ментална, емотивна и физичка исцрпеност.
Ризоска Вањиќ алармира дека луѓето денес најчесто се преоптоварени со грижата за физичкото здравје, како изгледаат, како ги доживуваат другите по она што е видливо, додека менталното здравје најчесто се става во втор план.
„Менталното здравје ретко е присутно во семејствата и образовните институции,
каде скоро и да не се зборува за емоции како и за проблеми во справување со
животните ситуации. Психолошкото насилство најчесто е непријавено,
незабележано или непрепознато. Од тука начинот на превенција е континуирана
едукација, зборување и консултација со стручни лица, инвестирање во едукација
за прва психолошка помош и психо-социјална поддршка на пошироката
популација, достапен психолог/психотерапевт за секој граѓанин, медиумски
кампањи за подигнување на свесноста за менталното здравје како и емпатичност,
човечност и прифаќање на секој кој се соочува со била каков проблем или
ситуација. Враќање кон човечноста, соодветниот жив контакт и комуникација би
биле прв чекор во пронаоѓање на соодветни методи и начини на справување со
сите тековни предизвици“, вели Ризоска Вањиќ.
Таа за ПИНА потенцира дека на младите им се неопходни чести сесии со психолози и стручни прирачници и првични мрежи со кои ќе се промени перцепцијата во македонското општество, а кои ќе помогнат кон отстранување на стигмата поврзана со менталното здравје, со што ќе им се помогне на младите луѓе да добијат добри и практични совети за грижа на нивното ментално здравје.
„Младите индивидуи се соочуваат со промени на различни нивоа. Тие се менуваат телесно, емотивно, мисловно како и на ниво на однесување. Поминуваат низ транзиторен период помеѓу дете и возрасен што од нив побарува нови начини на справување со секојдневните предизвици. Ваквите промени можат да доведат до конфузија, бурни реакции, неочекувани случувања бидејќи младите индивидуи за првпат формираат свои перцепции и доживувања кои можат да бидат различни од тоа што околината им го презентирала. За нив се многу важни контактите со врсниците, градењето на партнерски релации, потребна им е поддршка во процесот на градење на слика за себеси како од родителите така и од врсничката група“, објаснува Ризоска Вањиќ.
Психологот посочува дека кај младите истовремено е присутна и потребата да останат поврзани со значајните луѓе во нивниот живот, да чувствуваат припадност кон семејството, но во истовреме да направат да се идентификуваат себеси креирајќи сопствен идентитет.
Според Ризоска Ваниќ, родителите би требало да обезбедат средина во која има
баланс помеѓу меѓусебната поврзаност со притоа воспоставени јасни граници и
можност за осамостојување т.е. диференцијација на младата индивидуа.
„Родителите треба да воспостават средина која би требало да е многу повеќе
поддржувачка отколку осудувачка или критикувачка. Родителите би требало да
бидат свесни дека во периодот на адолесценција и младост повеќе од било кога
им се потребни на своите деца и дека секој нивни збор, начин на однесување како
и мислење кое го имаат, значително влијае на младата индивидуа, на тоа како таа
се доживува и како го доживува светот во кој што живее.
Родителите би требало да бидат информирани за новите трендови, текови, за генерациските разлики како и тоа дека би требало да се менуваат себеси и своите родителски стилови согласно новонастанатите ситуации и потребите на своите деца. Доколку работат на нивниот личен раст и развој, имаа прилика да станат свесни за транс генерацискиот пренос кој несвесно се пренесува од колено на колено и да
преземат акција и иницијатива за однос кој се одвива во „овде и сега“ во сегашен
контекст. Доколку не се сигурни во начинот на кој пристапуваат или чувствуваат
дека не знаат како да му помогнат на своето дете, препорачливо е да побараат
стручна помош која би можела да биде корисна за целото семејство, изјави таа за
ПИНА.
Учениците немаат целосна доверба за да пријават врсничко насилство
Дел од учениците имаат навика да разговараат или да пријават врсничко насилство кај своите наставници или стручните соработници во училиштата, но за жал постојат и ученици кои тоа не го пријавуваат, а за тоа се дознава преку совесни ученици кај кои има емпатија за соучениците, објаснува претседателот на Независниот синдикат за образование и наука Томислав Гиевски.
Тој посочува дека можноста за пријавување врсничко насилство преку мејл адресите кои неодамна ги отвори Министерството за образование и наука е солиден почетен чекор, бидејќи, како што рече, ресорното министерство има голем број вработени кои можат да помогнат во решавање на овој горчлив проблем.
Првиот чекор кој според него мора да се спроведе во училиштата е да се намалат или да се сведат на нула сите непотребни, административни работи кои со години како што вели, непотребно се доделуваат на стручните соработници во училиштата – педагог, психолог, дефектолог, социјален работник.
„Со ваквите задолженија се намалува просторот односно можностите на оваа група работници да се посветат единствено на менталното здравје на нашите ученици. За да направиме здрава средина за младите во училиштата, сите чинители во општеството мораме да бидеме пример. Живееме во држава во која нивото на корупција, политизираност и непрофесионалност е на застрашувачки високо ниво. Ваквиот општествен фактор директно влијае врз поведението на најмладите, бидејќи тие секогаш се нагледуваат на појавите и процесите со кои се опкружени“, смета Гиевски.
Според него, департизацијата и почитувањето на законите и колективните договори во секторот образование би предизвикало подобра работна атмосфера и поголема посветеност и мотивираност од просветните работници кон детектирање и превенција на сите проблеми.
„Во моментов како и многу години наназад, влијанието на политиката и непочитувањето на законите и колективните договори предизвикуваат константно намалување на квалитетот на воспитно-образовниот процес бидејќи директно влијаат врз менталното здравје на просветните работници. Во нашето општество недостасуваат реални казни за несовесните ученици како и за несовесните родители. Во Македонија, час поскоро, мора да се воведат парични казни за родителите кои не доаѓаат на советување во училиштата како и казни за психичко и физичко насилство врз ученици или врз вработените во секторот образование“, дециден е Гиевски.
Претседателот на Сојузот на средношколци во Македонија, Лука Павиќевиќ, не ја криеше својата загриженост, откако за ПИНА истакна дека младите, а и граѓаните, немаат доверба во властите и системот на државата.
Павиќевиќ посочува дека ова континуирано го докажуваат многу истражувања и мерења на јавното мислење. Тој смета дека оваа недоверба и разочараност се должи на тоа што граѓаните се многу свесни дека сите реформи и подобрувања што надлежните помпезно ги најавуваат, како што вели, не го гледаат светлото на денот, односно нивните ефекти не се чувствуваат.
„И ова е вака последните неколку децении. Младите, бидејќи од раѓање се наоѓаат во ваков општествен контекст, никогаш не му ни верувале на системот за сега да ја изгубат довербата. Што се однесува до храброста на учениците да пријавуваат врсничко насилство, мислам дека сликата е мошне поделена. Дел пријавуваат, а дел никаде не се обраќаат, туку болката ја таложат во себе. Вториот дел честопати се и најголемите жртви. Понатаму, исто така ме загрижува и тенденцијата наместо да се побара помош од повозрасните, како родителите и наставниците, решението за насилството да се бара преку возвраќање со уште повеќе насилство“, вели Павиќевиќ.
Според претседателот на Сојузот на средношколци, меѓуврсничкото насилство е широкозастапено во училишта, иако секое училиште во Македонија има свој тим од стручни соработници, а регулативата предвидува формирање тимови за превенција на булинг составени од ученици под менторство на еден наставник.
„Не се случува само меѓуврсничко насилство, туку сведочиме и на насилство ученик-наставник и обратно, како и на насилство меѓу вработените во училиштата. Ова значи дека системот некаде потфрла, бидејќи неговото постоење на хартија не се преточува во реалноста. Сојузот на средношколци предлага создавање на протокол за нов модел на работа на училишните психолози. Праксата покажува дека овие стручњаци се обременети од административна работа, па не можат да им се посветат на корисниците на нивните услуги – учениците“, дециден е Павиќевиќ.
Тој посочува дека водејќи се од позитивните примери присутни во некои училишта во Македонија, Сојузот смета дека канцелариите на психолозите треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат „тет-а-тет“ средба со својот училиштен психолог. Според нив, ова треба да се заврши најдоцна до јули 2023, смета тој.
„Понатаму, свесни сме дека за ваква промена ќе бидат потребни обуки и доквалифакации за стручните служби и сметаме дека тие треба да се спроведат што поскоро, односно штом биде изготвен протоколот кој ќе го дефинира новиот модел. За да се осигураме во ефективноста на овие обуки, Сојузот предлага да се спроведе и тестирање, кое ќе ги мери стекнатите знаења. Доколку е можно, предлагаме оваа активност да се спроведе во текот на летниот распуст, односно во јули и август 2023 година. Во секој случај, сметаме дека со обуките мора да се заврши најдоцна до крајот на септември оваа година“, изјави Павиќевиќ.
Павиќевиќ за ПИНА дополнително истакна дека предлози на Сојузот на средношколци се преточени во две од владините препораки.
„Министерот за образование и наука ме покани мене како претседател на Сојузот на средношколци да присуствувам на средбата којашто тој ја одржа со претставниците на стручната јавноста на 5 мај во неговиот кабинет. На средбата ги претставив двата предлога коишто ги образложив во одговорот на претходното прашање, но презентирав и уште две мерки. Едната подразбира засилена соработка меѓу МОН и МВР за да се зголеми безбедноста на училиштата до крајот на оваа учебна година, а другата претставува надоградување на отворените електронски адреси за пријавување на насилство во училиштата преку отворање и на бесплатна телефонска линија, како и профили на социјалните медиуми. Вака ќе се зголеми достапноста на оваа платформа до младите“, вели Павиќевиќ.
„Според моите информации, веќе се работи кон имплементација на нови мерки за зголемување на безбедноста во училиштата, бидејќи Владата дискутирала за овие прашања на една од своите претходни седници. Што се однесува до нашите предлози за новиот модел на работа на училишните психолози, министерот за образование и наука ги објави десетте препораки на Владата на РСМ. Предлози на Сојузот на средношколци се преточени во две од владините препораки, односно училиштата да обезбедат просторни услови за психолозите да можат да остваруваат ‘тет-а-тет’ средби со учениците и да се формира работна група која ќе го изготви новиот протокол“, додава тој.
Министерството за образование и наука претходно усвои сет од вкупно 10 препораки наменети првенствено за училиштата, како и за останатите учесници во функционирањето на воспитно – образовниот систем.
Како што посочија оттаму, ова е со цел во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно во насока на подигнување на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство.
„Им препорачуваме на сите локални самоуправи во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа, да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште. Втората препорака е за Државниот совет за превенција на детско престапништво кој треба да достави информации за работата и колку општински совети за превенција се опфатени, a во следниот период да ја засили комуникацијата со Министерството за образование и наука во насока на преземање активности за градење на клима на доверба и добросостојба во училиштата, односно да се засилуваат превентивните мерки“, рече Министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Тој истовремено додаде дека во активностите на општинските совети за превенција треба да се предвиди вклучување на Сојузот на средношколци.
Инаку, според последните информации, на мејл адресите на кои беа отворени за пријавување насилство во училиштата, досега се пристигнати повеќе од 20 пораки. Како што посочи министерот Шаќири, во мејловите има и добри искуства, како и препораки од различни страни кои ги имаат решено проблемите.
Автор: Виктор Вукановски