Скок во место за слободата на медиумите во Македонија

0
132

Методологијата покажува позитивни трендови во слободата на медиумите во земјава, но во реалноста состојбите и натаму се негативни за што сведочи фелата како и искуството во медиумскиот сектор.

Извештајот на Репортери без граници кој годинава нотираше напредок во слободата на медиумите во Македонија даде позитивен сигнал и надеж дека состојбите се движат во вистинска насока, но притоа под површината се уште има недостатоци и проблеми со кои и денес се соочуваат новинарите и кои ги нотираат и новинарските синдикати и здруженија.   

Македонија се најде на 38 место на листата на Репортери без граници за 2022 година, за разлика од претходната година кога го заземаше 57 место од 180 земји. 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) скокот од 19 места го оценуваат како позитивен напредок и како сигнал да се продолжи во истиот правец и насока.  

Фрапантниот пласман, како што велат оттаму, се должи, пред сè, на измените на Кривичниот закон во делот на заштита на новинарите и третирање на делата кон нив. Нападот врз новинарот се третира како напад врз службено лице, како и дека обвинителството по службена должност ќе мора да отвори постапка за случајот.

Од ССНМ додаваат дека за нотираниот напредок придонело и именувањето од страна на ОЈО на обвинителката Искра Хаџи Василева како лице за контакт кое забрзано ќе постапува во предметите каде има напади врз новинарите, што е во најголем дел проект на ЗНМ, а безрезервно поддржан од ССНМ.

„Но одново, ова е само раздвижување во сегментот безбедност и слобода на луѓето што работат во медиумите, а главнината треба да се остварува дополнително зошто не можеме да побегнеме од фактот дека условите и безбедноста сè уште не се на нивото што го посакуваме. За нас во ССНМ во основа е големо прашање е дали слободата на медиумите во пракса соодветствува на 38. место од 180 земји во светот на листата на Репортери без граници, иако добро звучи“, оценуваат од ССНМ.

Со сличен став е и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде оценуваат дека напредокот значи многу и дека тие преку конкретните активности поврзани со безбедноста на новинарите придонесува кон подобрување на состојбата во овој поглед.

Од ЗНМ кое е член на регионалната мрежа Safe Journalists каде што покрај нив, членуваат новинарските здруженија и синдикати од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и Албанија потенцираат како и ССНМ  дека напредокот се должи на назначувањето на обвинител за нападите врз новинари и донесувањето на Законот за кривична постапка.

Доколку подетално се погледне напишаното во Извештајот, според ЗНМ ќе се забележи дека впечаток на Репортери без граници, кој секако е базиран на факти, покажува дека состојбата во пракса е малку поинаква. 

„За жал, сè уште живееме во политички поларизирано општество, односно како што е наведено таму во делот политички контекст – средината во која работат новинарите и медиумските работници остава можност за критичко известување, но се јавува проблем со транспарентноста, која според нашите податоци пак објавени во извештајот за показателите за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите за 2022 година, проблемот со ова е изразен повеќе на локално ниво. Токму заради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените“, оценуваат од ЗНМ.

Скок на листа, а тапкање во место

По низата постојани падови во изминативе години на листите кои ја оценуваат слободата на медиумите ширум светот, ова е еден од најдобрите извештаи за земјата, ако се суди според статистиката, бидејќи подобри сме биле само во 2009-та година кога бевме позиционирани на 34-то место. 

„Медиумските слободи се загрозени поради структурни проблеми, но Македонија покажува реален потенцијал за промени и има соодветен напредок“, се наведува во овогодинешниот извештај за слободата на медиумите кој го објави Репортери без граници.

Новинарските и медиумски организации сметаат има уште многу да се сработи за новинарите да можат да работат во реално слободни медиуми.

Од ССНМ се залагаат за поголеми права на медиумските работници и велат дека не може да има слобода на новинарите ако тие секојдневно се соочуваат со низа проблеми.

„Акцент треба да се стави на социо-економскиот дел, односно на сферата обезбедување на сите работнички права. Нема сигурност, па ни слобода на новинарите ако тие се соочуваат со проблеми од типот на хонорарен или ангажман на определено време, на нередовни и мали плати, на необезбедени лични и колективни права, како број на работни денови, одработени часови, загарантиран број на денови за одмор, платени празници, исплата на недела како неработен ден според законот, вкалкулиран минат труд, службени патувања итн“, велат од ССНМ.

Таквите појави, како што нотираат од синдикатот сè уште се сериозно присутни во нашите медиуми.

„Ние не можеме да зборуваме за слобода, бидејќи само од безгрижни вработени може да очекувате и квалитетни производи, слобода во изразот, во изборот на тема, во нејзината разработка и пласман. Но тоа е само едната страна, на втората се и државата која треба да ги стимулира новинарите на слободно информирање и сопствениците на медиумите кои треба да најдат интерес да ангажираат лица кои ќе можат и ќе сакаат, па и ќе имаат атрибути за работа во така сензитивна област како што е јавниот простор“, додаваат од ССНМ. 

Здружението на новинари има формирано и  регистар за напади врз новинари каде што се евидентира секој засебен случај и е јавно достапен на нивната веб страна. Од ЗНМ велат дека состојбата со транспарентноста на институциите е подобрена во споредба со периодот пред 2016 година. 

„Тоа што загрижува пак е дека новинарите забележуваат тренд на избегнување или недавање конкретни одговори од страна на претставници на одредени јавни институции на новинарски прашања. Со незадоволителната достапност на информации од јавен интерес, новинарите и медиумските работници се доведуваат во состојба на самоцензура“, истакнуваат од ЗНМ.

Од Здружението посочуваат дека потребно е да се направи многу повеќе во делот на усогласување на македонските закони со европските практики, доколку сакаме да станеме членки на ЕУ. 

Новинарите во домашната медиумска атмосфера се уште се соочуваат со бројни проблеми и предизвици во делот на безбедноста, работничките права но и со разни притисоци поради нивната работа. Неодамна и организацијата ПИНА објави публикација во која беа анкетирани 103 новинарки од нашата медиумска сцена, од кои над 81% кажаа дека биле изложени на онлајн малтретирање поради нивната работа, додека една третина од нив кажале дека се соочиле со организирани напади од разни извори.

Позитивен извештај, негативни оценки

На што се должи тоа што Македонија, според Репортери без граници, станала земја со најслободни медиуми  меѓу земјите од Западен Балкан и се позиционирала на овој извештај пред држави како Италија, Хрватска и Словенија? 

Извештајот кој констатира напредок е полн со негативни оценки за состојбата во македонското новинарство. Од таму е и сосема очекуван ставот на новинарите, здружението и синдикатот што на овој извештај не гледаат само како на една светла точка. 

Од Репортери без граници, во извештајот за Македонија наведуваат дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, сепак раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.  Се забележува и дека продолжува тенденцијата, владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите. 

„Иако е забележан напредок, новинарите во Македонија и натаму се соочуваат со нетранспарентно и нестабилно финансирање, конфликт на интереси, политички притисоци, кампањи за оцрнување и со малтретирање на социјалните мрежи“, истакна по објавување на извештајот Павол Салај, шефот на канцеларијата на Репортери без граници за ЕУ/Балкан.

Според Салај, напредокот е очигледен и навистина Македонија има заслужено позитивна оцена во сегментите кои тука директно се оценуваат.

Каква е методологијата на Репортери без граници?

За да се утври каде точно е забележан напредок, треба да се знае што точно оценува Репортери без граници. Ваквите извештаи се изработуваат по претходно добро дефинирана методологија. 

Целта на Светскиот индекс за слобода на печатот е да се спореди нивото на слобода која ја уживаат новинарите и медиумите во 180 земји и територии. Оваа споредба се заснова на дефиницијата за слободата на печатот формулирана од Репортери без граници и нејзините експерти при развивањето на новата методологија: 

„Слободата на печатот е дефинирана како способност на новинарите како поединци и колективи да избираат, произведуваат и шират вести во јавен интерес, независно од политичко, економско, правно и социјално мешање и во отсуство на закани за нивната физичка и ментална безбедност”.

Индексот е слика на состојбата во 180-те земји и територии во текот на календарската година (јануари-декември) пред неговото објавување. Сепак, треба да се гледа како точен одраз на ситуацијата во моментот на објавување.

Рангирањето на Индексот се заснова на резултат од 0 до 100 што се доделува на секоја земја или територија, при што 100 е најдобрата можна оценка (највисоко можно ниво на слобода на печатот), а нулата најлоша.

До овој резултат се доаѓа со пресметување врз основа на две компоненти:

1. Квантитативна пресметка на злоупотреби врз новинари во врска со нивната работа и против медиумски куќи;

2. Квалитативна анализа на ситуацијата во секоја земја или територија врз основа на одговорите на специјалисти за слобода на печатот (вклучувајќи новинари, истражувачи, академици и бранители на човекови права) на прашалникот достапен на 23 јазици.

Резултатот на секоја земја или територија се оценува со користење на пет контекстуални индикатори кои ја одразуваат ситуацијата со слободата на печатот во сета нејзина сложеност: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст и безбедност.

За секој индикатор се пресметува подружница која се движи од 0 до 100. Сите оценки за подружниците придонесуваат подеднакво за глобалниот резултат. И во рамките на секој индикатор, сите прашања и потпрашања имаат еднаква тежина.

  • Политички контекст

Има 33 прашања и потпрашања. Тие имаат за цел да го оценат степенот на поддршка и почитување на медиумската автономија наспроти политичкиот притисок од државата или од други политички чинители. Тука се оценува нивото на прифаќање на различни новинарски пристапи кои ги задоволуваат професионалните стандарди, вклучувајќи политички усогласени пристапи и независни пристапи. Степенот на поддршка за медиумите во нивната улога да ги повикуваат политичарите и владата на одговорност во јавен интерес, исто така е предмет на оценување во овој извештај.

  • Правна рамка

Во овој индикатор има 25 прашања и потпрашања. Тие се однесуваат на законодавната и регулаторната средина за новинарите, особено:степенот до кој новинарите и медиумите се слободни да работат без цензура или судски санкции или прекумерни ограничувања на нивната слобода на изразување; можност за пристап до информации без дискриминација меѓу новинарите и способност за заштита на изворите; присуството или отсуството на неказнивост за одговорните за акти на насилство врз новинарите.

  • Економски контекст

Составен е од 25 прашања и потпрашања.  Тие имаат за цел особено да оценат економските ограничувања поврзани со владините политики (вклучувајќи ја тешкотијата да се создаде медиум за вести, фаворизирањето во распределбата на државните субвенции и корупцијата); економски ограничувања поврзани со недржавни актери (рекламни и комерцијални партнери); економските ограничувања поврзани со сопствениците на медиумите кои сакаат да ги промовираат или бранат своите деловни интереси.

  • Социокултурен контекст

Индикаторот е составен од 22 прашања и потпрашања. Тие имаат за цел да оценат социјални ограничувања кои произлегуваат од оцрнување и напади врз печатот врз основа на прашања како што се пол, класа, етничка припадност и религија. Се оценуваат и културни ограничувања, вклучително и притисок врз новинарите да не се сомневаат во одредени бастиони на моќ или влијание или да не покриваат одредени прашања бидејќи тоа би било спротивно на културата што преовладува во земјата или територијата.

  • Безбедност

Дванаесет прашања и потпрашања се однесуваат на безбедноста на новинарите. За таа цел, слободата на печатот се дефинира како способност за идентификување, собирање и ширење вести и информации во согласност со новинарските методи и етика, без непотребен ризик од телесни повреди, психолошка или емоционална вознемиреност што може да резултира од заплашување, принуда, вознемирување, надзор, понижувачки или говор на омраза, оцрнување и други закани насочени кон новинарите или нивните најблиски.

Вперен прст наместо ,,тапкање по рамо“

Заедничкиот впечаток на новинарскиот синдикат и здружението е дека со децении водат една иста битка, а тоа е новинарите – да работат во слободни медиуми. Извештајот кој ја става Македонија на една од повисоките позиции, треба да биде само показател дека може подобро, а никако не смее да се прими како информација дека е направено доволно.

„Затоа, Репортери без граници и нивната листа останува да биде вперен прст кон реалните проблеми со кои новинарите и медиумите секојдневно се соочуваат. Високата позиција не смее да се доживее како ,,тапкање по рамо“ дека новинарството станува се послободно и бидејќи колку и да е подалеку од заробено, реалната слика покажува дека не е ни близу до слободно“, е заклучокот на ССНМ и ЗНМ.

Авторка: Ивана Ефремовски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА